Познатата тату-артистка Емилија Пендева по долги години конечно проговори: Сотир ми ја врати вербата во љубовта

Убава, позитивна, уникатна ... Емилија Пендева, синооката девојка која се прослави преку спотот на Тоше Проески „Лејди“, а подоцна и како една од единствените тату артистки на нашите простори, токму кога беше во екот на славата наеднаш се повлече од медиумите. Денес, поразлична од пред неколку години, видно изменета со тетоважи по целото тело, сини суканици и сосема поинаков начин на живот, постојано е во центарот на вниманието меѓу своите следбеници, но само на социјалните мрежи. Речиси 10 години, особено по разводот за нејзиниот живот можеше само да се шпекулира. Таа цврсто одлучи својата интима да ја држи во тајност, а колку и да се обидуваа, никој не успеа да ја поврзе со ниту едно момче. Денес, после многу години, токму за Женски Магазин, Емилија одлучи да сподели со нас дел од својот живот и врската со момчето кое успеа повторно да и ја врати насмевката.


* Долго време те немаше во јавноста, се повлече во периодот кога беше една од најинтересните и најнеобични ликови каj нас, за која медиумите и тоа како пишуваа, зошто?

- Свесно се повлеков од медиумите кога сфатив дека ми се обрнува повеќе внимание од она на што бев спремна. Во оваа професија се впуштив додека тетоважите се уште беа табу тема во нашава земја. Прифаќав интервјуа само поради тоа што своевремено беше најефикасен начин да се допре до поголем број луге. Во моментот кога сфатив дека веќе масовно се сменети гледиштата и дека тетоважите се еден вид нормално нешто и кај нас, ми беше банално секое мое јавно зборење на темата.

* Оние кои те следат на социјалните мрежи можат да забележат дека водиш доста динамично секојдневие, но за тоа долги години не сакаше да говориш јавно. Па ајде да ни кажеш со кого го пиеш првото кафе?

- Моментално сум растргната на „пола“, постојано сум на релација меѓу моето родно Кавадарци и Скопје, каде живеам и работам од 2009-та година. Кога сум во Кавадарци, ме буди и дружи постојано моето кутре, тој ми е најдобар другар за прво утринско кафе, а некогаш кога имам среќа го пијам со мајка ми, секако, доколку и двете сме слободни наутро, знаеме да уживаме со добро кафе и убав разговор. Кога сум Скопје пак, мојот партнер е човекот со кој го почнувам денот и го пијам првото утринско кафе.

* Колку време поминуваш, на работа во своето тату-студио со оглед на тоа дека имаш премногу работа?

- Времетраењето на работниот ден многу ми зависи од клиентите и останатите обврски. Има денови кога сум и по 12-14 часа на работа, што е физички доста напорно, ама љубовта што ја имам кон тетовирањето не дозволува да имам голем стрес и замор послетакви денови.

* По разводот, јавноста не успеа да те поврзе со ниту едно момче, се до недамна, откако започна врска со Сотир. Како се запознавте?

- Сплет на околности и неуспешен обид за врска после развод, ме натера да донесам одлука животот си го организирам без партнер. Доста време си бев посветена на себе, на моето семејство и блиски другари од кои добив целосна подршка за таквата одлука. Фактот што се роди љубов со Сотир, беше големо изненадување за сите а најмногу за мене. Се запознавме случајно преку заеднички пријател, речиси две години разменувавме само по едно здраво. Меѓусебен интерес појавивме по само првиот подолг разговор и за една недела веќе бевме во врска.


* Она што е интересно е дека тој е помлад од тебе, дали се чувствува разликата во години?

- Ако општо размислувам за разлика од скоро 3 години меѓу партнерите како во нашиот случај, да, би ми било пречка. Но во оваа ситуација, сфаќам дека бројот на години нема многу влијание во зрелоста, барем не кај нас. Во ретки ситуации кога ќе се спречкаме, ми идат такви мисли, помал е и слично, а после тоа јас се наоѓам во ситуација јас да реагирам незрело. Она што најмногу ми се допаѓа кај Сотир, е тоа што секој конфликт го решаваме пред се како пријатели, а препирките ни се конструктивни. Нашата цел е да се градиме како подобри личности еден покрај друг.

* Покрај љубовта, она што ве поврзува се тетоважите, задничките патувања, љубовта кон екстремите спортови... како го поминувате секојдневието, кој е иницијатор за честите патувања и  авантури?

- Покрај нас, сите луѓе што не понзнаваат забележаа дека имаме многу слични интереси. Сноуборд ни е на прво место, па велосипедите, возење скејт, фитнес итн. Среќна сум што конечно имам човек со кој можам да поминува 24ч без да ми биде напорно или да сакам да сум сама. Кога сме кај патувањата, најчесто тој дава идеи за активности а јас ги прифаќам.


* Веган си долго време, дали твојот одличен изглед е благодарение на исхрана или пак е во прашање генетиката?

- Пред се ти благодарам за комплиментот. Генот што го имам наследено од мојата мајка е главен фактор за тоа како изгледам. А од кога преминав на веганска диета, можам да кажам дека таа ми се одрази на целокупното битие. Ми се зајакна имунитет а приметиви структурата на телото дека почна да ми се менува. Лично за мене,тоа е една од најдобрите одлуки што ги имам донесено во животот.

* Дали и твоето момче почна да јаде веганска храна, бидејќи често заедно готвите или сепак е љубител на добра сакара?

- Сотир не е веган, иако еден период од животот се хранел вегетаријански. Му се допаѓа веганска храна и доста често заедно готвиме. Тој самиот ми откри и доста нови места и намирници. Дисциплиниран е кон храната, исто и јас, ама знаеме понекогаш да се опуштиме со брза храна која не е наш најздрава.

* Кои се твоите/вашите идни планови, дали зборувате за заеднички живот, и која е вашата следна дестинација?

- Кога се во прашање заедничките планови сме многу флексибилни, а следно патување ќе ни биде планинска авантура на Тара, каде ќе ја прославиме нашата годиншнина. За понатаму ќе видиме како налагаат желбите, финансиите и слободното време. Најважно нитоа што секој слободен миг го минуваме заедно, па ништо не ни менува каде сме и што правиме.

* Дали го славите Велигден, дали знаеш да вапцаш јајца?

- Кога сме кај темата Велигден, со оглед дека сум веган, секако со максимална почит кон сите христијански адети, нема да вапцам јајца. Иако, морам да признаам дека до пред неколку години се будев пред изгрејсонце за да ги обавам велигденските традиции по пропис. Кога сме кај празникот, нема да го поминеме заедно. Сотир ќе мора да работи, а јас планирам да ги минам деновите во Кавадарци со нашите мајки. И да откријам, од првиот момент кога се запознаа тие станаа ептен добри пријателки.


E.A.