По тешка сообраќајна несреќа, живее втор живот: Дваесет и седум годишниот охриѓанец, по 77 дена во болница, си замина дома
Откако доживеа страшна сообраќајна несреќа, дваесет и седум годишниот Алпај Муфти од Охрид доби втора шанса за живот во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Тој беше примен во животозагрозувачка состојба. Во болницата тој помина цели 77 дена, а медицинскиот тим на чело со д-р Караѓозов и преостанатиот персонал деноноќно се грижеа за него.
Шанса за втор живот
- Алпај доживеа тешка сообраќајна несреќа на автопат во близина на Охрид. Бевме преплашени, беше во тешка состојба, имаше многу тешки повреди и инсистиравме да го донесеме во Клиничката болница ’Аџибадем Систина‘ бидејќи само тука го баравме спасот. Кога стигнавме, д-р Митко Караѓозов го прими во раните утрински часови и да не беше тој, сега Алпај можеби ќе имаше друга судбина“, велат од семејството на Алпај.
Алпај бил пренесен од друга медицинска институција по претходен договор, неколку часа по сообраќајната несреќа, каде што му била дадена прва медицинска помош, политрауматизиран и во крајно тешка општа состојба.
- Пациентот беше во кома со сериозна траума на градниот кош и повреда на левото белодробно крило, со скршеници на коските на главата, телото, фрактура на прешленско тело и фрактура на клучна коска. Од првиот момент кога го донесоа во нашата болница, го сместивме на интензивна нега и беше поставен на апарати. Додека беше во кома, координирано се направи операција на фрактура на левата клучна коска од страна на специјалистите по трауматологија, проф. д-р Јордан Савески и д-р Неда Трајковска, а јас ја извршив операцијата на левото белодробно крило. Со овие операции успеавме да ги решиме последиците од повредите. Исто така, кај Алпај беше направена и трахеотомија“, вели д-р Караѓозов, специјалист по тораковаскуларна хирургија.
Од семејството на Алпај во тие тешки моменти на неизвесност, утеха барале само во зборовите на д-р Митко Караѓозов. Од првиот до последниот ден, велат дека биле информирани за текот на лекувањето и состојбата на Алпај и немаат зборови со кои би можеле да му се заблагодарат на д-р Караѓозов, Клиничката болница „Аџибадем Систина“, сите доктори што беа вклучени во третманот на Алпај, медицинските сестри и преостанатиот персонал, кои им ја даваа најголемата поддршка овие два и пол месеци.
- Во болницата сме два и пол месеци, воопшто не ни беше лесно, ни на нас родителите, ни на неговиот брат. Алпај остана жив благодарение на докторот и комплетниот медицински третман во оваа болница. Докторот ни велеше дека ако има век, ќе има и лек. Имавме голема доверба во д-р Караѓозов и неговиот збор. Лично не го познававме претходно, но имавме слушнато само пофални зборови за него и неговата стручност, како еден од најдобрите во својата област. Денес сме му благодарни за неговата максимална посветеност и стручност, кои ги вложи во грижата за нашиот Алпај“, велат од семејството. Д-р Караѓозов вели дека случајот на овој пациент е доказ дека „Аџибадем Систина“ е клиничка болница која овозможува мултидисциплинарен пристап кај најкомплексните пациенти. „Во неговото лекување учествуваа: неврохирурзи, трауматолози, максилофацијални хирурзи, тораковаскуларни хирурзи, абдоминални хирурзи, кардиолози, пулмолози, ендокринолози, невролози, гастроентеролози, физикални терапевти, рендгенолозите, трансфузиолози и психијатри, сите доктори и сестри од Одделот за општа интензивна нега на чело со д-р Никола Шиков и целиот персонал од Одделот за тораковаскуларна хирургија.
Алпај си замина дома
Алпај беше испратен дома со насмевки и прегратки од страна на докторот и целиот тим на Одделот за тораковаскуларна хирургија, каде што стекна нови пријатели со кои ги поминуваше деновите за време на својот престој.
- Се чувствувам добро. Во ниту еден момент не бев оставен сам. За мене се грижеа најдобрите доктори и медицински сестри во Одделот за општа интензивна нега и на Одделот за тораковаскуларна хирургија, како и останатиот персонал, изјави тој.
Фото:Аџибадем Систина