ПИШУВА ПОЕЗИЈА И СВИРИ ПИЈАНО: Што (не) знаеме за г-ѓа Маја Иванова?
Улогата на сопруга на претседател е привилегија, но и улога која со себе носи голема одговорност. Оние што ја познаваат, велат дека г-ѓа Маја Иванова е непосредна и отворена за комуникација, а ние ви пренесуваме неколку интересни моменти кои можеби не сте ги знаеле за неа
Пишува поезија и свири пијано
За нејзината збирка посветена на Скопје ја доби престижната награда „13 Ноември“. Во една прилика раскажа дека сака да пишува поезија и дека тоа повеќе го правела во младоста.
- Секој автор има свој печат, свој одраз во стиховите што ги создава. Моето творештво секогаш беше проследено со силни емоции и мисли–откри г-ѓа Иванова.
Во оваа животна фаза повеќе се занимава со музиката. Свирењето пијано навистина ја исполнува, како што вели, ѝ ја олеснува душата и ѝ дава мир, исто како и пишувањето поезија.
Пост пред семејната слава
Семејна слава на Иванови им е Петровден. Тогаш во нивниот дом се собира најтесниот круг на семејството. На тој ден, традиционално, како што е редот и обичајот, г-ѓа Иванова го приготвува славскиот колач кој рано наутро го носат во црква на спевање, заедно со црвеното вино и пченицата. Во текот на целиот ден, пред иконата на Апостолите Петар и Павле, во домот на Иванови е запалено кандило и гори свеќа. На празникот му претходи пост, што таа вообичаено го практикува.
„Сопруга“ наместо „Прва Дама“
Секогаш претпочита да ѝ се обраќаат со „сопруга на претседателот“, бидејќи, според неа, кај нас не постои некаква формална рамка за улогата и функцијата „Прва дама“.
- Сметам дека улогата на сопругата на претседател како животен сопатник е сè повеќе инклузивна во општественото живеење. Години наназад жените во светот, носители на оваа позиција, водени од своите идеи и желби да го дадат својот придонес во одредени сегменти на општественото живеење ја дефинирале титулата „Прва дама“ и нејзината улога. Постојат многу сфери во општеството каде што се вклучени првите дами, политиката, културата, здравствената и социјалната заштита на жените и децата. Најчесто првите дами во светот се вклучени во најразлични хуманитарни активности, што е природно една жена да сака да ги вложи своите напори и да ги искористи своите можности онаму каде што е најпотребно. Сепак, сакам да нагласам дека колку сопругата на претседателот ќе биде активна во општествениот живот, пред сè зависи од нејзината личност – изјави г-ѓа Иванова во интервју за порталот на агенцијата „Марили“.
Хумани вредности
Г-ѓа Маја Иванова редовно ги поддржува иницијативите кои се во духот на хуманоста. Под нејзино покровителство пред седум години во Македонија за прв пат беше одбележан Меѓународниот ден на аутизмот. Во континуитет, преку разни иницијативи, ги поддржува жените во надминување на своите предизвици на повеќе општествени полиња. Активно е вклучена и во борбата против ракот на дојка.
Подготви: Ѓорге Стојанов
Фото: Архива од Фејсбук-страната на Претседателот Ѓорге Иванов