„Во денешно време публиката прво го гледа изгледот, а потоа го слуша продуктот кој си го издал“: Интервју со новата музичка ѕвезда Драгана Јовановска

Добивај вести на Viber

Млада и талентирана, публиката ја освои со нејзината песна „Случајно“ која има брз ритам, но и интересен спот снимен на Малдивите.

Драгана Јовановска своите почетоци ги имаше на регионалното музичко шоу „Пинкови ѕвездички“ кое ѝ донесе само позитивни работи, но македонската јавност имаше да ја види и на сцената на „Макфест“.

За себе вели дека е насмеана, енергична и дружељубива, ја сака музиката затоа што со неа чувствува посебна љубов и приврзаност. А, музицирањето ѝ дава можност подобро да ги искаже емоциите.

Во Женски магазин одблизу ја имаме Драгана Јовановска:

ЖМ: Колку „Пинкови ѕвездички“ ти го променија животот и како сега од оваа перспектива гледаш на овој период од твојот живот?

- „Пинкови Ѕвездички“ кога ќе погледнам денес навистина ми го смениле животот, затоа што ми беа еден голем предизвик пред сè каде што научив многу за тоа како се однесува на сцена и како се држи став на сцена. Благодарение на нив сфатив дека сакам да се занимавам со музика.


ЖМ: Како би се опишала како личност?

- Себеси би се опишала како една насмеана, енергична и дружељубива личност која сака цело време да е во движење и нешто да прави, која сака спонтани случувања и да биде опкружена со блиски луѓе.

ЖМ: Сцената на „Макфест“ беше твое посериозно појавување и прво пред македонската публика. Што ти донесе настапот на „Макфест“?

-Ми донесе искуство за да видам како е на еден фестивал кога има повозрасни докажани имиња од нашата сцена, па затоа чувствував поголема одговорност. И нормално ми донесе поголема медиумска застапеност.


ЖМ: Што е твоја инспирација за да напишеш текст?

- Немав конкретна инспирација за текстот кој го напишав, просто баш случајно излезе текстот да е мој … Од порано ми стоеше недоработен текст кој имаше потенцијал, па решив да го доработам за да видам дали би можел да се совпадне со песната „Случајно“.

ЖМ: Млада си, талентирана и убаво изгледаш, колку ова е предност за да успееш на сцената и дали тоа што си млада го сметаш за предност или недостаток?

- Мислам дека во денешно време публиката прво го гледа изгледот, па потоа го слуша продуктот кој си го издал … Но, како и да е сметам дека имам предност што сум млада, но нормално мора да се има квалитет пред сè.


ЖМ: Кој ти беше идол од македонската музичка сцена и како мала посакуваше да бидеш како неа?

- Идол од македонската сцена не сум имала, но би можела да кажам дека квалитетот кој го поседува Тамара Тодевска секогаш ми бил интересен да слушнам што ново извадила.

ЖМ: Дали имаш мото и кое е тоа?

-Мото кое секогаш го паметам е „направи нешто ново и корисно денес и не го троши времето на исти работи“.

ЖМ: Што те исполнува, што најмногу сакаш да правиш?

-Најмногу ме исполнува квалитетно поминато време со моите најблиски, затоа што во ова брзо време во кое живееме се помалку и помалку имаме слободно време за да го посветиме на другите.

ЖМ: Што може да те насмее?

-Можат да ме насмеат луѓе кои се среќни и насмеани и кои зрачат со позитива.

ЖМ: Каков стил на облекување негуваш и кои три парчиња облека најмногу сакаш да ги носиш?

- Најмногу сакам едноставни комбинации, едноставни парчиња кои одговараат на сè. Како најчести 3 парчиња облека кои најчесто ги носам се фармерки, обична маичка или некое фустанче.


ЖМ: Дали веруваш во вистинско пријателство?

-Верувам во вистинско пријателство и имам вистински пријателства, но тие ќе постојат доколку се негуваат на добар начин.

ЖМ: Од кого ја добиваш најголемата поддршка?

- Од моите родители. Тие се секогаш тука за мене и секогаш ме поддржуваат за што било.

ЖМ: Кој е најголемиот критичар во твоето семејство и дали прифаќаш критики?

- Најголемиот критичар можам да кажам дека е татко ми, нормално и мама е тука, но татко ми има повеќе забелешки кога е во прашање музиката. Јас нормално прифаќам каков било совет или критика, но некогаш не ги присвојувам.


ЖМ: Зошто ја одбра музиката, а не нешто друго?

- Ја одбрав музиката затоа што со неа чувствувам посебна љубов и приврзаност. Преку музицирањето искажувам сè што чувствувам, и мислам дека во друга уметност или друга работа не би била своја како во музиката.

ЖМ: Може ли да те навредат недоличните коментари кои се пишуваат на социјалните мрежи и како се справуваш со такви коментари?

- Порано како помала се случувало да ме навреди по некој коментар, но со тек на време се учи да не се обрнува внимание на таквите коментари … Па затоа денес воопшто не ме допираат недоличните коментари затоа што најчесто тие излегуваат од личности кои не се исполнети.

ЖМ: Иако си музичка ѕвезда во подем, знаат ли некои твои врснички колешки да ти пишат/кажат убав коментар за твојата музика?

- Со оглед на тоа дека учам во музичко знам да побарам мислење и од моите врсници затоа што секое мислење значи поготово од лице кое се занимава со музика, а добивам и позитивни коментари од нивна страна.


ЖМ: Кој е најважниот совет кој го применуваш и кој те советуваше?

- Најважниот совет е од моите родители, да не се откажувам од што било во животот затоа што со труд секогаш ќе има резултат.

ЖМ: Дали следиш музички трендови, и на дали ти се честа идеја за твојата музика?

- Следам музички трендови и слушам разновидна музика така што мислам дека каква музика слушаш таква инспирација добиваш.


ЖМ: Во кој жанр би сакала да се движи твојата музика?

- Би сакала во иднина да експериментирам со жанровите и да видам каде најмногу ќе се пронајдам … Па затоа немам конкретен жанр за кој би можела да кажам дека сакам да се движам.


Габриела Додевска Глигоровска