ПОВЕЌЕ СЕ ЗГРИЖУВААТ МИЛЕНИЧИЊА, ОТКОЛКУ ДЕЦА: Мила Царовска се сретна со новинарите

Добивај вести на Viber

На брифинг со новинарите во седиштето на УНИЦЕФ во Скопје, денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска порача дека за надминување на ситуации како вчерашната во селото Тимјаник не се доволни само кампањи и дејствувања на граѓански организации, туку е неопходно интервенирање преку образовниот процес, уште од најрана предшколска возраст.

- Тимјаник вчера покажа дека на македонското население му треба едукација. Природно е да се плашите од нешто што не го знаете. Не се откажуваме и ако треба уште сто или двесте пати ќе се вратиме таму -  рече Царовска.

Министерката уште еднаш нагласи дека освен на отворање мали групни домови, акцентот е ставен и на згрижувачките семејства како еден од најдобрите облици на прифаќање деца без родители или со попреченост.

- За згрижување деца нема толку голем одѕив како што има за посвојување миленичиња. Мора да поработиме на ова поле зашто овој тип алтернативна форма на згрижување деца нуди најтопла атмосфера, како што е во нормалните семејства – истакна Царовска.

Бенџамин Перкс, претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, подвлече дека жителите на Тимјаник можеби не се толку исплашени од децата со попреченост, колку што се оптоварени со егзистенцијални проблеми.

- За да не се повторуваат вакви ситуации, важно е населението да биде сослушано од локалните заедници и да се земат предвид неговите укажувања и проблеми– рече Перкс.

По стартот на кампањата на Министерството за труд и УНИЦЕФ, 75 лица пројавиле интерес за згрижување деца.