Деновиве бев скроз во хаос и викендов ми беше
повеќе умор отколку одмор. Конечно се решивме да ставаме ролетни по дома
(откако со ова ветровиве изминатите неколку години, за малку не ми отиде еден
прозорец јабана), нови венецијанерки (оти на старите им расплакавме мајката) и
комарници за кои на потешкиот начин сфативме дека ни се неопходни за летно
време. Ова со комарнициве ми е ептен ќеиф, оти секое лето со ќерка ми сме цели
со пликови и само лепев крвишта по ѕидовите од што ги ловев комарците по цела
ноќ. А комарците се многу паметни и демонски инсекти кои не зујат кога ќе
запалите светло и кои мистериозно ги снемува при секое палење сијалица, за
веднаш откако ја изгасите им го слушате она подмолното “ззззззззззззззззззззззззззззззз”.
Значи, знаете сите што значи да се раскренете по дома и да си се тешите среде тој хаос дека после ќе ви биде поубаво. Имав среќа да ми се погодат мајстори кои беа точни, ефикасни, без да ме дриблаат денес-утре-ај задутре-ај, не задутре туку следна недела. Си дојдоа луѓето, си сработија се’ до перфекција и чао-пријатно. Па после ме фати еуфорија да сменам распоред на мебелот и убедена сум дека повремено кога се менува распоред на работите, си има убаво влијание на психа. Некако имате чувство дека се’ ви е ново, иако не е.Воедно, имајте предвид дека си патам малку (повеќе) од опсесивна компулсивност и дека кога ме фаќа периодот на средување низ дома, тоа знае да биде прилично напорно оти сум досадна ко комарците кои ги спомнав погоре.
И откако се решив дека цела недела ќе ја посветам на куќата, ми се вратија спомени од детството кога се правеа генералки. За разлика од сега кога можете да си ангажирате професионалци кои можат да ви помогнат, порано беше дури и срамота да имате помош за таа работа. Демек, не сте домаќинка ако не ја превртите сами куќата, дур не ве фати половината или дур не ви се приблуе од работа. Така, секој викенд беше тортура од бришење прозорци, врати, рибање фуги со четка за заби за да светнат, па теписи тресење на оние железата пред секоја зграда на кои како деца се бесевме за да видиме колку не’ држат рацете и какви се’ вратоломии можеме да смислиме. Тие што имаа куќи со дворови си беа пораат со простирање на теписите надвор, па колената крвој додека не се изрибаат дур малтене бојата не им излезеше. И не дај Боже да имате теписи со реси, оти после сушењето требаше да се “исчешлаат” за да не бидат тутки. И кога размислувам за тие чистења, помислувам на следново...колку многу посветуваме време на физичкото средување на сите работи, а колку малку знаеме да направиме генералка на работи во животот кои се од есенцијално значење за нашиот душевен спокој.
Да не се разбереме како што не треба. Не ја оспорувам пасијата за чист дом, впрочем за пицајзли ко мене, тоа е многу важно оти не можам ни да функционирам, ни да пишувам ако не ми е дома тип-топ. Моето знае да биде дури и забегување, оти ако има барем една чаша во мијалникот дур не ја измијам и пребришам не можам да се сконцентрирам (добро де, секој со своите бубачки). Но, ако направам паралела меѓу формата и суштината на работите, убедена сум дека некогаш многу повеќе обрнуваме внимание на формата отколку на она што ни носи мир во срцата. Башка, секоја чест на мажите кои ја имаат напуштено онаа безвезна теорија дека чистењето на домот е женска работа, а пазарењето машка, оти не само што нема логика, туку е и така малку навредливо. И ај што е тотално без врска да се делат работите на машки и женски кога е домот во прашање, туку на крајот од викендот жените беа нервозни, преморени и исфрустрирани од исцрпеност. А сето тоа, неминовно резултираше со кавга која не водеше никаде. Но, чинам дека полека новата генерација на жени и мажи знаат и учат од нашите грешки од минатото.
Но, што правиме и до каде сме со чистењето во себе и околу себе кога се во прашање сите оние работи за кои не требаат средства за чистење? Колку сме тукаспособни и истрајни да направиме генералка, да тргнеме се’ што ни прави хаос во животот, да спакуваме непотребни емоции (па и луѓе) во вреќи за ѓубре и да ги фрлиме во контејнер. Дали повеќе си ја цениме физичката потреба од “чисто”, за сметка на потценувањето на сите работи кои гледано долгорочно ни ја цицаат енергијата, па и нервите?
