По 25 години, македонски филм повторно ќе се натпреварува за „Оскар“

Добивај вести на Viber

По цели 25 години, македонско остварување ќе се натпреварува за најпрестижната филмска награда Оскар. „Медена земја“ е номинаран во категориите Најдобар документарец и Најдобар странски филм. Нашата земја испиша историја на најпрестижното филмско натпреварување. Првпат сме во трка за дури два оскара.

Единствениот македонски филм кој претходно добил номинација за Оскар е „Пред дождот“ на Милчо Манчевски во 1995 година. Уште еден наш филм, но како југословенски кандидат за најпрестижната филмска награда, беше документарецот „Дае“ на Столе Попов пред точно 40 години.

Македонското ремек-дело на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е совршена приказна со универзален одглас за последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа за која светот изминатиов период не престана да зборува за нас. По победата лани на Санденс, филмот не престана да собира награди на различни континенти, а многу влијателни светски медиуми го ставија во Топ 50 најдобри филмови за 2019 година.