ПЕСНИ ШТО ГИ САКАТЕ ОД ПЕЈАЧИ И АВТОРИ ШТО ГИ „ХЕЈТАТЕ“
Реномираниот британски музички портал и поранешен магазин New Musical Express (NME) пред неколку дена објави интересна плеј-листа со песни што ги сакаме од бендови што ги мразиме. Испровоцирани од овој микс, одлучивме да ве потсетиме на неколку македонски хит-рефрени од автори и изведувачи кои честопати биле мета на дежурните „хејтери“.
„Посилни од сѐ“ (Ѓорѓи Крстевски)
Сѐ уште сме во дилема дали песните со кои ја опејува македонската историја и со кои ги афирмира семејните вредности му донесоа нешто позитивно во кариерата, но факт е дека Ѓорѓи Крстевски има повеќе хитовски рефрени кои и денес се пуштаат на радио. Ена од нив е оваа тема.
„Јас си заминувам“ (Јован Јованов)
Правеше музика за предизборни кампањи, неговото име се врзуваше и за фестивалски местенки, еден од најплодните, но и најозборуваните македонски автори. Пред неколку месеци токму во интервју за „Женски магазин“ зборуваше за негативните коментари и како се справува со истите.
-Луѓето веруваат во тоа што ќе го прочитаат. И нормално, некои од нив си прават забава и вицови, а некои пишуваат навреди, зошто мислат дека има неправда. Зависи од медиумите на кој начин ја пренесуваат веста. Ние како народ сме генерално завидливи и негативни – рече меѓу другото Јованов кој веќе две години со семејството живее во Канада.
„Овој ритам е јак“ (Марјан Стојановски)
Оние што не се комплетно имуни на домашната музичка продукција, барем еднаш ја слушнале оваа песна која беше неверојатно популарна во времето кога Стојановски ја издаде. И покрај тоа што се повлече од јавноста, Марјан кој денес е хорист во Македонската опера и балет, сѐ уште важи за еден од најквалитетните интерпретатори во својата генерација.
„Постела рози“ („Куку
леле“)
Иако ретко дава интервјуа (можеби новинарите ретко и му бараат), креаторот на популарното дуо, Роберт Саздов, постојано е под лупа, особено кај твитер-заедницата. Со неговата појава често е инспирација за статуси на социјалните мрежи, но остана еден од ретките домашни артисти кој со децении редовно ги полни ноќните клубови.
„Пијан и млад“ (Сашо Спасовски)
Имаше сериозни „пет минути“, но го снема преку ноќ и со години се нема огласено во јавноста. Медиумите пишуваа дека поп-музиката ја заменил со опера, па дури и дека почнал да изработува натални карти..
Ѓорге Стојанов