Ништо што е поврзано со убавина не ме боли: Маја Балова за трајната шминка и колку вреди да се инвестира во себе
Шминката е еден од најстарите трикови за разубавување на
дамите, а во поново време и мажите не се имуни на неа. Низ годините се менувал
начинот на разубавување со боите, текстурата, техниките... но како и сите
нешта во светот така и со шминкањето се развија многу понови, лесни и
подостапни начини на шминкање. Дури и за оние кои сакаат постојано да изгледаат
средени со мејк-ап, пред неколку години започнаа пообучуваните козметичари да користат и техники на трајна шминка.
Токму на оваа тема која скоро секогаш ги засега жените, разговараме со Маја Балова која две децении се занимава со тоа.
Како што и ни откри оваа успешна госпоѓа, сопруга и мајка на две годишната Зорана, низ годините се обучувала постојано и секогаш ги следи трендовите, а од неодамна и таа самата е тренер едукатор за трајна шминка.
*Отсекогаш ли сте сакале да се занимавате со трајна шминка и козметика? Дали тоа беше ваша животна желба?
- Додека студирав кинезитерапевт во Бугарија паралелно почнав и да работам во делот на козметиката во која веднаш се вљубив и знаев дека тоа е гранката со која ќе се занимавам во иднина.
* Колку години работите како козметичар? Како започнавте, каде и како се развивавте и што се‘ како техники изработувате?
- Моите почетоци како што споменав започнаа во Бугарија, а сопствен салон отворив во 2006 година откако дипломирав. Тогаш козметиката не беше многу застапена па започнавме со изработка на нокти, а другото го надградував со годините. Јас сум нескротлив човек овен во хороскоп, секогаш сакам нешто ново и така низ годините изградив еден тим од 6 девојки кои работат во салонот веќе многу години. Имам две администраторки и две мои лични асистенти кој се грижат за контентите на инстаграм и фејсбук. Јас во главно се занимавам последните 10 години со трајна шминка на уста очи и веѓи, а работам и како тренер едукатор за sviato academy која е академија од светски познат карактер.
*Дали имавте некаде професионална обука или талентот си го направи своето?
- Талентот секако има удел но инвестирањето во себе никогаш не е доста. Низ годините трендовите се менуваат, постојано има нешто ново па така мора да се надградувам. Зад мене стојат над 100 едукации во сите околни земји и кај нас.
*Дали многу се промени начинот на трајна шминка низ годините ?
- Да многу во однос на боите и машинките и иглите кои се користат. Порано беа по нападни сега модерни, по нежни и неприметни веѓи.
*Од која возрасна граница дамите бараат трајна шминка. Што најмногу сакаат да истакнат, а што да прекријат?
- Возрасна граница нема почнуваат да користат трајна шминка од 16 години. А 80 годишна дама ми е најстарата клиентка. Обично најмногу бараат веѓи, па потоа траен туш и уста.
*Дали ги советувате дамите за начинот на шминкање или како бараат така ги нашминкувате - без разлика дали тоа би изгледало убаво на нив или не?
- Прво јас го кажувам моето мислење па потоа се консултирам и со клиентите за тоа што сакаат да постигнат.
* Имате ли вие на Вас направено трајна шминка, што, кој дел, и дали тој процес е болен?
- Да имам направено веѓи, уста и туш. Мене лично ништо што е поврзано со убавина не ме боли.
* Како жена која води сопствен бизнис, како ги менаџирате домашните обврски и приватите?
- Имам многу помош од мојот сопруг кој ме подржува максимално во се‘ што правам , мојата фамилија и секако тимот кој стои зад мене .
*Што си посакувате за 10 години од сега?
- Во последно време се занимавам многу со едукации и од мене има излезено над 100 успешни студенти, па еве за 10 години си ја посакувам најголемата академија за трајна шминка во Македонија.
* И кое е вашето животно мото по кое се водите?
- Ништо што можеш да го направиш денес не оставај го за утре.