Пред неколку години сопругот ме побара за жена на Велигден: Наталија Деспотовска од Охрид за блогот за храна, празникот и традициите
Не бадијала се рекло: „Не секој ден е Велигден“. Овој ден е еден од најубавите денови во годината, исполнет со среќа, насмевки и по некоја плачка од скршените велигденски јајца на малите дечиња (па и на поголемите - кои се лутат), но и по полната велигденска трпеза која е неизоставен дел од овој голем христијански празник.
Од година во година секоја домаќинка бара нови начини на вапцување на велигденски јајца, да и бидат убави и различни од велигденските јајца на пријателките, но исто така бараат и различни и интересни рецепти со кои би ги изненадиле домашните, па и гостите кои ќе ги посетат и ќе им посакаат Честит Велигден.
Денес на Интернет може да се најде буквално се‘ и сешто, па има и многу профили на социјалните мрежи на наши дами кои редовно споделуваат рецепти и од кои може да се најде инспирација. Една таква дама на која наидовме и ние пребарувајќи на Инстаграм е Наталија Деспотовска - или Natali cooking каде може да најдете многу идеи.
Со Депотовска која е дипломиран дизајнер за внатрешен дизајнер, но има приватен бизнис кој се занимава со храна, која како што ни откри е посветена на фамилијата, љубовта кон готвењето и уметноста и потенцира дека она што ја исполнува се часовите поминати во кујната како хоби, посветено време на миленичињата, кафе со пријателите и прочитани неколку страни од убава книга.
Со неа овој пат зборуваме за Велигден и традициите кои таа ги негува, за рецептите кои ги подготвува со многу љубов и за зајачето кое ја следи насекаде.
* Препознатливи сте по готвењето, а доста сте активни изминативе неколку недели и на Инстаграм со споделување на рецептите. Од каде љубовта кон готвењето? За повеќето дами готвењето е обврска која не им е меѓу омилените, а кога и да споделите видео се гледа дека вие тоа го правите навистина со љубов?
- Мислам дека секој човек се раѓа со нешто кое е посебно за него како индивидуа, за мене тоа е готвењето, часови поминати во кујна вкусувајќи нови рецепти. За кое сепак мислам дека исто така имаат големо влијание моите родители. Кај нас дома сите сме гурмани, сите до еден! Кај нас тема на разговор е секогаш што ќе се готви?! Сакаме да готвиме исто толку многу колку што сакаме да јадеме. Никогаш не ми претставувало проблем со часови да останам во кујна. Иако свесни сме дека живееме во време кога животот е динамичен и брз па така мора да се прилагодиме на тоа колку вистински ни останува време за во кујна.
* Од каде наоѓате инспирација за рецептите, тоа се најчесто ваши лични рецепти, наследени од најблиските, или ги наоѓате како инспирација на Интернет?
- Сакам да експериментирам, го пробувам се‘ она што ќе ми се допадне. На Интернет денес има многу убави рецепти кои се подготвуваат многу години наназад, жално би било кога би ја зеле заслугата денес ние за нив. Можам да кажам дека кај нас во фамилијата се подготвуваат рецепти кои генерациски се пренесуваат, и дел можете да најдете на мојот профил. Како и многу рецепти кои сум си ги смислила комбинирајќи состојки па на крај да сфатам дека сум измислила многу вкусен рецепт.
* Што сакате најмногу да готвите, солено или благо?
- Сакам да готвам се‘ што ќе ми се допадне како рецепт, мислам дека подеднакво готвам и благо и солено.
Никогаш не ми претставувало проблем со часови да останам во кујна
* Кој е вашиот омилен рецепт?
- Шарлота, шарлота, шарлота!!! На првите три места оваа превкусна торта, а после се останато канелони, лечо, полнети пиперки и добар бургер со многу кашкавал и пржени компирчиња.
* Готвите најчесто здрави рецепти или се‘,особено оние кои се Македонската традиционална кујна?
- Како што спомнав обожавам да готвам, што значи ни малку не сум ограничена. Знам да направам здрава торта, за подоцна да направам традиционално јадење. И се она што ќе ми привлече внимание на Интернет, затоа и кај мене на самиот профил може да најдете различни рецепти од се‘ по нешто.
* По потекло сте од Охрид, дали имате зготвено ѓозлеме?
