Пред огледало со Јелена Богојевиќ: Зависник сум од парфеми, лосиони и креми за тело
Јелена Богојевиќ, заедно со нејзината колешка Јана Серафимова, им го разубавуваат секое утро на гледачите на ТВ Сител во емисијата „Магазин“. За само неколку месеци, успејаа да ѝ „влезат под кожа“ на публиката, канејќи интересни гости од разни области. Јелена важи за една од нашите најубави и најшармантни водителки. Нејзините ритуали за убавина се прилично едноставни, и вели дека козметички салони откако почна пандемијата послабо посетува. Јелена себеси се нарекува „зависник“ од парфеми и од лосиони за тело.
*Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
-Денот го започнувам со миење на лицето и аплицирање на дневна хидратантна крема или пак тонална крема со заштитен фактор, а во текот на денот зависно од обврските и работата во телевизија, имам и шминка преку ден, додека во вечерните часови го чистам лицето со мицеларна вода и тоник, а потоа нанесувам серум за лице или гел кој најмногу делува во текот на ноќта и главно се од органско потекло. Тука е и SOS пастата доколку се појави некое непосакувано мозолче и се нанесува директно на него.
*Со какви препарати го негувате лицето?
-На неколку дена правам и пилинг од кафе или зелена глина, а понекогаш нанесувам и црна маска. Секако освен препарати за лице и мелем за усни, користам и за тело – гелови за туширање, креми и путери со разни мириси, како и дезодоранси и парфеми како неизбежен ден од секојдневието.
*Посетувате ли козметички салони?
-Кога имам потреба, одев и во козметички салони, но вообичаено тоа го правев повеќе пред пандемијата, а сега се трудам што повеќе работи сама да завршам поради безбедносни причини, освен масажите за кои секако морам да посетам салон.
*Кои производи ги употребувате за нега на коса?
-Кога се работи за мојата коса и шишањето, работата ја препуштам на професионалци, а дома кога ја мијам освен шампон, користам и маска за коса и крема за расчешлување додека е мокра за да се исфенира полесно, без заплеткување на влакната. По потреба употребувам и лак за коса кога имам фризури или пак крема за обликување на локни.
*Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
-Кога сум нашминкана, најмногу сакам да ги истакнам очите, моите природни трепки и веѓи или усните, а да прикријам мозолчиња кои ненадејно се појавувуваат од различни причини или пак подочници од премор.
*Кои се Вашите омилени козметички производи?
-Многу го сакам и скработ од кафе кој освен за лице, може да се употребува и за тело, а сум „зависник“ и од парфеми и лосиони, креми за тело.
*Што носите секогаш во Вашиот несесер?
-Секогаш во несесерот имам креми за лице и раце, серуми, парфем, дезодоранс, шминка, лакови и прибор за нокти, четка и стегачи за коса.
*Омилен парфем?
Од парфеми како омилени би ги издвоила La vie est belle од Lancome, Scandal од Jean Paul Gaultier, Downtown од Calvin Klein, ги сакам и оние на Victoria’s Secret, a еден од најпримамливите мириси ми е оној на бел мошус кој го сакам во секој облик – и парфем, дезодоранс, и гел за туширање и сл.
*Како ја одржувате линијата?
-Освен за козметички производи и масажи, за телото се грижам и со активности како пешачење, возење велосипед, пиење поголема количина на вода, а посебен режим на исхрана во моментов немам, се трудам да јадам разновидно и умерено и најверојатно и брзиот метаболизам си го прави своето за одржување на линијата.
М.Џаровска