Пред огледало со Александра Јовановска : Животот не е само совршена инстаграм фотографија
На телевизиските појавувања, изгледа како е да е девојка која е сто на час, а таква е и кога ќе се изгаснат камерите. Александра Јовановска, автор и водител на емисијата “Стисни плеј“ , будно ја следи и ја поддржува македонската музичка сцена. Приватно, го негува природниот изглед, сака да експериментира со козметика која ја купува на честите патувања и вели дека животот не е само сликата која ја покажува инстаграм.
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
За мене најважен е добриот и здрав сон. За свеж изглед практикувам осум часа квалитетен сон, а со тоа свежината на лицето не може да изостане. Потоа доволно е да го исчистам лицето со млака вода и сапун, а за совршен баланс на кожата на лицето тоа го правам со сапуните на Dove. Едноставно ми одговараат, не ја сушат, а доволно ја хидрираат мојата кожа, а верувам дека сапуните се генерално најдобриот отстранувач на сите бактерии и нечистотии. Никогаш не си легнувам со шминка, најпрво ја бришам со влажни марамчиња, а потоа повторно лицето го мијам со сапун. Избегнувам да ставам ноќни креми, сакам кожата слободно да дише, но понекогаш употребувам природна крема од невен во делот околу очите.
* Со какви препарати го негувате лицето?
Верувам дека како и на организмот, така и на лицето и на косата им треба разновидност. Не се врзувам за некој одреден производ, сакам да пробувам најразлични креми, серуми, маски, пилинзи...Кога патувам се трудам да купам некои производи коишто се популарни и на природна база, а овде ги нема, како пилинг за лице на -417 со минерали од Мртво Море, или кал за тело од Мртво Море, коишто ги користам во моментов, како и црната маска на Siberica Natura, природна и органска козметика, производи коишто неодамна ги забележав и во аптеките во нашиот град.
* Посетувате ли козметички салони?
Многу ретко, а тоа најчесто е за маникир, педикир, депилација и релакс масажа. Повеќе ги сакам спа центрите искрено. Сѐ може да подобрите, да корегирате, но не гледам до каде и зошто? Свилени трепки, пополнети усни, трајна шминка, јапонска метода на исцртување веѓи, екстензии во косата, на крајот сите девојки наликуваат една на друга, а не можам да кажам дека се поубави од претходно. Животот не е само совршена фотографија на инстаграм, некој треба да ве сака и во реалниот живот.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
За мојот професионален изглед е задолжен тимот на фризерското студио „Cut & Cut“, позитивен и ведар тим, кој точно знае што прави. Таму со години мојата коса ја потстрижува Кристијан Тасески и комплетно му верувам. Секојдневно користам шампони за масен корен и суви врвови, како и оние со хијалуронска киселина. Маски и кондиционери користам многу поретко, но без спреј за расчешлување не можам да го замислам денот.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
Секојдневно не се обидувам ниту да скријам, ниту да истакнам нешто. Не ни знам да го правам тоа, користам само малку основа за изедначување на тенот и молив во црна боја за истакнување на очите. Малку маскара, бронзер и сјај за усни се доволни за пристоен изглед во текот на денот. За моите појавувања на телевизија пак задолжена е Хиба Арслани од „Cut & Cut“, на којашто бескрајно ѝ верувам и комплетно ѝ се препуштам. Тие минути додека се подготвуваме за емисија со Хиба за мене се комплетна релаксација и терапија, а интерно се шегуваме дека нејзината шминка е фасада којашто можеш да ја носиш со денови.
Кои се Вашите омилени козметички производи?
Влажните марамчиња за секаква употреба, му благодарам на тој што ги измислил!
Што носите секогаш во Вашиот несесер?
Крема за раце, прибор за нокти, кармин, молив за уста, молив за очи, молив за исцртување веѓи, маскара, камена пудра со огледалце.
Омилен парфем?
Во моментов Tease Noir, Victoria Secret!
Како ја одржувате линијата?
Со ваков динамичем живот каков што е нашиот, луѓето што работат во медиум, навистина е тешко, но уште потешко е со вишок килограми, па затоа конечно сум и свесна каде се наоѓам и што правам во тој поглед. Откако ќе го преживеете првиот шок дека после триесеттите години организмот не се однесува како пред десет години, иако вие уште се чувствувате така едноставно мора да се приберете. Во деновите кога не можам да го одржам режимот на исхрана од три оброка составени од протеини, најчесто месо и зеленчук, се трудам барем да бидам физички активна, а подолго време пешачам во планина барем неколку пати во неделата.
Милица Џаровска