Портрет на Лара Иванова: Не се откажувам

Добивај вести на Viber

Музиката e неизоставен дел од секојдневието на пејачката Лара Иванова. Со неа се буди и заспива. Таа е нејзина конекција со светот. Со музиката открива нови можности, нови димензии, нови светови. Преку неа сакана луѓето да им покаже што чувствува, но и да ги допре нивните чувства- да допре до нивната душа.

Мојот музички пат наликува на ... Не знам како изгледа од туѓа перспектива, но од моја гледна точка, мојот музички пат е склоп од напорна работа, истрајност, поддршка од најблиските, образование, дисциплина, секојдневни обврски околу музиката, сценско-музичките активности, непроспиени ноќи, патувања, настапи, планови и упорност за нивна реализација.

Омилена песна ми е ... Искрено, не би можела да издвојам една омилена песна, затоа што ги има многу.Но, доколку би требала да издвојам која од моите песни ми е најомилена, би рекла дека тоа е “Некогаш ќе помине”, бидејќи некако сум најприврзана за таа песна. Воедно, тоа е песната со која “се пробив” на музичкото небо и мислам дека токму оваа песна е мојот белег.

Конечно уживам во успехот... Многу ме радува фактот дека моите песни ги слушаат и повозрасните, но и помладите. Особено по успехот на „Бела“, луѓето почнаа да ме препознаваат, сѐ почесто ме застануваат на улица и сакаат да се фотографираме. Може да се каже дека сум популарна и дека уживам во успехот, но тоа никако не може да ме промени. Секогаш сум приземна и секако тоа така ќе остане и понатаму.

Нешто што сум направила и се каам е ... Сметам дека се' што сум направила и постигнала до сега е во правилна насока, и искрено, нема нешто поради што би се каела.

Плановите се за практичните луѓе, а моите се поврзани со ... Моментално работам на многу нови проекти, како самостојни, така и во соработка со други артисти, што значи дека наскоро ќе има многу нови песни, а секако продолжувам и со настапите. Исто така, во план ми е и издавање на албум, како и промоција на истиот низ повеќе градови низ Македонија.

Мојот имиџ би го дефинирала како...Младешки и модерен. Сакам да експериментирам со мојот стил и да комбинирам најразлични парчиња. Ги следам и модните трендови, сакам да сум во тек со сето она што е актуелно, но најважно ми е тоа што го носам да биде удобно и да ми се допаѓа, и секако, да одговара на мојот карактер.

Сексипилноста е моќно оружје на секоја жена. Таа помага во мојата професија...Сметам дека сексипилноста помага во мојата професија, како и во секоја друга. Но, може да биде моќна се’ додека тоа не е единствената предност која ја имате. Нема ништо лошо во тоа да сакате да бидете сексипилна, но секако треба да се разликува сeксипил од вулгарност. Би рекла дека сексипилноста не се однесува само на физичкиот изглед, туку и на внатрешната убавина. Сексипилна е онаа жена која поседува внатрешна сила.

Моите најрани сеќавања од детството се повзрани со...Со моите најблиски, хармонијата во домот каде што израснав, се оформив како личност, и каде што секојдневно уживав во музиката и танцот.

Тинејџерскиот период би го опишала ... Поголемиот дел од тинејџерскиот период го поминав во ДМБУЦ " Илија Николовски Луј" на часовите по пијано и класичен балет. И покрај секојдневните обврски кои ги имав околу моето музичко и балетско образование, секогаш се трудев да направам добар план за приоритетите во денот и да најдам слободно време за себе, за моите најблиски, за дружба со пријателите, за добар филм, книга, претстава, прошетка.

Омилен јунак од приказните...Хари Потер. Интересен лик кој зрачи со скромност, храброст, пожртвуваност, благодарност, амбициозност, искреност...

Пријателство во оваа професија постои, но ...Постои, но секогаш за луѓето од страна делува дека се работи за натпревар помеѓу артистите. Јасно е дека секој артист има свој идентитет и некој белег по кој што е препознатлив и сметам дека за секој има место под музичкото небо.

Реагирам на критики...Конструктивна и издржана критика е секогаш добредојдена за мене, особено кога е искажана од компетентни лица, докажани во својата лрофесија, и се разбира, од колеги кои што се подолго време на естрадата. 

Мојата дефиниција за љубовта е ...Љубовта е слепа, љубовта е светлина, љубовта е болка, љубовта е среќа, љубовта е тага, љубота е радост, и на крај на се', љубовта е дом и тоа што те прави да се чувствуваш жив.

Типична машка особина која не ја разбирам е...Нивниот страв од искажување на емоции, односно стравот дека ќе ги сметаат за слаби доколку пуштат некоја солза. 

Кај луѓето најмногу почитувам... Искреноста е многу важен човечки квалитет, доблест на оној кој комуницира и дејствува во согласност со своите мисли, желби, чувства и верувања на начин кој е искрен.Ги ценам луѓето кои се искрени најпрво кон себе, а потоа и кон другите.

Особина која најумногу ја сакам и ја поседувам е ...Упорноста. Јас сум многу упорна и не се откажувам од моите идеи и одредени замислени цели кои сакам да ги реализирам. Сметам дека во мојата професија, а и општо во секојдневното функџионирање упорноста е една многу важна особина, и мило ми е што ја поседувам.

Неостварена професионална желба ми е...Самостоен солистички концерт. Би сакала да настапам на голема сцена со свој авторски материјал и тоа во моментов ми е една од приоритетните работи кои ги планирам во блиска иднина.


С.А.Н