Празнично со Сузана Турунџиева: „Животот е една голема импровизација, во која најчесто немаш време ниту да ја „преслушаш темата“ на која треба да импровизираш“

Добивај вести на Viber

Почетокот на новата година е почеток на нов период, нова надеж, нови цели, нови замисли, ново животно поглавје и нови искуства. Сепак, не секому периодот на Нова година му буди позитивни чувства, иако длабоко во себе, секој се надева дека секоја следна е можност да сврти нов лист во животот, лист кој ќе биде исполнет со повеќе среќа и здравје, а помалку неубави мигови. Овој период од годината барем за момент ги одвраќа луѓето од секојдневието исполнето со рутина, па подароците, китењето на домот, прославите се чести, а бадниковото лебче и Божиќ будат посебни чувства во топлината на домот во присуство на најблиските. Токму за овие празнични мигови, поразговаравме со Сузана Турунџиева која за Женски Магазин сподели неколку „епизоди“ од својот живот поврзани со овој период од годината, некои помалку убави, а некои полни со надеж за подобро утре.

ЖМ: Што ви ја одбележа оваа 2023, по што ќе ја запаметите?

Годината која ја испраќаме беше една непредвидлива, стресна и чудна година исолнета со многу турбулентни денови, многу предизвици и година во која  прерано ги испратив некои мои драги луѓе од другата страна. Година, во која по не знам кој пат се уверив дека животот е една голема импровизација, во која најчесто немаш време ниту да ја „преслушаш темата“ на која треба да импровизираш.

ЖМ: Како плнирате да ги поминете претстојните празници?

Како и секоја година и оваа година останувам дома, со семејството. Ако успееме да организираме некој викенд на планина и во снежна атмпсфера, би била навистина благодарна.

ЖМ: Дали сами го украсувате домот или имате помош од семејството?

Секоја година заедно со мајка ми и помалата ќерка  го украсуваме домот и заеднички изработуваме декорации, кои ги ротираме често пати.  Но, секогаш кога на внукот Јаков ќе му здосадат играчките, тој почнува да „декорира“ на свој начин.

ЖМ: Дали имате некои ритуали кога се во прашање овие преубви денови во годината?

Со оглед на тоа што музиката за мене е живот, секој ден во овие денови кај нас свири празнична музика, и се е поинаку. Се разбира и секое испиено кафе/чај не би било исто ако го пиеме во секојдневните филџани, туку се подготвува во специјални новогодишни филџани и се пие со внимателно селектирана музика и блескави сијалички на елката кои ја најавуваат новата година.

ЖМ: Што не пропуштивте да изреализирате за дочекот на оваа Нова година?

Ниедна нова година не поминува без насмевки, квалитетна музика, малку храна, убаво кафе,  нови пижами и симболични персонализирани подароци за саканите. Не сум од оние кои трошат многу пари на подароците. Јас сум од тие кои трошат МНОГУ ВРЕМЕ НА ПОДАРОЦИТЕ.

ЖМ: Ако се навратите на детството што е она што прво ве асоцира на овој период од годината?

Топлината во домот, мирисит на домашно печени кикирики,  полна куќа луѓе и  задолжително секоја Нова година во моето детство татко ми ангажираше професионален фотограф, чичко Тони, кој доаѓаше вечерта на 31ви и не сликаше со брат ми пред  елката и со подароците.

ЖМ: Кој ви е најомилен подарок кој сте го добиле за Нова Година и зашто?

Ние како деца не добивавме ништо друго освен пакетче и на истото многу му се радувавме. Никогаш не наоѓевме маани, ама затоа секогаш си менувавме со брат ми. Се што тој не јадеше ми даваше мене и обратно.

ЖМ: Дали ве „понесува“ празничната атмосфера и дали сте од оние кои трошат многу пари на подароци?

 За жал, од година во година не ја  чувствувам предновогодишната атмосфера. Уште пред  22 години ја изгубив, кога во очи Нова година добив информација дека мојот брат Панде не е веќе жив, јас престанав да им се радувам на новите години како порано... СЕ трудам колку што можам, поради децата и поради мајка ми да направам каква таква атмосфера и да им приредам празничен амбиент, но во срцето ми е сеуште многу празно и многу тажно...

ЖМ: Која ви е неостварена желба која сакате да ви се исполни во следната 2024?

Единствена желба имам за 2024 година да не испратам (во 2024) никој од сите кои ги сакам, да сме здрави, насмеани и да дишеме поквалитетн воздух.

ЖМ: Која е вашата порака и желба до сите жени за претстојната година, што е она што мора да го направат за себе?

Мојата порака до сите жени е да се почитуваат себеси, да внимаваат на своето тело, да одржуваат ментална хигиена, да си ја пронајдат точката на својот мир и се што можат да направат,  да направат до 40та година, за да можат да доживеат порелаксирани денови во второто полувреме во животот

Елеонора А.