Проф. д-р Боро Џонов, хирург по пластична и реконструктивна хирургија: Би одбил 30 годишна девојка доколку бара „face-lifting“ поради хир, а нема индикација за таква интервенција
Нема веќе земји каде не се популарни естетските корекции на целото тело, дури и во најрелигиозните општества широко се застапени овие процедури. Според проф. д-р Боро Џонов, хирург по пластична и реконструктивна хирургија, тоа зависи и од бројот и искуството на неговите колеги кои се занимаваат со естетика. Секако голем удел има и цената на чинење на интервенциите, што кај нас конкретно ја прави достапна речиси за сите. Сепак докторите и хирурзите треба понекогаш да сугерираат што е добро, а што не за пациентите. Да не се раководат само од нивните желби и барања за да имаат финансиска корист. Етиката кај некој што се занимава со естетска хирургија треба да е на високо ниво. Денес кај нас и во нашата околина сведоци сме на функционирање на разни салони, квази доктори, кои се занимаваат со естетска медицина, со кои треба да се позанимаваат институциите. Проф. д-р Џонов, еден од најдобрите во својата област работи во Ј.З.У. Клиника за пластична и реконструктивна хирургија - Скопје и во Аџибадем-Систина болница. Се надградувал на неколку клиники во Германија. Во 2020 година е избран за Вонреден Професор на Медицински факултет- Скопје. Претседател е на управниот одбор на Медицински симулациски центар-Скопје, и на Македонска Асоцијација на Пластични и Реконструктивни Хирурзи.
ЖМ: Пластичната хирургија е многу поголема област од естетиката. Во секој случај е интересна и креативна. Кој беше поривот да бидете пластичен хирург?
- Пластичната и реконструктивна хирургија е една од најшироките гранки во хирургијата. Многу области, се занимава со многу патологии и ако се применуваат сите хируршки техники најзахтевна гранка. Стимулaцијата за определбата беше токму тоа, големиот дијапазон на можности и разноликост во работата, кој опфаќа од справување со најмалигните тумори во човекото тело и мутилантни повреди, па сѐ до естетски интервенции и помалку инвазивни техники на естетска корекција. Да се помогне на пациентите на овој или оној начин зависно од нивните проблеми и потреби, колку и тривијално ова да звучи во денешно време сепак е тоа главниот двигател и кај сите мои колеги.
ЖМ: Во тој контекст да разграничиме, кои пациенти доаѓаат кај вас и со кои проблеми. Какви оперативни зафати извршувате?
- Како што спомнав претходно, во полето на третман и индикации за пластична и реконструктивна хирургија спаѓаат малигните и бенгините тумори на кожата и меките ткива, изгореници и смрзнатини, повреди на рака и стопало, повреди на тетиви и преферни нерви и помали крни садови, инфекции на кожата и меките ткива, естетски корекции на сите делови од телото, реконструктивната хирургија која опфаќа реконструкција на дефекти или делови од телото вродени или стекнати со сѐ микро-хирургијата како кралица на реконструктивните техники.
ЖМ: Според светските истражувања, најголем број на пациенти не се задоволни од формата на својот нос. Други пак се принудени да го прават тој зафат од здравствени причини. Дали е тоа сложена операција и од која возраст треба да се направи?
- Во принцип било која корекција на лицето па и носот е добро да се направи откако ќе заврши развојот на телото, освен кога се некои корекции нужни и порано заради подобро функционирање. Меѓутоа за најдобар резултат таквите естетски корекции треба да се прават по завршениот пубертет. Тука една интервенција која се изведува и порано е аурикулопластиката, корекцијата на уши, заради подобар изглед кај детето, да се избегне моментот на психолошки пристисок од околината, иако и тука е подобро што подоцна заради константниот развој на ушната школка до пубертетот. Конкретно ринопластиката претставува доста сложена интрвенција и треба да се направи со доста знаење и искуство.
ЖМ: Естетската хирургија пристигна од Америка и рапидно се прошири не само во Европа, туку и во Азија и арапските земји. Каква е состојбата кај нас? Колку такви операции имаше пред 20 години, а колку сега?
- Нема веќе земји каде не се популарни естетските корекции на целото тело, дури и во најрелигиозните општества широко се застапени овие процедури. Нормално зависи и од бројот и искуството на колегите кои се занимаваат со естетика. Секако голем удел има и цената на чинење на интервенциите, што кај нас конкретно ја прави достапна речиси за сите. Заради тоа бројот на естетски корекции е енромно зголемен заедно и со бројот на хирурзи што се занимаваат со тоа. Светски тренд е да се оди на помалку инвазивни техники и по трајни, меѓутоа сепак хируршките техники на крај остануваат златен стандард во третманот и изведување на естетските корекции. Секако сепак ние на крајот на нештата сме доктори и хирурзи и треба да се водиме од тие постулати и понекогаш да сугерираме што е добро, а што не за пациентите. Да не се раководиме само од нивните желби и барања за да имаме финансиска корист. Етиката кај некој што се занимава со естетска хирургија треба да е на високо ниво. Денес кај нас и не само кај нас, во нашата околина исто, сведоци сме на функционирање на разни салони, квази доктори, кои се занимаваат со естетска медицина, со кои треба да се позанимаваат институциите.
ЖМ: Кои естетски корекции ги работите на клиника?
- Јас работам и во Ј.З.У. Клиника за пластична и реконструктивна хирургија-Скопје и во Аџибадем-Систина болница, се изведуваат сите процедури што ги покрива пластичната, реконструктивна и естетска хирургија. Заедно со моите колеги се трудиме да им ги пружиме на пациентите со оглед на можностите и нашата едукација сите процедури и лекување кое што им е потребно.
