Поентата на овој наш живот е да бидеме репродуктивни, да ни се шири семејството: Ексклузивно интервју со Цеца Ражнатовиќ за Женски магазин
Екипата на Женски магазин беше присутна на снимањето на две емисии од најгледаното балканско шоу „Ѕвездите на Гранд“ во Белград и од близу се запозна со членовите на жирито. Покрај тоа што се запознавме, имавме и привилегија да направиме интервјуа со дел од нив кои ќе бидат прикажани во текот на следните денови на Женски магазин.
Серијата интервјуа од престолнината на Србија ќе ги започнеме со најголемата фолк ѕвезда на Балканот, Светлана Цеца Ражнатовиќ. Насмеана и видно расположена, и покрај напорните снимања, кои траат по цел ден, пејачката за првпат даде интервју за Женски магазин. Без никаков проблем ни зборуваше за својот ангажман во шоуто, за документарецот „Цеца и деца“, за своите деца – Анастасија и Вељко, а проговори и за нашата непрежалена ѕвезда, Тоше Проески.
Иако скоро 7 години нема објавено нова песна, пјеачката без никаков проблем ги полни арените и клубовите, како во Србија и регионот, така и низ цела Европа. Како печат на нејзината кариера се големиот број хитови, кои публиката ги пее и ден денес во еден глас. „Београд“, „Доказ“, „Маскарада“, „Громе мој“, „Да раскинем са њом“, „Позив“ и безброј други, зад кои се потпишуваат едни од најеминентните имиња од светот на музиката, се само дел од песните кои ја одбележаа нејзината повеќедецениска кариера.
Иако новата музика публиката со нетрпение ја очекува, Цеца сепак е активна на многу други полиња. Од 2021 година стана дел од жирито на најголемото музичкото натпреварување на Балканот – „Ѕвездите на Град“. Цеца ни раскажа дека многу лесно се вклопила во целата таа приказна и дека останатите колеги одлично ја прифатиле.
„Мене ме прифатија супер. Тие се мои колеги, кои јас ги познавам години наназад и ова е нешто што е тесно поврзано со професијата со која се занимавам. Веќе имав искуство од „Ѕвездите на Пинк“, така што воопшто не ми беше тешко.“
Омилена е помеѓу гледачите на шоуто, а една од причините за тоа е нејзината посветеност на кандидатите со кои работи. Жестока е и борбена кога ќе дојдат нејзините кандидати на ред за оценување, а тоа особено може да се види сега, кога веќе почна да се емитува вториот елиминационен круг.
Пејачката ни открива дека уште рано да се каже дали веќе се појавил победникот оваа сезона, и посочи дека за тоа треба да се почека барем до шестиот круг.
„Уште е рано за да се искристализира еден кандидат и да можам да кажам тоа е тоа. Тие уште се формираат, вклопуваат во проектот. Дури во шестиот или седмиот круг ќе може да се забележи кој би можел да биде фаворит.“
Неодамна започна да се емитува и нејзиното документарно шоу „Цеца и деца“, чија цел како што ни кажа Цеца е на обожавателите да им го доближи и покаже својот реален живот.
„Целта едноставно е врзана за мојата публика која ја интересира каков начин на живот водам, како го поминувам своето деловно и приватно време, со каков профил на луѓе се дружам, бидејќи тоа не е реално шоу. „Цеца и деца“ е документрно шоу, тоа е мојот реален живот. Тука се концертите, целиот процес пред концертите, по концертите, славите, прославите, вечерните излегувања, а што се однесува до самото шоу, добив понуда и ја прифатив.“
Нејзините деца – Анастасија и Вељко, одбраа да се занимаваат со јавни професии. Анастасија одлично плови во музичките води, додека Вељко му се посвети на спортот. Без оглед на нивниот избор, Цеца вели дека како родител секогаш им е најголема поддршка.
„Како и секој нормален родител јас секогаш сум ги поддржувала своите деца во нивните избори - како во приватните, така и во деловните, бидејќи сметам дека тоа е должност на родителот, да биде ветер во грб на своите деца, сѐ додека е жив.“
Вељко се занимава со бокс, па оттука се наметна и прашањето колку таа е под стрес додека нејзиниот наследник е во рингот.
„Секако, тоа е спорт кој е боречка вештина. Секој спорт во кој постои контакт е стресен, секако. Тој е посветен на тој спорт, ужива во тој спорт, го сака тоа, го промени својот живот од корен и го подреди на тој спорт и семејството.“
Среќата на нејзиното лице додека зборуваше за второто внуче кое очекуваат да дојде на светот не се заменува со ниту една друга. Имено, Цеца очекува уште еден внук, чие раѓање со нетрпение го очекува.
„Поентата на овој наш живот е едноставно да бидеме репродуктивни, да ни се шири семејството, семејството да биде сложно, да биде компактно, сите да се сакаат, да бидат блиски, секако дека ми е драго што се раѓаат сѐ повеќе деца.“ – низ насмевка ни кажа Цеца, а потоа додаде дека полот на бебето воопшто не ѝ важен:
„ Мене апсолутно ми е сеедно, важно ми е само да е живо и здраво. Тоа ми е најважно.“
На настапите во Македонија особено се радува, а за тоа е доказ и веќе закажаниот настап, кој во март ќе го има во една од скопските дискотеки. На настапите во нашата земја особено се радува, иако сега малку поретко се случува да настапи пред македонската публика.
На крајот на разговорот немивно беше да ја прашаме за нашата непрежалена музичка ѕвезда, Тоше Проески, со кој неколку пати заедно беше гостин во емисиите на српските телевизии. И по толку години од неговата смрт, кнедналата во грлото беше присутна и со насолзени очи се присети на него.
„Тој е просто легенда, жално е што така млад замина и нѐ напушти сите. Но, Боже мој, сите ќе завршиме таму еден ден. Тој живее во срцата на својата публика, своите колеги, а првенствено на своето семејство. Често се сеќавам на него и таков талент никогаш не се заборава.“
И. Мисајловска