Пепа Димитрова со моќна порака за поддршка на жените

Добивај вести на Viber

Поранешната победничка на фестивалот „Охрид фест- Охридски трубадури“, Пепа Димитрова, ја претстави новата песна чиј комплетен автор е Владимир Дојчиновски. Станува збор за темата „Лага“ за која сними и спот на повеќе локации во главниот град, а режисер на видеозаписот е Александар Ристовски-Принц.

Пејачката која минатата година промовира етно-џез верзија на празничниот хит „На Велигден“ оригинално отпеан од Џокси вели дека нејзиниот нов проект е моќна порака за поддршка на жените кои самоуверено чекорат кон остварувањето на своите цели.

- Оваа песна им ја посветувам на дамите кои секојдневно ме инспирираат со своите приказни, на дамите кои со својата работа се трудат да ја променат колективната свест. Ги охрабрувам сите жени да бидат со кренати глави, да уживаат во оваа нумера која посебно треба да ги мотивира и инспирира да чекорат напред и да не се плашат од промени – објаснува пејачката.

Естрадната кариера почна да ја гради пред шест години. Вели дека отсекогаш ја сакала музиката благодарение на мајка си и на брат ѝ кој своевремено свирел клавијатури во составот „Гаро и Парамециум“.

- Најмногу се пронаоѓам во забавната, односно, популарната песна. Ја почитувам и народната музика, особено изворните песни, кои ги пеам со душа за себе и за пријателите – искрена е Димитрова.