ЖМ: Пред многу години на ботоксот се гледаше со недоверба, лаиците го нарекуваа отров. Времињата се сменија. Може ли да ни појасните што е ботокс, а што хијалурон?
- Конкретно кога ги споменувате Botox-от и Хијалуронските филери, тие останаа како најсигурни начини на корекција на лицето и со најмалку компликации, иако ги има и кај нив и треба еден професионалец кој се занимава со нивна апликација да знае да ги реши. Сите други иновативни супстанци на кои се оди да траат повеќе и имаат подобри првични резултати се покажало дека имаат премногу нус-појави. Botox-от е навистина да речеме отров, целосното име е Botulinum Toxin,
меѓутоа во концентрациите и количините што се употребува не е штетен по здравјето на пациентите. Компликациите се од нестручна апликација на погрешни места, искривување на делови од лицето или хематоми доколку се повреди некој помал крвен сад бидејќи се аплицира со игли иако тенки. Се користи и во патолошки состојби при третман на спазми, тоа колегите невролози подобро го знаат и аплицираат. Трајноста е 6 до 9 месеци и потоа кожата се враќа на претходната состојба и она раширено помеѓу популацијата дека по завршувањето на дејството ситуацијата со кожата е полоша, не е точно. Само личноста се навикнала на подобар изглед, за потоа да се врати на претходната кога ќе престане дејството на ботоксот. Се употребува одамна и има безброј студии во стручната литература за неговата употреба и можни компликации. Треба да се внимава за брендот и кој тип на ботокс се користи, секако поскапите и попрочистените препарати се подобри, затоа пациентите секогаш треба да знаат и да прашаат што им се вбризгува во лицето. Кај ботоксот е важно и начинот на чување на препаратот и рокот на траење од растварањето, за да се добие оптимален резултат. Хијалуронските филери бидејќи не се трајни исто така се доста практични и ефективни. Обично и тие траат 6 до 9 месеци, минимум компликации, иако се можни при осетливост и алергии на составот или случајна апликација во крвен сад или премногу плитка апликација. Се што е потрајно и трае подолго време од сите можни филери има поголеми компликации. До скоро се користеа и слободни силикони за апликација, па со моите колеги имаме видено секакви компликации од примената на ваквите препарати. Што се однесува на примена на ваквите препарати кај малолетни лица би требало да е забрането, прво поради возраста и би требало да има согласност од родителите, како за секоја интервенција, не би препорачал примена иако нема нешто конкретно за кај малолетници да предзвикува пречки во развојот. Секако доколку има вродени аномалии или асиметрии дозволена е употребата на разни естетски процедури и користење на импланти за да се корегираат делови од телото и лицето. За да ги разграничиме треба да објасниме дека, ботоксот е препарат со кој се имобилизираат одредени мускули, а со тоа се спречува појава на одредени брчки, особено на челото и базата на носот и на страничните делови на очите. Додека хијалуронските филери се користат за пополнување на браздите најчесто назо-лабијалните, за аугментација на усните, јаболчниците и брадата.
ЖМ: Понекогаш телото старее побрзо од умот. За да се постигне рамнотежа се посегнува по естетската хирургија. Кога е најдоброто време за фејслифтинг?
- Обично на пациентите кои доаѓаат за face-lifting за консултација им препорачувам тоа да го направат после 45 годидна на старост или 50 година, кога кожата го губи еластицитетот и тургорот. Зависно од начинот на живот и наследниот фактор, тоа се случува на таа возраст, за да се има време евентуално до крајот на животот да се направи уште една корекција. Секако постојат и исклучоци кај луѓе кои загубиле на тежина, разни патолошки состојби со асиметрии на лицето (парализи на лицевиот нерв итн)
ЖМ: Некои жени изгледаат како да се поминати низ фабрична лента, со своите идентични естетски корекции. Одбивате ли неразумни барања на пациентите или која е вашата граница?
- За било која естетска корекција се трудам со пациентите да се најдеме на „средина”, односно можностите, нивните барања и секако да не се наштети на пациентите, да се направи нешто од што подоцна би имале здраствени проблеми или би имале потешкотии во секојдневното функционирање. Како што споменав и претходно како хирурзи треба да имаме етика и здравјето пред сѐ да ни биде ѕвезда водилка, а не финансиската корист и неразумните желби на пациентите. За сѐ треба да се има индикација за да се направи. Секако би одбил 30 годишна девојка доколку бара face-lifting заради некој хир, а нема индикација за таква интервенција.
ЖМ: Со кои проблеми се соочуваат мажите? Кои оперативни зафати се најчести кај нив од здраствена и естетска природа?
- Што се однесува до машката популација, нема разлика во однос на женската популација во однос на барањата за естетски корекции, нормално според различните анатомски карактеристики. Од примена на хијалуронски филери и ботокс за корекција на лицето, до корекција на гради (намалување и липосукција), дерматолипектомија-корекција на стомакот, ринопластика-корекција на носот, аурикулопластики-корекции на ушите, face-lifting... Во последно време многу е застапена трансплантацијата на коса, која ја изведуваат колеги кои се занимаваат исклучиво со таа процедура. Надвор од ова ги ставам транс-процедурите за промена на полот, кои се сѐ почести во барањата. Иако кај нас процедурите на гениталиите не се изведуваат рутински, туку само процедури на оформување на другите делови од телото.
Соња Алексоска Неделковска