ПОЧНУВА „ЛИТЕРА“ – ПРВ ФЕСТИВАЛ ЗА ДЕТСКА ЛИТЕРАТУРА И ИЛУСТРАЦИЈА

Добивај вести на Viber

Омилените ликови од детските сликовници, дел од најдобрите илустратори и писатели за деца од Македонија и регионот, работилници за деца, една дебата и три невообичаени изложби. Сето ова ќе биде дел од првиот Меѓународен фестивал за литература за деца и илустрација „Литера 2019“, кој ќе се одржи претстојниот викенд во Музејот на современа уметност во Скопје.

„Во време кога мобилните телефони и таблетите ги заменија книгите во детските раце, сметаме дека на Скопје дефинитивно му е потребен еден ваков настан. Нашата идеја не е само да се промовираат најновите изданија за деца туку и да се поттикне дебата за значењето на литературата и илустрацијата во правилниот креативен и интелектуален развој на нашите деца. Токму затоа одлучивме да не организираме класичен саем на книга туку фестивал кој ќе понуди шаренило од интересни и корисни содржини и за децата, но и за возрасните“, велат организаторите на „Литера 2019“.

Во рамките на фестивалот ќе се одржат повеќе креативни работилници за деца, менторирани од авторите Билјана Црвенковска, Елизабета Баковска, Маја Веселиновиќ, Ана Кадоиќ и Катерина Тери Николовска. Посетителите на „Литера“ ќе може да ја најдат и новата книга на Ване Костуранов, „Девојче и мече“. Настан кој се очекува да поттикне вистинска дебата во општеството е трибината за квалитетот на детската литература од аспект на содржината и прилагоденоста на возраста. Вистинскиот бисер на ЛИТЕРА 2019, настан кој кај многумина ќе предизвика носталгија и со кој барем за кусо ќе се вратиме во минатото е ретроспективната изложба на македонската илустрација до 1990 година. Публиката ќе има ретка можност да погледне дел од културното наследство односно илустрации кои ги красеа списанијата „Росица“, „Другарче“, „Развигор“ и „Наш свет“, како и голем број учебници и лектири од периодот пред 90-те години.
Третата изложба е на графички дела изработени од деца. Делата се работени на Графичката работилница за деца во Богданци.

Отворањето на фестивалот е во сабота со почеток во 11:00 часот, а фестивалските активности ќе се одвиваат двата дена од викендот во периодот од 11:00 до 19:00 часот во Музејот на современа уметност во Скопје. Настанот е од отворен карактер и е бесплатен за сите посетители.

Повеќе детали за програмата на „Литера 2019“ може да најдете на официјалната веб страна на фестивалот www.literafestival.com