Пред огледало со Ана Стојанова: Не почитувам преполни и неуредни ташни со непотребни работи
Познатата фитнес инструкторка и Инстаграм инфлуенсерка Ана Стојанова, пред огледалото на Женски Магазин ги откри своите ритуали за убавина.
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Долго време ја барав идеалната дневна рутина за мене затоа што имам масна и проблематична кожа на која и треба многу повеќе нега, а тоа често знае да биде и многу исцрпувачки. Можам да кажам дека за прв пат сум задоволна од мојата рутина и свежината на кожата, а за тоа е заслужна @magnilia.glamour која за моја и среќа на многу девојки се појави на Инстаграм и несебично споделува совети за чиста и здрава кожа.
Наутро го мијам лицето и вратот со клинсер, потоа го тапкам со тоник, веднаш после тоникот нанесувам витамин ц, а после две минути СПФ 50. Комплицирано? Малку, ама вреди.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- Мијам лице со Squalane Cleanser. Тонирам лице со хидратантен тоник Paulas Choice, витамински серум Ц (OLIVAL), ЗАШТИТЕН ФАКТОР на Биодерма, а паралелно правам и редовни пилинзи на природна база.
* Посетувате ли козметички салони?
- Да, како и секоја друга девојка.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Последнава година ипол користам шампон, регенератор и масло на Пантент, а понекогаш и шампонот на Озон Голд. Презадоволна сум од производите и не планирам да ги менувам во скоро време, косата ми сјае.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Не сум личност која нанесува многу шминка затоа што и лицето не ми ја поднесува повеќе од неколку часа. Имам големи и црни очи, па сакам да ги истакнам. Користам беж тонови кои дополнително ќе го дадат ефектот кој сакам да го постигнам. Јаки бои или црна никогаш не биле во игра, мислам дека ме затвара. Минимално исцртан туш и мнооогу маскара. Тоа е мојот стил кога е шминка во прашање.
* Кои се Вашите омилени козметички производи?
- Убава покривна и квалитетна пудра во комбинација со добри контури, а ништо без хидрататна крема за лице.
* Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Имам два несесери еден ГОООЛЕМ и еден помал како ташниче за прва помош. Во големиот ги чувам пудрите, контурите, сенки, нешто што употребувам само пред сликање, снимање или вечерно излегување. Во малото несесерче е пудрата која ја користам секој ден, моливче за уста, вазелин, маскара, туш, руж и коректор, но ретко го носам со себе или во рачна ташна. Се шминкам и излегувам, речиси никогаш не ја поправам шминката кога сум надвор од дома, а не сакам и не почитувам преполни и неуредни ташни со непотребни работи. Ако ме сретнеш најверојатно сум со мало или БЕЗ ташниче.
* Омилен парфем?
- Versace bright crystal е парфем кој го користам со години.
* Како ја одржувате линијата?
- Убава храна, одмор, што помалку стрес, тренинг и мнооогу мотивација која ја црпам секој ден од групата на ФБ каде сме собрани сите девојки кои се дел на моите програми.
Д.Караташова Илиоска