Празниците си имаат своја убавина ако знаеме како да ги уживаме и сами да си направиме да сме среќни: Новогодишно со Анета Молика
Една од најголемите ѕвезди на македонската музика е Анета Љумаковска, попозната како Анета Молика. Популарната пејачка важи за еден од најубавите вокали во Македонија и пошироко, за што говори и фактот што секогаш се бара карта повеќе за нејзините настапи.
Во својата кариера има испеано многу песни, а 2023 година за неа донесе и крај на бракот со музичарот Џими Мицевски.
Познатата поп-фолк пејачка ни раскажа како ќе ги помине празниците и со кој ќе ја дочека 2024 година, и како што ни откри после години на настапи, оваа 2024 ќе ја дочека слободна и дома.
ЖМ: Оваа година за Вас беше прилично напорна и турбулентна, се разведовте и почнавте нов живот. Колку се тоа влијаеше врз вас?
- Искрено секоја година е турбулентна во зависност од тоа како ние го сфаќаме тоа, тука се работата, настапите, приватните случувања. Едноставно животот нема да биде интересен ако не се случува ништо дали било позитивно или негативно. Во секој случај што и да е само нѐ зајакнува уште повеќе и нѐ прави поголеми борци за тоа што го сакаме и што ни е цел во животот. Се што се случува е со некоја причина и јас никогаш не гледам негативно на тоа туку гледам уште една причина повеќе, за повеќе да се борам и да успеам во тоа што сум го зацртала.
ЖМ: Како ќе ја дочекате оваа Нова 2024 година?
- После толку години оваа Нова Година ќе бидам слободна и дома затоа што јас така одлучив, бидејќи од самиот почеток на следната 2024 ќе има доста настапи како тука во Македонија така и надвор, можеби ќе има некоја турнеја преку океанот меѓутоа сега ништо да не откриваме затоа што сме во преговори сѐ уште.
ЖМ: Какви спомени ви будат празниците, колку вие им се радувате, и им придавате значење, колку сакате да украсувате по дома?
- Сега ме вративте во младоста кога бев дете и кога се радував на украсувањето а исто така се радувам и ден денес затоа што детето не излезе од мене никогаш. Сакам да украсувам и да уживам во празничните моменти меѓутоа не сум имала многу можност за тоа затоа што секоја година ја дочекував работно и секогаш тоа било Австралија, Америка, Канада и тој период кога се украсува јас не сум дома.
ЖМ: Што ви е најубаво за време на овие празнични денови?
- Искрено да кажам најубаво ми беше кога бев дете и кога едвај чекавме сите да купиме честитки да испраќаме, па на школо да си оставаме под клупите, некако се беше преполно со позитивна енергија за жал тоа го нема повеќе, но се трудиме некако да бидеме позитивни и да се надеваме на подобри времиња иако знаеме дека тоа нема да се врати сега честитките ни се преку социјалните мрежи, но сепак секогаш овие празници си имаат своја убавина ако знаеме како да ги уживаме и сами да си направиме да сме среќни.
ЖМ: Како ќе го поминете Божиќ?
- Како и дочекот така и Божиќ. Дома опуштено во домашна атмосфера со сите адети кои ги носи овај преубав празник.
ЖМ: Велат колку е побогата трпезата, толку побогата ќе биде и годината. Како изгледа Бадниковата трпеза во Вашиот дом?
- Никогаш не гледам така кога станува збор за богатата трпеза. Битно е секогаш да има тоа што треба, скромно како што доликува, битно е да се има хармонија и позитивна енергија во домот и човек да е со своите најмили, а мојата трпеза секогаш била надвор од дома затоа што како што кажав секогаш овие празници сум ги дочекувала далеку.
ЖМ: Како Вашата ќерка им пристапува на празниците? На што најмногу се радува?
- Таа е иста како мене се радува буквално на сѐ, иако е веќе возрасна секогаш украсува во нејзиниот дом и знае да ми се јави со преголема радост и да ми каже како украсила. Веројатно тоа и останало од мене.
ЖМ: Мајките се секогаш пристрасни за своето дете, но сепак ќе Ве прашам по што таа е посебна? Како родител какви очекувања имате од неа?
- Секое дете е посебно за својата мајка колку и да има. Ме радува тоа што е воспитана и културна. Знае да цени тоа што е добро. Тоа што очекував од неа тоа и го добив и сум пресреќна поради тоа и очекувам да успее во животот затоа што е борбена како мене и секогаш го добива тоа што го сака.
ЖМ: Без разлика дали се работи за неформален настан или за официјална посета, секогаш сте впечатлива. Како го дефинирате Вашиот стил и кој Ви помага во изборот на облеката?
- Морам да бидам искрена тоа веќе сите го гледаат, точно е дека сменив стил на облекување имиџ, се што е потребно за еден естраден уметник. Сепак треба да бидам внимателна и да внимавам на својот изглед секако тоа го бара мојата професија. Имам луѓе кои што се грижат за мојот изглед, заедно одлучуваме како ќе изгледам на моите настапи и благодарна сум за тоа.
ЖМ: За крај што си посакувате себеси, и но на сите оние кои ве поддржуваат во работата за 2024?
- Се што си посакувам себеси исто им посакувам и на сите што ме поддржуваат во мојата работа и на тие што не ме поддржуваат, а тоа е секако прво здравје бидејки тоа е единственото што не се купува со ниедна пара на светот, потоа среќа, љубов и успех на секое поле.
Ирена Ставрова