Почина Мирко Попов, автор и продуцент на електронска музика

Добивај вести на Viber

На 51 година почина познатиот автор и продуцент на електронска музика Мирко Попов.

Пред неколку дена тој беше хоспитализиран на Клиниката за реанимација и интензивно лекување по обилно мозочно крварење.

Попов е македонски диџеј и продуцент на електронска музика, кој со оваа професија се занимаваше уште од осумдесеттите години. Тој е основоположник на PMG Production, а има одиграно и во неколку театарски претстави и филмови.

Првиот професионален диџеј ангажман го добил во 1992 година и оттогаш не престанува со настапи. Истата година добива простор во култното скопско музичко радио Канал 103, што е еден од клучните моменти во неговиот развој како личност и музичар. Од 2008 до 2010 година бил и главен и одговорен урeдник на Канал 103.

Во 1993 година е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. Канал 103 бил главниот катализатор и на овој модерен восклик на новата генерација, решена да расчисти со културната и сеопштата заостанатост во земјата. Во тој правец се движи и формирањето на Прогресивната Мултимедијална Група - ПМГ Колектив во 1995 година од Мирко Попов и Александар Малевски, како манифест на акцијата која треба да го победи незадоволството од актуелната состојба. ПМГ во следните години прераснува во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар акции, од нарко-еуфории до музички револуции. 

Во 1998 година ја формирал ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која има намера да ја регистрира и промовира квалитетната музика на новото време, славејќи ја современата култура и исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика од блиското минато. 

Фото: Фејсбук