ПРЕД ОГЛЕДАЛО со Татјана Стојановска: Вежбањето комплетно ме промени

Добивај вести на Viber

Татјана Стојановска е дефинитивно една од најубавите ТВ презентерки во Македонија. Нејзината убавина се истакна уште на млади години додека беше манекенка и ја освои титулата Мис на Македонија во 1992-ра година. 

Харизматичната Татјана секогаш знае како да изгледа беспрекорно, а нејзините ритуали за убавина ги открива за Женски Магазин.

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

- Денот го почнувам со туширање затоа што тоа ми овозможува подобрување на циркулацијата и освежување и будење. Затоа што имам сува кожа на телото задолжително користам млеко за тело. Секако, наутро задолжително ставам хидратантен крем за лице. Доколку имам работни обврски користам комплетна шминка која е задолжителна за на екран. Но доколку немам потреба од комлетна шминка, гледам да ја одморам кожата на лицето. 

* Со какви препарати го негувате лицето?

- Со оглед на тоа што поради работните обврски и користењето на тешка шминка која е задолжителна за на екран, многу внимание посветувам на негата на лицето. Навечер темелно ја чистам од шминка и задолжително го мијам лицето со пена за лице која одвреме навреме ја менувам во однос на брендот. Понекогаш користам и некои поскапи како што е „Ла Мер“, но и повремено го користам „Нивеа“ гелот со гранули кој ми овозможува и блага масажа на лицето. Откако темелно ќе се исчисти лицето, ставам антирид околу очите и похранлив крем за навечер. Еднаш до два пати во неделата ставам и маска за лице.

* Посетувате ли козметички салони?

- Веќе една година сум бренд амбасадор на центарот за помладување „Промоиталиа“, и имам можност да ги правам ексклузивните процедури што тие ги нудат, како ПРП третманот со крвна плазма и ДНК активатор кој ја освежува и подмладува кожата. Исто така го правам и Окси третманот со чист кислород. Исто така два пати во годината правам третмани за тело како што се кавитација, криолиполиза  и лимфна дренажа за топење на масните наслаги и нивно исфрлање.

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Косата ми е природно виткана и поради тоа доста сува, па задолжително морам да користам маски за коса после миењето, а и силиконски капки кои ја потхрануваат косата и и даваат сјај. Исто така поради работните обврски многу често ја фенирам и користам и преса за коса, па затоа негата на косата е неопходна. Но среќа што имам јако влакно и добра густина и со добра нега, косата не се оштетува многу и покрај многуте фенирања.

* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

- Секако најмногу внимание посветувам на нанесувањето на подлогата. Пудрата и коректорот за подочници гледам да се квалитетни и добро покривни. Исто така и камената пудра која е задолжителна за на екран.. Имам бел тен и темна коса и затоа можам да си дозволам појак кармин. Кармините во боја на нугат и кафеавите нијанси не ми стојат и не ги користам. Сенката за очи најчесто е црна и бела. А понекогаш ставам и сина или лилава кои ми прилегаат, но многу ретко кафеава затоа што ми дава уморен изглед на лицето. 

* Кои се Вашите омилени козметички производи?

- Отсекогаш сакам да се шминкам така што декоративната козметика се мои омилени козметички прозводи. Секако и парфемите би ги вброила тука.

* Што носите секогаш во Вашиот несесер?

- Она што е мој заштитен знак е црвениот кармин и кармините во подоминантни бои, така што секогаш задолжително во мојот несесер имам црвен кармин.

* Омилен парфем?

- Сакам парфеми со елегантни и освежителни ноти. Не ги сакам благите парфеми. Имам неколку омилени, Мис Диор ( Miss Dior) , Гучи Раш (Gucci Rush), а од неодамна го открив и многу ми се допадна и го купив Клое (Chloe) кој моментално го користам.

* Како ја одржувате линијата? 

- Последниве неколку месеци три пати неделно вежбам во „Виталити студио“ и сум презадоволна од тренинзите на прекрасната Бојана Бошевска. Откако вежбам многу се промени формата на моето тело, но и кондицијата. Порано бев многу понеподвижна и се чувствував уморно, но сега откако вежбам, еве веќе 9 месеци, во голема мера се чувствувам поенергично. Повремено спроведувам и одреден режим на исхрана со цел да намалам вишок на килограми.


Даница Караташова