- Иако сум родена во Охрид и обожавам ѓомлезе, никогаш не сум имала прилика да го подготвам сама. Сепак секој занает си има свој мајстор. Затоа и редовно си го посетувам пазарот каде што најчесто може да се најде ѓомлезе, питулици и слично.
* Имате и прекрасно зајче, кое често ви прави друштво во кујната. Кажете ни нешто повеќе за него?
- Бани со нас е веќе цели 8 години. Има многу големо значење во нашиот живот и мило ми е што пред осум години донесов одлука дека го сакам баш него за миленик. Поминуваме доста време во текот на денот заедно, сака да ни биде во близина па постојано е до нас. Со нас гледа телевизија, трчка постојано и секогаш ми прави друштво за првото утринско кафенце.
* На некој кој прв пат доаѓа во Охрид кое место би му го препорачале како „must see“?
- Ахх Охрид сам по себе е MUST SEE дестинација. Има толку убави места кои можеш да ги посетиш. Пред се‘ би тргнала по стариот дел од градот, кафенце покрај црквата Св. Софија, ручек под црквата Канео, прошетка до тврдината, античкиот театар како и многуте цркви во стариот дел. Потоа би се спуштила до самата чаршија на крофни и смути, па покрај езерото на прошетка. Со кола по Охридксата обала, па се‘ до Заливот на коските и до изворите кај црквата во Св. Наум. Охрид е едно од најубавите места во светот!
* Кое е ваше омилена македонската дестинација? (а да не е Охрид)
- Иако Охрид ми е едно од омилените места во Македонија морам да признам дека нашата земја е полна со толку убави места со многу природа. Едно од поубавите кои ми остави впечаток се Кокино, Осоговски манастир во Крива Паланка, Беловиште и уште многу убави места кои не‘ чекаат за истражување.
Не пропуштам утро на Велики четврток, пред изгрејсонце секогаш ги вапцувам првите три црвени јајца
*Што мислите има ли иднина за успешните, а пред се‘ различните шефови на кујна на Инстаграм?
- Има иднина за секој што е упорен во својата работа, па така и за ова. Посебните луѓе често несвесно стануваат забележани благодарение на социјалните мрежи. Затоа мислам дека денес имаат прилика сите оние кои се посебни и упорни да успеат многу во секоја професија.
* Пред нас е најубавиот христијански празник Велигден, а вие сте познати по готвењето, имате ли некој рецепт кој традиционално го подготвувате пред Велигден или за Велигден?
- Велигден е вистина еден од најубавите празници, за мене посебен. На Велигден пред неколку години сопругот ме запроси, а исто нашата врска ја започнавме на Велигден.
За ден Велигден секогаш ручаме заедно со фамилијата, искрено сум човек кој секогаш го цени времето поминато со најблиските па така најчесто заедно подготвуваме сите по нешто.Како погача, ролат од месо, козињак (милиброд), руска салата, копенхаген баклава и шарлота торта за секоја пригода.
* Дали станувате пред изгрејсонце на Велики четврток за да вапцате јајца?
- Велики Четврток има големо значење за секој христијанин, па така не пропуштам утрото пред изгрејсонце да ги вапцам првите три црвени јајца. Првото јајце е посветено на Бога, второто на домаќинот и третото за бериќет и среќа.
* Користите стандардни бои или пак пробувате нови начини на бојадисување, кои денес на Интернет може да се најдат многу?
- Секоја година пробувам нешто ново и различно. Секако ја сакам уметноста па најчесто гледам да е нешто поврзано со исцртување и боење со четка или ја користам техниката на лепење на салфетка со белка од јајце - декупаж. Има толку многу интересни техники кои дефинитивно заслужуваат да се пробаат.
* Каква е традицијата за Велигден во Охрид?
- Велигден е голем христијански празник, а Охрид е град со многу цркви. Со тоа има и големо значење за сите нас. За Велигденските празници градот е значајно преполн, со тоа ние Охриѓани викаме дека туристичката сезона почнува веднаш по Велигден. Во однос на традициите мислам дека во секој град се приближно исти. Тогаш, навечер во Сабота се оди во црква и околу полноќ се кружи околу црквата, а потоа се кршат вапцаните јајца, па си го честитаме празникот со зборовите:„Христос воскресна - Навистина воскресна“.
Наталија Миланова