Повеќе од 74 милиони прегледи и 76.6 илјади претплатници: Цаци Паковска, сценарист и продуцент на „Дајте музика“ и „Тин камп“

Добивај вести на Viber

Да се сними серија во ова време – невреме за македонската играна продукција, е повеќе од успех. Да се открие талентот за музика и актерство кај најмладите и тинејџерите, е повеќе од задоволство. Да се пронајдат средства и да се реализрираат проекти како „Дајте музика“ и „Тинејџерски камп“, е повеќе од желба и намера. Ако е важна само идејата, Цаци Паковска, сценарист и продуцент на двата проекта покажа дека сепак најважна е вербата во себе, која игра клучна улога во животот. По успехот на првата сезона на „Тин камп“, забавно - музички серијал кој обработува теми соодветни за тинејџерите, се снимија нови продолженија и се емитуваат на Македонската Телевизија. Тоа што оваа серија ја прави и посебна е фактот што по повеќе од 30 години тинејџерите ги препеаа македонските хитови и песните од поранешните ЈУ простори, а новите генерации ќе имаат можност да ги слушаат во нови модерни аранжмани.

Во вторатата сезона на „Тин камп“ во главните улоги се појавуваат веќе познатите и омилени тинејџерски ѕвезди: Филип Поповски, Миха Гигов, Марија Јанчевска, Далиа Стоименова, Марин Стојановски, Дарија Врачевиќ, како и познатите актери, меѓу другите и: Петар Мирчевски, Сара Климоска, Тамара Ристоска. Режијата е на Марко Ѓоковиќ, а директор на фотографија е Драган Паковски. Музиката е на Лука Ѓоргиевски.

ЖМ: На сцената на „Златна Бубамара на популарноста“ кога ја подигнавте наградата за серијата „Тин камп“ истакнавте: „Живот е навистина убав, верувајте во себе, затоа што во сѐ можете да успеете. Само идејата е важна.“ Дали таа изјава е Ваша ѕвезда водилка, го мислите ли истото и сега?

- Според мене, самодовербата игра клучна улога во животот. Таа се гради или се срушува уште на најмала возраст. Нарушувањето на самодовербата кај децата е најголемата грешка што еден родител може да ја направи. Дете без самодоверба е лесна жртва во друштвото и многу лесно може да стане предмет на силеџиство.  Животот е навистина убав, среќата е во убавите моменти, а патот до успехот дефинитивно е кога ќе ја пронајдете среќата во својата работа. Сиот мој живот, професионален и приватен се обидувам позитивно да влијаам на луѓето околу мене, а на мое огромно задоволство, благодарение на двете серии „Дајте музика“ и  „Тинејџерски камп“ се надевам дека позитивно влијаам на најмладите кои имаат можност да растат и да се идентификуваат со децата - актери, кои се херои на новите генерации. Нема поголемо задоволство од тоа да сте сведок дека она што било само идеја и замисла во вашата глава, се претвора во производ, односно серии, кои се едни од најгледаните во историјата на македонската телевизија.

ЖМ: Идејата да ја создадете тинејџерската серија ја истакна Вашата креативност и во друг правец, како сценарист и продуцент, кој во овој случај резултираше со успех. „Чепнавте“ во туѓ терен, наидовте ли на отпор, критики кај луѓето од таа фела?

- Уште при создавањето на „Дајте музика“ воопшто и не размислував дали серијалот ќе наиде на било каков отпор. Не се водев од тоа да направам „успешна“ серија. Децата се најстрогата публика и нема нешто што може да ги натера насила да следат или гледаат било каков проект, доколку не им се чини интересен. Идејата беше да се создаде серија на македонски јазик, која ќе биде забавна, но и едукативна, а во исто време исполнета со многу музика од домашни автори. Тоа и се случи, „Дајте музика“ уште при емитувањето на првите епизоди доживеа невиден бум, затоа што после долги години на недостаток на детска програма, новата генерација имаше можност да се поистоветува со децата актери, сите со различен карактер, архетипови на различни деца, деца кои се соочуваат и се справуваат со различни ситуации во животот. Во време кога „малите“ екрани се заменети со „паметни“, а домашните телевизиски продукти со увозни, продолжението на „Дајте Музика“ нѐ потсети на едно безгрижно време кога единствената детска преокупација, освен училишните активности, беа забавните друштвени игри како: школица, јаже, маалски фудбал, кошарка, ластик, долга магарица, криенка и многу други кои денес, за жал, се подзаборавени. Епизодите на „Дајте музика“ имаат за цел преку забава да ги поттикнат традиционалните семејни вредности низ призмата на една нова модерна генерација на детски идоли кои ги почитуваат вистинските вредности: добро однесување, здрави навики, чесност, одговорност, вистинско другарство и емпатија. Многу македонска музика, сопствен бенд, битка за тронот „главен во маалото“,  детски кавги, помирувања и други разни згоди и незгоди на добро познатите старо-маалци беа главните теми кои го привлекоа вниманието на децата. Предизвикот да се создаде серијата беше огромен! Од една страна, имавме проект кој за неполна година, достигна близу 14,5 милиони прегледи и над 25 илјади претплатници на Youtube, а од друга страна, веќе следната година, бевме соочени со опасностите при работа во услови на пандемија, каде целата екипа и децата, јуначки се носеа со предизвиците на работење во вонредни услови, што на камерите практично не смееше да се забележи. Во тој период, исполнет со безброј неизвесности на сите полиња, новите продолженија на серијалот „Дајте музика“ имаа за цел на најмладите да им пружат едно поинакво искуство: на момент, да се заборават стегите на пандемијата и домовите да се исполнат со позитивна енергија, креативност и добра македонска музика! На мое задоволство, дефинитивно успеавме во тоа.

