Планирам да ги посетам и фотографирам сите 1645 села во Македонија, и притоа да издадам монографија: Кристина Паскоска за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Кристина Коларовска Паскоска, по родум од скопската населба Драчево е вљубеник во природата, животните, танцот и музиката. Дипломира на Институт за етнологија и антропологија во 2020 г., на темата "Етнографија на развојот на современата танцова сцена во Скопје", во рамки на истата создава и етнографски филм "Етнографија на танцови приказни". Во екот на пандемијата влегува во историјата како првата студентка која дипломира онлајн. За време на студиите, во 2015г. заедно со нејзините колеги го формираат првиот студентски етнографски филм фестивал- ЕТНОФФ, кој веќе од 2020 година носи титула на Меѓународен фестивал на етнолошки филм(ЕТНОФФ) а од оваа година 2024 се подготвува неговото јубилејно 10-то издание. На 23 ти декември 2020 година го креира нејзиниот блог "Мекам" и фб фан страната Мекам - за сите сетила, станува збор за живописни патописи, визуелна етнографија, фотографија, доживувања, музика и танц, документарни филмови. Љубовта кон Македонија и антропологијата ја предизвика искрата да се искреира блогот, да создаде свое катче, место под сонцето, каде што го имплементира сето знаење кое го поседува во културата на Македонија, а со тоа нејзината публика ќе биде оплеменета за навек. "Од мекам за мекам" ; "Од душа за душа". Неодамна, во рамки на првото издание на Драчевски Фештивал ( Фестивал на култура, забава, знаења и пријателства), придонесе и со своја изложба на фотографии насловена "Драчево: Некогаш и сега". Фештивалската еуфорија започна на 21 а заврши на 23 декември во Домот на Културата во населбата Драчево, во организација на Горазд Кени Китановски и Радио Радосно Драчево.


ЖМ: Кристина Коларовска Паскоска  вие сте блогерка, фотограф, етнолог и антрополог. Сите овие професии се некако сами по себе поврзани. Која ви е да речеме најблиска до вас како личност и со која најмногу се занимавате, односно и посветувате внимание?

-  Сите овие професии како што и вие самата рековте, се поврзани меѓусебно, односно не можат едни без други па токму поради тоа и не би можела да издвојам една од нив.


ЖМ: Често патувате во внатрешноста на државата, во селата, колку тоа ве исполнува духовно, што ви е најубаво од тие посети?

- Колку Македонија е преубава земја, колку зрачи со автентичност, вистински мозаик од богато културно нематеријално и материјално богатство. Секое село и град, нанижано како бисер ја разубавува секоја нејзина страна. Нивната местоположба, богатата архитектура, историја, природа, секое сокаче, калдрма - создава поезија.

ЖМ: Рековте дека сте и блогерка. Од каде потекна идејата за вашиот блог Мекам.мк ? Од каде идејата за ова име, раскажете ни нешто околу тоа?

- Љубовта кон Македонија и антропологијата, ја зачна искрата да се создаде блогот. Сето знаење со кое се здобив при студиите, го применувам и презентирам на начин кој е достапен за сите. Етимологијата на зборот Мекам е изведеница од турските зборови - мерак и мевлем, кои означуваат задоволство. Па и оттаму содржината на моите досегашни дела е напишана од срце, од душа, со задоволство... Станува збор за живописни доживувања поткрепени со научна студија, истражувања и авторска фотографија. Од мекамза мекам (од душа за душа).


ЖМ: Неодамна, во рамки на првото издание на ДрачевскиФештивал (Фестивал на култура, забава, знаења и пријателства), придонесовте и со своја изложба на фотографии насловена "Драчево: Некогаш и сега". Колку сте задоволни од настанот, дали се потребни повеќе такви настани на општински нивоа, што мислите вие?

- Задоволна сум како мина мојта изложба, воопшто самиот фестивал, како за прво издание доби голем одзив и тоа е навистина прекрасно. Сметам дека е потребно во секоја општина да се активираат настани од областа на културата. Живееме во тешки времиња, а повеќето културни настани се скоцентрирани во центарот на градот, и не секое семејство може да си приушти културно продуховување (кино, театарска претстава, изложба, музички настан и итн.) доколку живее во подалечна населба или пак село. Затоа би било убаво да се пробуди културата во градот насекаде.


 ЖМ: Вие сте дел од тимот кој пред неколку годиниго формираше и првиот студентски етнографски филм фестивал - ЕТНОФФ, кој веќе од  2020 година носи титула на Меѓународен фестивал на етнолошки филм (ЕТНОФФ) а од оваа година 2024 се подготвува неговото јубилејно 10-то издание. Дали може да ни кажете нешто повеќе околу подготовките, планот, што како ќе се случува и одвива?

- Сѐ уште е рано да говорам за програмата на Јубилејното 10-то издание на ЕТНОФФ затоа што далеку е месецот (септември) на одржување, но тоа што можам да ви го кажам е дека ќе се одвива во повеќе денови. Покрај филмските проекции, програмата  ќе биде исполнета и со работилници, изложби, предавања и музички дел.


ЖМ: Ваши идни планови, следна изложба или ?

- Во план ми е да ги посетам и фотографирам сите 1645 села (раселени и активни) во Македонија, и притоа да издадам монографија со живописни патописи и раскошни наслови.


ЖМ: Која е Кристина приватно. Колку години имате, како изгледа еден ваш ден?

-  Дете од деведесеттите години, со зачувани животни вредности и широки светогледи. Сопруга и мајка, романтична душа. Еден мој ден започнува со прегратките на моето петгодишно синче, да се биде мајка сметам дека е најубавата улога во светот. Денот е исполнет, низ игра и смеа, се спознаваме себеси и учиме за нештата што не опкружуваат. Син ми, малото мекамче како што милувам да го наречам, е мој верен сопатник во патувањата. Патувањата се значајни кога ќе имате со кого да ги споделите.


ЖМ: Често се опишувате себеси за вљубеник во природата, животните, танцот и музиката. Што правите најчесто во слободно време ?

- Кога не одам во природа, танцувам. Танцот е мојот медиум за себеизразување. А музиката е мојот лек. Тие две едно без друго не можат. Не би можела да си го замислам денот, воопшто животот без музика.


ЖМ: Што ве мотивира во животот?

- Добрите дела на луѓето насекаде низ светот.


Ирена Ставрова