Пере од Нокаут: По трет пат ќе станам татко на ќерка- Победничката песна на Макфест „Сакам да живеам“ ја посвети на неговата нова сопруга Јована

Култниот бенд „Нокаут“ својата богата 24 годишна кариера ја збогати со уште едно признание – победа на јубилејното 35. издание на фестивалот „Макфест 2020“ со темата „Сакам да живеам“. Фронтменот на групата Никола Перевски – Пере, чувството по победата го опиша како ,,катарза“, бидејќи ова е нивна прва фестивалска награда, која ја добива во период на многу убави мигови и во приватниот живот. 

- Во стиховите на темата „Сакам да живеам“ се содржани последните неколку години од мојот живот. Секој  збор во нив има симболика и отсликува реални сцени од мојот живот. „Птицата во мрак“ е љубовта која слета на мојот праг во вистинскиот момент. Таа се вика Јована. Со неа почнувам нов живот со заеднички победи. Таа е љубовта која ми ја дава најголемата поддршка во работата. Наскоро ќе станеме родители на девојче. По трет пат ќе станам татко на ќерка – открива Перевски на почетокот од нашиот разговор. .

УЖИВАМ ВО КРЕИРАЊЕТО НА ЗАЕДНИЧКИТЕ ПЛАНОВИ СО ЌЕРКИТЕ

ЖМ. Во песната има еден стих „Сакам да полетам, земји да прескокнам“. Со оглед на фактот што еден период живееше и се школуваше во Барселона, дали често поради неа доаѓаше во Македонија?

- Токму така, периодот кога студирав во Барселона навистина прескокнував земји за да ја видам мојата љубов, мојата радост. Истовремено доаѓав и за да го одржам континуитетот на настапи со Нокаут. Често пати ги прескокнував земјите и во мислите,  не само физички. Му благодарам на Бога, сега веќе нема потреба да го правам тоа.  Заедно сме, градиме заедничка иднина и ја продолжуваме нашата љубовна приказна. Во Барселона завршив аудио продукција на катедрата за електронска музика на реномираниот институт „САЕ“.

ЖМ. Наскоро повторно ќе станеш татко. Какво е чувството, како ти поминуваат деновите?

- Иако веќе имам две ќерки од првиот брак, повторно ја чувствувам истата трема и возбуда. Веќе сум искусен татко, постарата ќерка Михаела има 21 година, а помалата Каја, 13 години. Пресреќен сум и возбуден. Ги гледам како растат двете. Уживам во креирањето заеднички планови, во кои секако се вклучени и тие. Најголем дел од летото го поминавме во Охрид. Паралелно работам и на новиот албум. Оваа 2020 година, иако на многу полиња беше тешка, на приватен план е една од најубавите во мојот живот.   

„НОКАУТ„ НЕ СПИЕ, ДУРИ И КОГА ИЗГЛЕДА ТАКА

ЖМ. Перфекционист си по природа. Колку време се создаваше макфестовската победничка тема?

- Таков сум за многу работи во животот. Дури и во готвењето. Не дозволувам ништо да излезе во јавност, додека не сум сигурен сто отсто дека вреди да биде потпишано со моето име и „Нокаут“. Конкретно „Сакам да живеам” ја работев речиси три години. Песната помина низ многу различни фази и се менуваше како што всушност мене ми се менуваше животот. И ете за среќа, ја финализиравме токму во моментот кога ја добивме поканата да учествуваме на „Макфест“. Заедно со бендот, текстописецот Огнен Неделковски, неговиот син Филип, со кого работев на музиката и продуцентот Дарко Димитров, бевме сигурни дека имаме комплетна песна која заслужува да биде премиерно изведена на јубилејното издание на фестивалот. Наградата само ни го потврди тоа. 

ЖМ. Кои се идните планови на „Нокаут“? 

- ,,Нокаут“не спие, дури и кога тоа изледа така. Активно работиме на новиот албум, кој се надеваме дека ќе биде готов многу наскоро. Среќа,  конечно почнаа работите да се враќаат во нормала, па имавме неколку прекрасни настапи, од кои би ги издвоил концертите на Античиот театар во Охрид и на сцената на битолската Хераклеа. Тоа беа две преемотивни средби со нашите фанови, во прилично необични услови. „Тhe park festival“ во Гостивар, исто така беше одличен настан кој ќе остане во долго сеќавање кај мене и кај целиот бенд, како преубаво и емотивно искуство. Очекуваме уште многу настапи и нови песни. Посакуваме што поскоро да заврши ова лудило, за да им се вратиме на нашите нормални животи. Но, за да се случи тоа, мораме да бидеме совесни, да се придржуваме до мерките за заштита и да држиме безбедна дистанца.   

Соња Алексоска Неделковска