Патувањата нѐ менуваат на подобро и колку повеќе примаме, толку сме подобри и побогати кога ќе се вратиме назад: Ана и Мане за нивната камперска приказна
Тие се двајца неуморни истражувачи, луѓе кои
уживаат во сѐ што има да понуди природата. Сакаат да рекреираат и да пробуваат различни активности. Нивниот свет се врти околу едноставните работи и искуствата
кои не можат да се купат со пари, а возбудата и адреналинот се двете работи кои
ги движат напред. Со нив патува и Арон, нивниот германски поентер кој не
заостанува ни чекор назад од предизвиците, а тие уживаме во неговото присуство.
Ана и Мане денес ни раскажуваат за нивната камперска приказна и авантури.
ЖМ: Ана и Мане - Како се роди и колку време веќе трае вашата авантуристичка камперска приказна?
- adventure.mk е продукт на нашата љубов кон кампувањето, а постои од 2019 година. Настанувањето беше спонтано и природно, во момент кога имавме потреба да се поврземе со истомисленици, да споделуваме информации и да ја покажеме Македонија на светот.
ЖМ: Каде беше вашата последна камперска тура, како си поминавте, споделете со нас?
- Нашата последна, долга камперска тура беше до Австрија и назад. Три недели кампувавме во возило низ Црна Гора, Босна, Хрватска, Словенија, Италија и Австрија. Се движевме низ планински предели и целта ни беше да ги видиме природните убавини на овие земји. Алпите ги ставивме како крајна дестинација и успеавме да искачиме барем една од познатите планинарски патеки, тоа ни беше голема желба која си ја остваривме. Црна Гора не’ изненади со нејзиниот развиен планински туризам, Босна ја доживеавме баш како што ја замислувавме, со многу зеленило, вода на секој чекор и вкусна храна, во Хрватска уживавме на крајбрежјето и гледавме убави зајдисонца, во Словенија за првпат го видовме Триглав и ја истражувавме долината на Соча, а во Австрија се изнагледавме на зелените долини и преубави кампови.
ЖМ: Со што најчесто патувате?
- Најчесто патуваме со теренско возило, го конвертираме во спална соба која секогаш го има најубавиот поглед. Знаеме да кажеме дека имаме спална со 5 ѕвезди. Ова го практикуваме веќе 5-6 години и вистински уживаме во секој чекор од процесот. Знае да биде напорно на моменти, претставува проект кој нема почеток и крај, но се трудиме да го олесниме процесот со тоа што ќе бидеме попрактични. Сепак, искуството е најдобар учител и со секое заминување од дома, ние сме побогати со знаење за себе, за нашите потреби, за тоа што навистина му е приоритет на човек и колку малку е потребно за да биде среќен.
ЖМ: Кои места досега сте ги посетиле, а кои се на вашата листа за кампување?
- Местата ги гледаме според тоа колку сме ги истражиле, колку сме научиле за нив и колку од тоа знаење можеме да го пренесеме. Од Македонија имаме многу видено, а не е ни приближно доволно за да ја запознаеме цела. Балканските земји ни се секогаш прв избор за шетање, сите се богати, различни и можеш да потонеш во природните убавини. Немаме bucket list со некои популарни дестинации, повеќето кои сакаме да ги посетиме се мали места низ овие држави.
ЖМ: Дали досега при кампувањето сте се соочиле со некоја негативна работа и која?
- Една од непријатните ситуации е кога има невреме. Горе на планина изгледа и звучи многу пострашно отколку во град. Друга непријатна ситуација се дивите животни, нормално дека се насекаде околу нас и неизбежно е да поминат во текот на ноќта. Арон знае да реагира бурно ако насети некое.
ЖМ: Како одлучувате каде следно ќе патувате?
-Најголем број од авантурите ни се за викенд и за нив сме спремни во секој момент. Опремата со сите потребни реквизити ни стојат на едно место, а во возилото секогаш имаме прва помош, алати и резервен шатор со вреќици. Кога станува збор за подолго патување, подготовката трае подолго и вклучува детална проверка на возилото и опремата, формирање рута и собирање информации за места, кампови, услови, цени итн. Потоа доаѓа селектирање на потребна опрема во зависност од активностите кои ни се предвидени, а на крај и план за оброци и потребни намирници.
ЖМ: Може ли сликовито да ни ја доловите глетката која во моментов ја имате пред вас?
- Рано утро покрај езеро, во друштво со блиски пријатели, мириса на турско кафе, на маса свежо овошје, шаторот во дебела сенка позади нас, Арон си набљудува, птиците потпевнуваат. Како од приказна (се смеат).
ЖМ: Во што
најмногу уживате додека патувате? А што би избегнале доколку е возможно?
- Во секој дел од патувањето уживаме, навистина. Не брзаме да стигнеме на крајната дестинација, разгледуваме, оставаме простор за нови можности, нови познанства попатно. Ако едно нешто сакаме (и пробуваме) да избегнеме, тоа се гужви. Било каде и било какви, не сакаме да сме дел од гужва. Затоа секогаш трагаме по наше тајно, скриено катче во природа.
ЖМ: Имате ли омилено место на вашата мапа?
- Природата постојано се менува во текот на една година, а местата го менуваат својот лик заедно со нејзе. Дефиницијата за убавината иде од самите нас, нашето расположение, нашиот став кон светот и животот. Лесно е да најдеш убавина кога го сакаш животот, кога со нетрпение го очекуваш утрото.
Навистина е предизвик да издвоиме само едно, сметајќи ја нашата љубов кон природата како главен фактор. Но, едно место во Македонија ни е при срце, а тоа е планината Јабланица. Има силна енергија, посебна е, различна, живописна, невозможно е да не го осетиш тоа, а да си таму. Се надеваме дека ќе премине во национален парк и да се третира и заштити под посебни услови.
ЖМ: Што би им препорачале на оние кои да речеме утре сакаат да заминат со камп приколка низ светот? На што треба да бидат подготвени?
-Ве чека најубавиот период од животот! (се смеат). Би препорачале да се опуштат, работите не одат по план и неочекувани ситуации има постојано. Потоа, да истражуваат, да учат нови работи и да запознаваат нови луѓе. Ваквите патувања не’ менуваат на подобро и колку повеќе примаме, толку сме подобри и побогати кога ќе се вратиме назад.
ЖМ: Според вашето искуство, која земја е најидеална за кампување?
Од местата на кои ние сме биле, Црна Гора ни била најпријатна, Босна најгостопримлива, а во Австрија и Грција има најголем избор на кампови.
Ирена Ставрова