Пливај и нарачај си песна од езеро: Музичари од кајче исполнуваат музички желби во Охрид

 Вистинска атракција денеска во Охрид е чамец со музичари кој кружи низ плажите околу делот на Свети Стефан. Во кајчето, весла еден насмеан господин, ги пее најубавите македонски народни песни, а го придружува хармоникаш. Уште двајца весели пријатели се со нив во чамецот, наздравуваат со пиво и пеат на цел глас. 

Оваа глетка немаше да биде толку необична и впечатлива ако чамецот не им се доближеше на луѓето кои се капеа во езерото. 

 -Господине, која песна ја сакате вие?", праша сопственикот на чамецот? 

"Милке душо", му одговори човекот, и музичарот веднаш ја засвире на хармоника. Откако заврши со оваа музичка желба, чамецот продолжи да плови понатаму и ги исполнуваше желбите и на другите туристи. 

Секоја чест за оваа оригинална идеја и позитивната атмосфера, коментираа гостите на плажата кои му дадоа аплауз на капетанот. На крајот, тој ги поздрави и им порача: Сакајте се луѓе, животот нема реприза. 

(М.Џ.)