ЖМ: Пубертетот е раскрсница помеѓу светот на детството и зрелоста. Преминот преку овој процес трае со години и потребно е големо внимание при комуникацијата со нив. Какво е Вашето искуство, како соработувавте со актерите на таа возраст?

- Работата со деца и тинејџери навистина ме исполнува. Децата се единствените на кои среќата секогаш им е поважна од гордоста. Тоа се искрени суштества кои за жал во текот на животот се соочуваат со реалноста и се моделираат во она што секој од нас е - „свој карактер“. Токму нивната искреност и желбата да бидат што подобри и да научат нови работи е она што ми дава поттик да работам на проекти наменети за таа публика. Во изминатите 5 години, децата пораснаа пред мои очи и ми прираснаа на срце. Децата се свој карактер, толку многу се познаваме, што дефинитвно ги сметам за мое најблиско семејство. Не само што заедно работиме, туку и учиме еден од друг, се радуваме на успесите, тагуваме или се грижиме за малите ситни проблеми со кои тие растат и се соочуваат. Нема поголема среќа од тоа да пред вас ги гледате децата кои пред 5 години сте ги одбрале на кастинг, а сега станале твои синови и ќерки. Луѓето кои имале можност да работат на нашите две серии, биле сведоци на овој наш близок однос, а верувам дека тоа може да се почуствува и на малите екрани.

ЖМ: Постојат повеќе проблеми кои ги мачат тинејџерите и нивните родители. На кои од нив го ставивте акцентот во Серијата?

- Серијата „Тинејџерски камп“ дефинитвно е серија за целото семејство. Без разлика на возраста, веројатно има нешто привлечно во тинејџерските серии, поради фактот што тинејџерското искуство е универзално. Иако некои нешта се менуваат како растат генерациите, главното чувство да се биде тинејџер останува исто. Токму поради тој факт, тинејџерските серии се безвременски. Нема ништо помоќно од тинејџерска емоција. Возраста од 14 до 19 години е златното доба на животот. Привлечноста на овие серии е поради тоа што тинејџерите и младите можат да се идентификуваат себеси со одредени карактери и да се чувствуваат претставени преку ликови на приказната. Проблемите со кои се соочуваат тинејџерите, како и можноста родителите да видат како растат и со што се соочуваат новните деца. Сите родители, вклучувајќи ме и мене, веруваме на искрениот одност на нашите деца, но сепак тинејџерското доба е време кога многу тајни се неоткриени и многу прашања остануваат без одговор, правите грешки, па ги исправате. Паѓате, не успевате, сфаќате, се соочувате со реалноста, се вљубувате, но и сте повредени. Се губите себеси, но на крајот станувате посилен. Понекогаш можеби се соочувате и со банални проблеми, но во тој момент мислите дека е крајот на светот. Сето ова беше неисцрпна тема за серијалот и можност да им се покаже на младите дека не се сами во своите проблеми. Токму ваквите серии и филмови може да го зајакнат менталното здравје на тинејџерите и да им помогнат да се справат со врсничкото малтретирање, сексуалниот напад, самоубиствените мисли, злоупотребата на супстанции и депресијата, кога овие прашања се прикажани со емпатија. Сепак тинејџерскиот серијал не би бил тинејџерски без искуствата со кои се соочуваат децата на таа возраст. Во „Тинејџерски камп“ беа прикажани  реалните проблеми на младите, како што се првата љубов, разочарување,  љубомора, првото пијанство, односот со родителите, емотивната состојба на младите, здравјето, внатрешниот мир, семејството, пријателите, и тоа вистинските пријатели, малите задоволства, желбата да помогнете некому. Заклучокот на крајот беше дека пријателите се темелите на нашиот живот. Тие ги прават нашите животи побогати и исполнети. Времето поминато со пријателите, семејството и со саканите е најважниот момент во животот. Целиот свој живот сите трагаме по вистинските одговори, но дефинитивно среќата е во моментите поминати со најблиските. Се надевам дека преку овој серијал, нашата публика имаше можност тоа и да го сфати.

