Пријателите се сеќаваат на Влатко Илиевски на денот на неговиот роденден: Почна да врне снег, се бацивме, беше совршена ноќ

На шести јули ќе се навршат три години откако си замина Влатко Илиевски, пејачот, актер, автор, водител на „Златно славејче“, омилен кај децата и кај возрасните.  „Најбогат на свет“, беше една од неговите најпознати песни, а неговите блиски, колегите, пријателите и фановите, сега се посиромашни за една искрена насмевка по којашто беше карактеристичен Влатче- „Морал“.


Влатко е роден на денешен ден, 2 јули. Да беше жив, ќе наполнеше 36 години.  Израсна во центарот на Скопје, а потоа живееше во старата семејна куќа во Ѓорче Петров. Дворот на Влатче беше главно собиралиште на неговите пријатели, до последниот ден. Токму затоа, неговиот пријател и соработник Марко Маринковиќ- Слаткаристика смета дека улицата во Ѓорче, во којашто живееше Влатко Илиевски, треба да го носи неговото име и презиме.

Слаткар, Елена Ристеска, Ана Стојановска и Марјана Станојковска, често го мислат Влатко, а токму на денот кога е роден, за Женски магазин ги споделија своите најдрагоцени сеќавања.


-Тој беше најдоброто момче на естрадата, пејач, музичар, глумец. Тој е нашиот модерен херој. Мислам дека оваа држава треба да им оддава почест на таквите модерни херои како Влатко кои се бореле за Македонија преку културата. Да се бориш за една држава не значи само дека треба да имаш пушка во раце. Тој нè претставуваше на „Евровизија“, снимаше филмови, твореше музика. Затоа, мое мислење е дека улицата во којашто живееше, треба да се вика Влатко Илиевски“, ни изјави Марко Слаткаристика.


Елена Ристеска вели дека сака да верува оти Влатче, исто како и Тоше Проески, сега е преселен на некое поубаво место. Се саќава дека таа и Влатко долго време биле скарани, а потоа се сретнале и се гушнале како ништо да не се случило.


-Влатче беше нешто посебно и различно од сите други, за мене беше македонскиот Бон Џови според изгледот , а според бојата на гласот секогаш ќе го паметам дека беше најоригинален и најпрепознатлив меѓу сите други. И после толку време не можам да поверувам во ова што се случи, се’ си мислам уште е жив и од некаде ќе се појави или ќе се јави. Фали како артист на сцената, меѓутоа мене ми фали како човек премногу, без разлика што не се гледавме често. Се случува да ми се појави фотографија во телефон кај што сме заедно и да се натажам многу. Прерано не’ напушти, прерано. Анегдоти има повеќе, една што ја паметам е таа кога со мајка ми се договараа да и’ биде зет , секако без да знам јас. (се смее) Потоа , во една прилика се налутивме и после некое време се сретнавме и веднаш прозборевме како ништо да не било,  смеејќи се дека ниту еден од нас не памети зошто сме се налутиле.

Да бидам искрена, недостига поголемо присуство на неговите песни во етерот, во чест на еден прерано згаснат живот.“, ни рече Елена.

Влатко неколку години беше во врска со актерката Ана Стојановска, која остана една од неговите најблиски пријателки. Ана се присети токму на најубавото време, нејзините почетоци со Влатко.


-12.02 2004. Ќе почнам од почеток. Го видов првпат во „Вулкан“, сестра ми Јана ме однесе на свирка.  Потоа го видов на телевизија и ѝ реков на мајка ми: Е, овој дечко ќе ми биде дечко еден ден. И многу скоро се сретнавме случајно на тревникот кај „Ла гараж“. Само се лоциравме. Па ми стигна порака на телефон после неколку дена: „Сакаш да идеме на кафе? Влатко.“ Потајно се надевав дека е Влатче Илиевски иако немаше од каде да ми го има бројот. Ми пиша да идеме у „Круг“ у „Бисер“, и се најдовме пред „Мекдоналдс“. Јас носев ѕвонарки, плава јакна и кремаст џемпер. Toj тексас јакна , фраерски панталони и шал. Беше прекрасен . Бевме на пиво па шетавме на кеј кај мене кај „Три бисери“. Почна да врне снег и се бацивме, ми рече дека ќе ми пише утре и си тргна пешки накај дома по снегот. Беше совршена ноќ“, откри актерката.

Влатко и Марјана Станојковска се зближија како првите водители на естрадниот магазин „Бекстејџ“. Марјана уште не може да верува дека си замина нејзиниот другар Влатче и жали што не се виделе на последниот негов роденден.


-Еден од најинтересните моменти беше кога си ги заменивме улогите за први април на „Бекстејџ“ каде што бевме водители.  Паметам кога ми се јави и ме праша: Маца , што ќе се маскираме за први април?

Му реков: „Не знам , ајде да смислиме нешто интересно“.

И ми рече: „Имам супер идеја. Ајде да си ги смениме улогите. Јас ќе те имитирам тебе, а ти мене.“


Без проблем ја прифатив идејата и утредента на снимањето му донесов долга руса перика и моја облека, а јас бев со негово капче, наочари и неговата омилена маица.

Никој не знаеше за нашиот план и навистина успеавме да ги изненадиме сите, како организаторите, така и публиката.

Паметам дека ми се јави Мики Црнокрак и ми кажа дека никогаш во животот не се смеел како тогаш.  Влатче многу сакаше да игра карти, и често со мајка му во дворче игравме брич , се лутеше ако не победи , ама брзо му поминуваше лутината. Многу ми е криво за тоа што не успеавме да се видиме на кафе за неговиот роденден. Уште не верувам. Не сакам да поверувам..“, се присети Марјана.


Милица Џаровска

Фото: Приватна архива