Признанието „Европеец на годината“ за мене е круна на она што го работам овие месеци: Денис Јанкуловски истраен во битката со ковид
Не поздравува со гуш и бац. Секое утро ни го разубавува денот со по некоја песна. Ведриот дух, љубовта кон работата, поддршката од најблиските се негов мотив да издржи во тешката битка која ја води заедно со неговите колеги здравствените работници во спасувањето човечки животи. Викендов се закити со големото признание „Европеец на годината“. Заслужено! Делегацијата на ЕУ ги номинираше кандидатите кои се одлика на европските вредности, но јавноста е таа која одлучуваше за нивниот избор! Имаше три категории: здравствени работници, заштита на животната средина и млади активисти – но, сепак беа четири награди! За Денис Јанкуловски, ретко кој не слушнал, а за наградата слободно ќе кажеме дека и повеќе од заслужено оди во негови раце.
*Честитки за признанието „Европеец на годината“ . Што за Вас претставува оваа награда, колку ве израдува во овој момент?
-Ви благодарам. Самата номинација за мене беше огромна чест и радост, а добивањето на наградата не можам да го опишам со зборови. Наградата е еден вид круна на се она што го работев изминативе 15-16 месеци и што и понатаму го работам, таа претставува реално вреднување на оние човечки особини кои се очекуваат од еден работник, особено од здравствено лице, а тоа се човечноста, преданоста кон работата, совесноста и одговорноста во извршувањето на истата. Но, секако сите овие елементи треба да бидат добро комбинирани со ведрина, насмевка, љубезност, трпение.
*Каков поттик ви даде признанието од „Europe House“ ?
-Поттикот е всушност уште позасилен ветер во грбот да продолжам со она што го работам во овој момент а тоа е пред се грижата за здравјето на луѓето, што побрзото враќање во оној нормален начин на живот но и еден вид задача или одговорност дека и после целава оваа пандемија начинот на функционирање треба да остане истиот или ако е може уште подобар.
*Во време на пандемија, Вие сте еден од здравствените работници кои останаа силни и не потпаднаа и покрај сите тешки мигови и борба со ковид 19. Што ве одржува да бидете она што сте?
-Јас како и многумина мои колеги здравствени работници бевме решени уште од самиот почеток дека ќе работиме се додека некој не означи крај на ова лудило. Знаевме дека ќе трае, знаевме дека ќе бидеме уморни, отсутни од дома, знаевме дека ќе имаме тешки денови. Но секој си наоѓа нешто што го држи исправен секојдневно.
За мене тоа е пред се моето семејство без чија поддршка сигурно немаше да издржам, потоа тука се многубројните пријатели, познати и непознати кои ми се елан и секако љубовта кон струката, љубовта кон работата, особено знаејќи дека ова што го правам е за нечие здравје. А поголем мотив од тоа мислам дека нема.
*Добивате секојдневно безброј комплименти, коментари, пофалби, што најмногу влијаеше на вас, издвојте ни што остави силен впечаток врз вас овој период?
-Сите тие коментари, пофалби, без разлика дали се пишани или во вид на икончиња мене многу ми значат. Има премногу кои навистина оставиле длабок впечаток врз мене, обично не сум некој кој пишува за себе на овој начин, но еве ако морам да издвојам, тогаш едниот коментар беше дека нејзините роднини биле премногу исплашени од вакцинирањето но гледајќи ме и слушајќи ме на телевизии, односно мојата спонтаност, искреност и опуштеност, сето тоа довело да тие дојдат во Борис Трајковски и да си одат насмеани.
-Вториот коментар се однесуваше на она што јас севкупно го правам сите овие месеци, не само здравствениот момент, туку и пеењето, охрабрувањето, контактите со луѓето, коментар каде моето секојдневие беше споредено со улогата на Роберто Бенини во филмот „Животот е убав“. Тука всушност јас гледам како ме доживуваат луѓето и чувството да ви кажам искрено е навистина посебно.
*Што ве прави најсреќни, а што најтажни во овој момент?
-Најсреќен секако како најтазе е наградата Европеец на годината, но исто ме прави среќен тоа што во сите овие месеци на тешки борби со вирусот сепак најблиските, многу роднини, пријатели ми се тука, живи и здрави. Несреќен, секако, големиот број на загубени животи каде имам доста познати, особено постари родители на мои другари. Затоа сакам што побрзо да заврши се ова и да престанеме да ги слушаме овие најнеубави бројки.
*Признале или не, на многумина им го разубавувате денот. Што за вас е Позитива во овој момент?
-Позитива е насмевка, да посакаш некому убав ден, да пееш, сето ова да го споделуваш со пријателите, да ги заразуваш со таа позитива. Позитива е да имаш љубов и несебично да ја множиш, делиш и споделуваш. Позитива е да ги сакаш луѓето. Позитива е ЉУБОВТА.
Позитива е да го сакаш животот затоа што е еден и вреден.
*Што е она што го посакувате најсилно токму сега?
-Во овој момент да рече некој доста е, завршуваме, нема веќе корона и откако ќе го слушнам тоа да му ја летнам за Охрид и да одморам онолку колку што ми треба одмор.
*Мислите ли дека еден ден се ќе биде исто како порано?
-Да, јас верувам дека ќе биде. Верувам во истото нормално а не некое ново. Нормално во кое сме насмеани, прегрнати, весели, разиграни а не се поздравуваме со лакт, не се дистанцираме едни од други. Но за да дојде до тоа мора сите заедно да ја извојуваме оваа битка. И тоа што поскоро за да си се вратиме во најубавиот гуш и бац.
Ирена Ставрова