Подготовките за „Макфест 2023“ во полн ек, фестивалот го доби и годинешниот слоган: „38 години Макфест – „фестивалска симфонија за цела Македонија“
Годинешново 38-мо издание на фестивалот на забавна музика „Макфест 2023“ во Штип ветува уште посодржајна и поатрактивна музичка понуда од минатата година како на музички, така и на визуелен план, кога фестивалот направи крупен исчекор од „неколкугодишната летаргија“ .
Подготовките се започнати и се во полн ек, како на организационо-технички, така и на продуцентско-музички план, па одбраните содржини ветуваат уште понагласена хитовска определба, но и грст изненадувања во обете вечери, каде ќе видиме дузина млади, помалку афирмирани, а сепак надежни музички имиња, но и „вистинско соѕвездие“ од македонската забавно музичка ѕведена елита“ изведувачи, како што вели и уметничкиот директор, познатиот македонски композитор и музичар Роберт Саздов кој заедно со тимот работи на обликувањето на музичката слика на фестивалот.
„Работиме на тоа годинава на Макфест да му го вратиме сјајот од една, но од друга страна фестивалот да биде уште поблизу до актуелните, светски, музички трендови од друга страна, со свеж звук и модерна продукција кои се блиски до младата публика, а онаа повозрасната сепак да ја препознае песната која ќе биде блиска до нивниот сензибилитет“ – појаснува Саздов.
Организационо-извршната продуценстка екипа исто така има полни раце работа, сакајќи фестивалот покрај музичките, да го надополни и со иновативни визуелно-сценски содржини, кои ќе ја збогатат комплетната аудио-визуелна слика на „Макфест 2023“ за комплетно уживање и на публиката во салата и на ТВ гледачите.
Не сакајќи да ги откриваат во старт сите детали, за почеток Александар Арсовски, организатор и координатор на Макфест од општина Штип, за јавноста промотивно го соопшти годинешниот слоган кој ќе биде едно од обележјата на фестивалските денови, кој гласи:
„38 години Макфест – „фестивалска симфонија за цела Македонија“!
Според почетно кажаното, несомнено годинава може да очекуваме „Макфест 2023“ да понуди уште побогата „аудио-визуелна рапсодија“ за сите сетила.