Празнично со Кики Мукаетова: Хуманата димензија ја наследив од родителите, секогаш со задоволство се вклучувам во проекти за децата и младите
Ги сака музиката и танцот, од рака ѝ одат и актерството и моделингот, а хуманата нишка ѝ е всадена од мали нозе
Тинејџерката Кристина Мукаетова на пошироката македонска јавност ѝ стана позната по улогата на Кики во серијалот „Дајте музика“, како и по учеството на Јуниорскиот Евросонг 2021 кога со „Green forces“ порачаа дека немаме резервна планета.
Танцува од малечка, пеењето ѝ е пасија, а ја препеа и песната на Калиопи „Лео“.
Кики е голем хуманитарец и пријател на СОС Детско село веќе неколку години по ред, дел од проекти на „Црвениот крст“, четврта година по ред работи на инклузивната танцова претстава на Еурека „Сеќавања“ во која учествуваат танчери без и со попречености. Дел е од кампањи на „Алкалоид Скопје“ и секојдневно се залага за подобра заедничка иднина.
Покрај сето ова Кики е една скромна и културна девојка која ја обожава празничната магија, а најмногу од сѐ убавите моменти сака да ги поминува со семејството, кое за неа е секогаш на прво место.
* Дали ја сакаш празничната еуфорија?
- Нови почетоци и најубави желби. Кој не ги сака?! Ако ги исклучиме загадувањето и гужвата во сообраќајот, ова можеби е најубав период во годината.
* Кога започнуваш со украсување на домот?
- Со оглед на обврските со крајот на полугодието, убавите работи се оставени за средината на декември.
* Дали Новогодишните празници сакаш да ги поминеш во домот или пак на некое патување?
- До ковид пандемијата, скоро секоја нова година ја дочекувавме со семејството надвор од Скопје. Последниве три Нови години сум со семејството или друштвото во Скопје.
* Дали доколку има таков, може да ни одвоиш некој град/ патување што ти оставил посебен впечаток со празнична магија?
- Празничната магија за мене има смисла само ако сум со луѓе кои ми се навистина драги, со кои се чувствувам среќна, исполнета и своја на свое. Прв пат оваа Нова година планирам да ја дочекам со друштвото во Маврово. Онака тинејџерски...
* Веруваш ли во Дедо Мраз? Што сакаш да подаруваш, а што сакаш да добиваш на подарок?
- Моето последно писмо до Дедо Мраз беше во 2016- та, на мои 8 години, кога побарав „вистинско“ куче. Мојот померијанец Фан денес има седум години, а јас сѐ уште верувам во магијата на исполнување на искрено посаканите желби. Да, јас подарувам и сакам подароци кои се дадени од срце и избрани со многу љубов.
* Кики ти често знаеш „да бидеш“ Дедо Мраз за децата од СОС детско село. Колку те радува тоа? Како мислиш дека може да се подигне свеста за повеќе лица да донираат за овие дечиња?
- Хуманата димензија потекнува од моите родители. При мојата прва посета на СОС Детско село, кога имав околу 9-10 години, јас се вратив дома со плачење. Не можев да ја прифатам помислата за суровата судбина на овие прекрасни малечки кои беа желни за гушкање, внимание и игра. При секоја повторна посета на селото, одев и одам со најпозитивен дух и мисла, со желба да им го направам барем тој ден додека сум таму поубав и повесел. Помислата на растењето без родителска грижа и љубов страшно погодува. Јас го чувам секој цртеж и секоја порака од моите другари од СОС. Со тек на времето, видов дека со овие деца во СОС Детско село работат навистина квалитетни луѓе, но на крај на денот, сето тоа функционира благодарение на донации. Да, тие имаат кров над глава и згрижувачи кои солидно секојдневно водат грижа за нив, но секое дете понекогаш посакува нова играчка, нова активност каде може да го изрази својот талент, можеби дрес од својот омилен спортист и слично. Повеќе донации за СОС би значеле повеќе можности за близу 500 деца во Македонија кои се без родители или родителска грижа. Секоја донација, колкава и да е, секако е значајна, но во исто време е шанса да направите некое дете посреќно, а самата таа помисла вреди богатство!
* По Новогодишната ноќ, секој од нас со огромна радост го чека доаѓањето на Божиќ, а постарите велат „кај и да си за Божиќ дома да си“. Имате ли некоја традиција која ја практикувате за Божиќ со домашните? Некои обичаи кои сте ги наследиле од постарите?
- За Бадник и Божиќ – мора да сме сите дома! И секако – доследно се почитуваат сите традиции и обичаи.
* Колку Кики од „Дајте Музика“ се разликува со вистинската Кики? Опиши се себе си со една реченица.
- Во „Дајте музика“ јас се глумев себеси. После три сезони во проектот, нормално, пораснав, па решив да се повлечам. Но останав (со една реченица) онаа мала паметна, вредна и добра другарка која секогаш е на страната на правдината и подготвена да помогне на сите кои се во неволја.
* Секогаш се залагаш за правата на децата, за децата со попречености, за децата од ранливи категории... Раскажи ни нешто повеќе околу тоа. Колку те исполнува таа хуманитарна мисија?
- Секогаш со задоволство се вклучувам во проекти кои ги засегаат децата и младите од било кој аспект. Во еден мој следен проект кој го планирам наскоро, малку по опширно ќе се занимавам и со горливи теми за сите млади. Она на кое работев изминативе денови е 4-та по ред инклузивна танцова претстава на Еурека „Сеќавања“, која се одржа на 24, 25 и 26 декември во Националната опера и балет и во која учествуваа 320 танчери без и со попречености. Четири години по ред, уживам во овие настани исто колку и моите другари со попречености кои ги сакаат танцот и музиката исто како и децата со нормален раст и развој, можеби и повеќе. Попреченоста е во очите, а не во срцето. На сцената, сите сме еднакви и едноставно, треба да се даде шанса секому.
* Ти си и заштитно лице на брендот „Ребека Македонија“. Кое е твое омилено парче накит кое ќе го носиш за празничните денови?
- Ланчето со иницијал (не кажувам кој) ми е за сите прилики и буквално не се делам од него. Празнициве ќе експериментирам со посветкави и похрабри парчиња од новите брендови на „Chapter03“, a обетките на Валентина Ферањи деновиве ми се „must“.
* Твоја Новогодишна желба, и Новогодишна порака за нашите читатели?
„Секој човек вреди
колку еден свет
дар Божји животот е“
- Ова се стихови на Огнен Неделковски од песната „Божиќ за секој од нас“ (стара повеќе од 20 години), која лани за празниците ја препеав непосредно по прележан ковид по втор или трет пат. Тогаш, така немоќна да направам било што, сфатив колку важна и универзална порака тие носат... Песната исто така вели: Сите исто сакаме... здравје, љубов, среќа, спас – епа јас празнично ви посакувам да ги имате сите во изобилство. Од срце!
*Даница Караташова Илиоска