ЖМ: Тешко ли беше да се ангажира Милан Калиниќ, каков е за соработка?

- Изминативе години имавме можност да работиме со најдобрите македонски актери, кои на мое задоволство беа пресреќни што се дел од нашите серии. Имавме неверојатно добра соработка со секој од нив. Идејата да се ангажира актер од Србија за втората сезона на „Тин камп” произлезе од фактот што самиот камп во серијалот беше домаќин на деца од целиот Балкан. Изборот токму на Милан Калиниќ беше сугестија од страна на Тони Михајловски, кој соработувал со Милан на повеќе серии. Јас и Милан се знаеме повеќе од 15 години, уште од времето кога Каролина пееше на „Сунчане скале”, а Милан беше водител на фестивалот. Како и да е, задоволна сум од изборот на актерската екипа, особено што на едно место беа докажани актери како Петар Мирчевски, Тони Михајовски, Камка Тоциновски, Сара Климоска, Милан Калиниќ, Тамара Ристоска. Хемијата помеѓу нив и тинејџерите-актери беше навистина очигледна и резултираше со огромен успех. Енергијата која ја имаше на самото снимање беше неповторлива, со што семејството на мојата продукција стана уште побогато. 

ЖМ: Задоволни ли сте од реакциите на публиката, на кои податоци сте посебно горди?

- Дефинитивно сум горда што и двете серии „Дајте музика“ и „Тинејџерски камп“ допреа до публиката и доживеаа невиден успех. Фактот што за неполни 5 години се најгледаните серии на нашите медиуми, а на нашиот Јутјуб канал имаме повеќе од 74 милиони прегледи и 76.6 илјади претплатници, сведочи за моќта и влијанието на телевизиските проекти. Но сепак идејата би била само идеја, доколку не наиде на поддршка. Националниот сервис МРТВ дефинитивно е најзаслужен за нашиот успех, бидејќи застана позади нашата продукција и изминативе 5 години нѐ поддржа финансиски и технички. Но и покрај нашиот комерцијален успех, најважно од сѐ, „Дајте музика“ и „Тинејџерски камп“ се уште се обидува да ги едуцира младите генерација со користење на македонски јазик. Ги следи и става акцент на вкусовите, интересите и трендовите на најмладите пред сѐ! Понуди содржини во кои сигурно секое дете и секој тинејџер би се препознал. Допре до родителите во смисол на идентификување на навиките и на ставовите на нивните деца и се обиде да даде правилни насоки за решавање на разните предизвици кај младите на таа возраст. Да не заборавам и на огромното влијание во музиката. Создадовме  нови авторски хитови, од најпознатите македонски композитори (Никола Перевски -Пере, Роберт Билбилов, Николче Мицевски, Борче Кузмановски и многу други) кои и во иднина ќе се пеат, како од децата, така и од возрасните. Голем дел од хитовите беа на врвот на топ листите на најреномираните радио станици кај нас. Нашата насловна песна „Дајте музика“ доживеа невиден успех и за  кусо време стана химна на новата генерација. Воедно ги возобновивме и најпознатите детски и македонски поп песни, со нови и модерни аранжмани, кои ги изведуваа децата глумци од серијалот. Ја претставувавме Македонија на Детската Евровизија, а песната “Green Forces” стана хит на новата генерација Одржавме преку 30-на концерти низ цела Македонија, а многубројната публика е сведок на огромната популарност и влијанието на децата актери од двата серијала. Има ли поголемо задоволство од тоа да видите дека децата кои сте ги одбрале на кастанг, прераснале во ѕвезди, вистински примери и херои на новите генерации. Дали беше лесно? Не! Но дефинитивно вреди да се твори и работи. Горда сум на сите „мои” деца актери, како и на целата екипа. Успехот се должи на хемијата што ја имаме меѓу нас и на тимската работа. Секој од тимот е подеднакво важен и работи во име на квалитетот и она што имаме да го понудиме. А јас сум само тимскиот лидер со најдобриот тим на светот. Нема поголема среќа и задоволство од тоа. 

Соња Алексоска Неделковска