Пелистер значи дома: Виктор Апостоловски за македонските природни убавини
За него Пелистер е дома, најубаво се одмара во Ниже поле и Брезово, а колку е вљубен во македонските природни убавини говори фактот што неколку негови видео записи се снимани токму на едни од најубавите македонски места. Женски Магазин во разговор со македонскиот идол, ви открива што е она што најмногу го инспирира Виктор Апостоловски.
А да и да не ги заборавиме прекрасните фотографии од архивата на Виктор кои често привлекуваат внимание на социјалните мрежи.
* Како го поминуваш периодот на изолација?
- Па, прилично креативно! Обично 24 часови во денот ми се малце за да постигнам се што сакам, особено кога на тоа ќе додадеш обврски, настапи, пријатели, дружби и слично. И кога почна карантинот, сите тие „обврски" ги снема, останавме само јас и мојата прва љубов - музиката. Покрај проектите што ги правев за други, си снимив и цел албум за мене, така што полека полека, наскоро, ќе почнат да излегуваат песните една по една.
* Со оглед на тоа што си вљубеник во македонските убавини и природа, кои места најчесто ги посетуваш?
- Најчесто сум Нижеполе, бидејќи како Битолчанец, тоа ми е најблиску. Исто така многу често сум во местото од каде потекнува татко ми - Брезово. Тоа е едно планинско село во Демирхисарскиот регион, со преубава природа!
Покрај тие две дестинации, кои ми се како дома, како поранешен пливач, ги сакам и сите места кај што можам да се искапам! Така што, Претор, Охрид, Струга на Дрим, Дојран, многу реки, вештачки езера и т.н.
* Колку македонската природа е инспиративна за снимање видео записи ( се сеќаваме на некои од нив снимани на прекрасни места)?
- Многу! Има прекрасни видео записи од нашата земја! И тоа повеќето се снимани на истите места. Има прекрасни недопрени предели, но никој не сака да се помачи и да организира снимање на така далечни места! Сите сакаат да снимаат кај што снимал некој друг, бидејќи нели, тие се фенси личности и одат на фенси места. Ретко кој го истражува непознатото!
- Нема битолчанец кој не е вљубен во Баба планина и Пелистер. Што Пелистер значи за тебе?
- Се! Пелистер значи дома! А нигде не е како дома!
* Езеро или планина?
- Езеро на планина!
* Виктор е вљубеник и во фотографијата, па неговите фотографии привлекуваат се повеќе внимание на социјалните мрежи. Како започна таа приказна?
- Да бидам искрен, порано воопшто не сакав да седам и да чкрапам со телефонот секаде кај што ќе одам и од се што ќе стигнам. Но, присилен од неодговорноста на „професионалците" кај нас, почнав сам да си ги снимам спотовите, па за таа намена си купив камерче. И пред неколку години имав ептен напорна Новогодишна вечер. Претходните денови имав по еден настап, а таа вечер свирев на 2 места, вкупно околу 8-9 саати, па наредниот ден бев толку преморен, што не сакав ништо друго да правам! Си го зедов апаратот и отидов до Молика. Дишев убав воздух и си сликав рандом слики од природата. И сосема случајно, тоа стана едно хоби што сега многу си го сакам!
* Кои места во Македонија би ги препорачал на твоите пријатели од другите држави, а кои на пријателите од Македонија?
- На сите би им препорачал да ја истражуваат Македонија! Имаме прекрасни места! Пештери, кањони, планини, природни и вештачки езерца, преубави карпести предели, преубави села кои за жал се скоро напуштени.
Имаме еден тон убавини! Само за жал, како народ, никогаш не сме знаеле да си го цениме нашето! За зборување не бива, ама за ценење, цениме само туѓо! Нашето стои така.
* Интересна авантура низ некое македонско туристичко место?
- „Смешчај дан требит" е стално интересна авантура! Мислам беше 2017та, го снимав спотот за песната „Not On You", во Охрид. И за да не не прекинуваат луѓе, да не сметаме и да го направиме видеото автентично, со глумицата решивме да бараме дива плажа. И некаде таму после Пештани, пред Трпејца свртивме на еден земјен пат десно. Можевме колата да ја оставиме горе, ама не! „Спаркчето е џип! Оди сегде!".
И тоа навистина оди секаде, ааарно ама овој пат имало мака, а јас немав појма. Слеговме долу, приватни плажи, пробавме да си одиме, арно ама, колата не одиии. И останавме среде нигде! Никој не доаѓа да те извлече, да ти помогне! Е сега навистина зајдисонцето беше прекрасно, ама кога си нервозен и одговорен и за други покрај тебе, не успеваш да уживаш во тие убави моменти. Наскоро се стемни, слушаш звуци од природата, животни. Среде нигде! Девојчето уплашено, а долу на плажа има две вили со луѓе со џипови, ама никој не сака да помогне! Хаос! И некаде кон 12 ноќта слушнавме кола! Еден од џиповите тргна нагоре! И јас им застанав на сред пат! Не се тргам дур не ја запнеме и мојата кола! Човекот одвај се убеди, не извлече горе и не остави на сред главен пат со расипана кола! Па така наредниот ден мораше да снимаме набрзина, ама авантурава ќе остане во меморија за секогаш!
Повеќе фотографии од македонските, но и светските убавини може да погледнете и на страницата „Visions by VA“, а до тогаш уживајте во уште еден мал дел од богатата фото архива на Виктор Апостоловски.
П.С. И посетувајте македонски убавини.
Неда Маретиќ