Пепи, те сакам: Последната песна на Аки Рахимовски снимена во Скопје е „Ако згрешам, нека изгорам“ со браќата Тавитјан
Аки Рахимовски
бил емотивно врзан за песната „Ако згрешам, нека изгорам“ од Пепи Бафтировски.
На негова желба, тој снимил преработка на оваа песна во студиото на браќата
Тавитјан во Скопје.
За жал, Аки не ја дочека да се промовира оваа емотивна балада, чиј нов аранжман го направи Диран Тавитјан, кој ги отсвире и клавијатурите. Тажна, но и силна симболика имаат стиховите на оваа песна која ја напишаа Миле и Ѓорѓи Барбаровски, сега, кога ниту Пепи ниту Аки не се веќе меѓу нас. Ова е последната песна на Аки, снимена во Скопје.
-Голема болка е заминувањето на Аки Рахимовски во вечноста. Целиот Балкан деновиве се сплоти да му изрази почит на овој рок великан што уште еднаш потврдува колкаво дело и трага тој остави во музичката историја на Балканот и пошироко“, ни рече Диран Тавитјан.
-Тој беше наш близок семеен пријател и секогаш кога доаѓаше во Македонија да ја посети својата мајка и пријателите, доаѓаше кај нас во студио и снимавме, музициравме и се дружевме до утринските часови. Тој многу ја сакаше песната "Ако згрешам нека изгорам" изведена од Пепи Бафтировски и имаше желба да сними своја изведба. Тоа и го реализиравме при една негова посета при што Аки направи маестрален перформанс со длабока емоција. Ова е и последната песна што тој ја сними кај нас во Скопје. На негова желба и во негова чест и ја објавуваме. Вечна ти слава Маестро, почивај во мир“, додаде Тавитјан.
На крајот од новата верзија најпечатлив дел е шепотењето на Рахимовски кој вели: Те сакам Пепи. Во чест на семејниот пријател, браќата Тавитајн ја продуцираа оваа песна, а Гаро јуниор создаде емотивно видео со снимки и фотографии од Аки.
Фронтменот на „Парни Ваљак“ почина на 22 јануари во Ново место, Словенија. Завчера во Загреб, тој беше испратен со сите почести на гробиштата Мирогој, во Алејата на великаните, завиткан во македонското знаме, со песната „Зошто си ме мајко родила“.
Слушнете ја безвременската „Ако згрешам, нека изгорам“, во изведба на Аки Рахимовски и браќата Тавитјан.
М.Џаровска