Посакувам да ни се врати животот во нормала: Каролина Гочева наполни 41 година
Каролина Гочева денеска слави роденден, и вели дека и овој свој 41 роденден го прославува слично како и минатиот, во услови на пандемија.
Поп-ѕвездата е скромна што се однесува до своите роденденски желби, и си го посакува само што ни е на сите најважно, здравје.
-И годинава славам во мал круг, со неколку најблиски, зашто поинаку не е ни можно. Годинава си посакувам само здравје и да ни се врати животот во нормала, ништо повеќе“, ни изјави Каролина.
На Инстаграм, многу нејзини пријатели ѝ посакаа најубави желби за роденденот. Оригинална честитка ѝ напиша колешката и пријателка Елена Ристеска.
-Срце мое, барав подобра фотка од твојата. Не успеав, ама затоа најдов нешто од нашата архива. Фотки кои будат убави спомени и укажуваат на нашето убаво другарство. Вака да сме среќни и распеани цел живот, убавице. Затоа што љубовта е взаемна. Среќен роденден. Те сакам! “, напиша Елена. Таа вчера славеше роденден, и Каролина на сличен начин, објавувајќи заедничка слика ѝ го честиташе.
Минатата година, кога го прослави својот 40-ти роденден, Каролина на Инстаграм објави фотографија со роденденска торта и со балони и напиша:
-Другари, фала ви на сите за честитките и прекрасните зборови, ова бројче заслужуваше посебна журка, но и вака не е лошо... Не е важно колкав е кругот, туку кој е во него. Ве сакам. На здравје“, објави Каролина.
Во периодот кога поретко патува со својот сопруг и со најблиските, Каролина споделува спомени од претходните патувања, со надеж дека роденденската желба за враќање на животот во нормала ќе ѝ се исполни и ќе може повторно да открива нови места и нови култури.
-Патувањата се нешто кое отсекогаш ме исполнувало и секоја година сакам да посетувам барем некое место каде не сум била, а секако дека има и места каде со задоволство се враќам и повеќе пати. Сметам дека запознавањето нови култури, новите нешта кои ги учиме ни го збогатуваат животот и духот.“, изјави таа во претходно интервју за Женски магазин.
(М.Џ)
Фото: Приватна архива/Вангел Тануровски