Посни, ситни колачи за Свети Никола: Совршени бомбици за кои гостите ќе се „тепаат“
До Свети Никола останаа уште два дена. Ако ви е слава, а уште не сте започнале со подготовка на благото, еве неколку идеи со кои нема шанси да погрешите.
1. Посни бомбици со банана и јагода, прелиени со чоколадо
Состојки:
300 грама шеќер;
200 грама замрзнати јагоди;
250 грама маргарин;
400 грама мелени посни бисквити;
банани;
сок од ананас;
100 грама црно чоколадо;
3 лажици масло.
Подготовка:
Изблендирајте ги бананите и јагодите. Растопете го маргаринот, измешајте го со бисквитите, овошјето и шеќерот. Додавајте сок од ананас додека не се направи хомогена смеса. На пареа растопете го чоколадото со масло. Бомбиците обликувајте ги рачно и потопете ги во чоколадо. Оставете ги неколку часа да се оладат во фружидер.
2. Посни бомбици од чоколадо и локум
Состојки:
100 грама шеќер во прав;
100 грама локум;
2 реда чоколадо за готвење;
100 грама сецкани лешници;
2 кесички ванилин шеќер.
Подготовка:
Шеќерот прелијте го со 50 милилитри вода и ставете го шпорет. Кога ќе почне да врие, оставете го на среден оган околу пет минути, додадете го исецканиот локум, чоколадата и ванилиниот шеќер. Мешајте, а кога ќе се растопи локумот, додадете ги и сецканите лешници. Од смесата направете бомбици, кои на крајот може да ги сместите во хартиени корпички.
3. Бомбици од морков и портокал
Состојки:
1 килограм исчестен и ситно изрендан морков;
500 грама шеќер;
200 милилитри вода;
сок од еден лимон;
сок од половина портокал;
100 грама карамелизирани кори од портокал;
шеќер за валкање на бомбиците.
Подготовка:
Во големо тенџере истурете 500 грама шеќер и 200 милилитри вода, варете додека не зоврие и плус уште пет минути. Додадете го морковот, сокот од еден лимон, сокот од половина портокал и 100 грама карамелизирана кора од портокал. Варете на средна температура додека не изврие целата течност, а морковот не стане прилично мек, секако со повремено мешање. Овој процес може да трае и еден час. Потоа тргнете го тенџерето од оган и оставете го малку да се излади, а смесата изблендирајте ја со блендер. Од смесата со влажни раце обликувајте топчиња, кои ќе ги наредите во голема тепсија. Секое топче убаво извалкајте го во шеќер и готовите бомбици оставете ги да отстојат на ладно место.
* ПР - објава