„Победата ја достигнуваат само храбрите, биди и ти една од нив“: Викторија Костадиновска, писателка со автентичен стил
Скопјанката Викторија Костадиновска авторка на книгата „Победникот беше таа“ ќе ви го разубави денот со нејзините цитати. Една инспиративна личност која мотивира во секоја смисла, а изненадува и со изгледот, посебно нејзината коса со „џинџер“ нијанса.
24 годишната писателка има завршено средно медицинско училиште, отсек фармација, но како што тврди не се пронашла во таа професија. Трагајќи по работна позиција континуирано си ја негувала дарбата за пишување и секојдневно креирала мотивирачки цитати коишто ја предизвикале да мисли позитивно, и кои ѝ помогнале да верува во невозможното дека еден ден ќе стане возможно.
Истакнува дека освен што обожава да пишува, сака и да црта и во слободно време пешачи и одвојува време за читање на книга. Утрото го започнува со искажување на афирмации, благодарности за се‘ што поседува, и се заблагодарува за новиот ден. А потоа подготвува кафе кое го пие во придружба со нејзиниот партнер.
„Вообичаено практикувам најпрво да консумирам вода за активација на организмот, а по дваеесет минути да си направам кафе или чај за да ми допринесе дополнително будење на моето тело. Според мене кафето е здрава напивка доколку се консумира во одредени количини, бидејќи какошто напоменав предизвикува будење на нашето тело и доведува до зголемување на нашата продуктивност за пофокусирано да ги одвиваме нашите дневни активности“.
„Кафето го подготвувам на поинаков начин, бидејќи како љубител на млеко и водење на здрав живот јас тежнеам да избирам здрави рецепти, и затоа кафето го правам со две лажички нескафе го матам и додавам топло органско млеко и една лажичка кафеав шеќер“.
Викторија денес работи во банка, а во иднина сака да продолжи со издавање на уште книги на кои таа би била потпишана како автор, а што е она кое ѝ дава дополнителна енергија освен испиената шолја кафе вели:
„Слободното време го користам за тренирање дома, кое ми ја поткрева енергијата и се чувствувам мотивирано и моќно“.
А што ја мотивира, што е она кое ја води напред и ѝ помага во реализацијата на нејзиниот успех открива:
„Мотивацијата произлегува од читањето на психолошки книги кои ме придвижуваат да размислувам наголемо. Исто така се мотивирам гледајќи видеа на успешни личности издвојувајќи ја формулата за реализација на успехот“.
Покрај работните обврски, обожава да пишува и се труди денот да ѝ биде исполнет во целост па за неа е многу важно појадокот да биде здрав.
„Сакам да си подготвам здрав појадок кој ќе ми донесе енергија, да си ги извршам работните должности како што е потребно, да поминам време со самата себе во вежбање или пишување, да одвојам време за мојата сакана личност и моите најмили и да го зачинам денот со едно огромно браво за вложеноста“.
*Како ви завршува денот, со кој ја минувате вечерта?
„Вечерите ги поминувам со мојот љубовен партнер, споделувајќи си информации за дејствијата во текот на денот, искажување љубов и водење здрава комуникација или поминување време со драгите пријатели во одлична атмосфера“.
*Со која убава мисла го започнувате денот... или го завршувате?
„Победата ја достигнуваат само храбрите, биди и ти една од нив“.
Н. Миланова