Кога ќе се вратам наназад, не само во мојот живот туку и кога ќе погледнам во минатото на многу мои блиски, гледам дека сите сме пателе повеќе од нечистотијата која ни била донесена од токсичните луѓе кои ни биле во близина, кои сме ги толерирале од разно-разни причини кои од денешен аспект изгледаат смешни. Прво, го обвинувам воспитувањето кое сме го стекнале сите од дома а кое секогаш било во правец на тоа “немој да се замериш”, “немој да се расправаш”, “не бранувај, што ќе кажат другите”. Воспитувањето дека треба да сме ОК со сите, без оглед дали тоа ОК е привидно оти не’ чинело некогаши здравје, ми е бљак. Ама тоа “бљакот” го осознав кога искуството ме научи дека кога ќе дозволам некој да ми се качи на глава и да ми скока озгора, ме правело да сум анксиозна и несреќна. Ќе молчиш, ќе збираш, ќе се нервираш во себе дур се смешкаш оти така треба и после дома ќе го јадат најблиските. А го јаделе оти долгорочно не се издржува да се напука човек со негативна енергија, која секако мора да излезе некаде.
Пролетното чистење е само наслов на оваа колумна, оти треба да е секојдневно и континуирано. Таман работа да чекаме да дојде пролет, а останатите три годишни времиња да си го јадеме џигерот заради немање ментална хигиена. Она што знам е дека човек мора да се грижи за сам себе, па дури и ако тоа вклучува озборување или неприфаќање од околината. Впрочем, ќе си одберете околина која ќе има разбирање и почит за вас и вашите потреби. Знам дека е тешко да си го смениме сетингот во умовите, но исто така знам дека е тешко само додека не се направи првиот чекор. Тоа е како проодување на дете, првите неколку пати задникот ќе ги боли од паѓање ама после оди и стасај ги кога ќе се растрчаат. Па, така и кај нас, возрасните. Кога ќе ги поставите границите, интересен е фактот колку луѓе сами ќе си заминат од вашиот живот. И тоа луѓе за кои сте мислеле дека ви се блиски, дека ве почитуваат и сакаат. Сакањето, како што имам кажано во една од колумните, подразбира љубов која нема да ве оптеретува, која ќе е на начин на кој вам ќе ви е убаво и ќе имате радост. Колку поскоро човек научи да кажува СТОП и да си ја цени слободата, потребите, времето и раатот, толку поквалитетен ќе му е животот.
Никому да не бидете вреќа за боксирање, черга од која ќе си ги бришат нозете, дежурен слушател во однос кој е едностран, ниту да дозволите да ви се наметнува грижа на совест ако си држите до себе. Секој кој нема да ве разбере дека ви треба рамноправен однос во кој ќе има разбирање, не е достоен за вашето време и внимание. Оние на кои сте им важни, ќе бидат тука. Тие дури и ќе ја поздрават вашата одлука да си го искористите правото на избор со кого, колку и како ќе си го минувате времето. Останатите, па како да ви кажам....нема ни да осетите дека ги нема, оти ќе ви олесни, воздухот ќе ви се разбистри а и умот.
Затоа, фатете метлата и ич да не му ја мислите. Сепак, еден ви е животот и треба да ви е чисто и во вас и околу вас.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ќе раздаваш
И тоа што имаш
А некогаш и тоа што немаш
За да усреќиш некого
Дури и тогаш
Кога за себе радост немаш
За да сослушаш некого
Дури и тогаш
Кога себе не се слушаш
За да видиш некого
Дури и тогаш
Кога огледалото твое матное
Ќе раздаваш
Оти така од тебе се барало
И оти така си ги заучил сите околу
Да бараат без да дадат
И без да имаат на дикат
Дали тебе нешто ти треба
Можеби збор нежен
Или допир топол, сеедно
Или само ете
До тебе молкум да седат
Во тишина која иљач ќе ти биде
И од која рани ќе ти зацелат
Ќе раздаваш
Од душата парче
Од срцето дел
Оти така си скроен
И во кројката убост си наоѓаш
Без на себе да помислиш
И без да ти текне
Оти во сето давање
Како свеќа запалена се топиш
Дур еден ден не изгориш
Дур еден ден не прегориш
За да ти се угаси вербата
Ќе раздаваш
И еден ден умор ќе сетиш
Та дел по дел ќе се собираш
Како расфрлани играчки детски
За да стокмиш живот од сите делови
И токму тој ден
Ќе знаеш кој навистина те љубел
Оти тие што сродни ти се
Заедно со тебе на земја ќе коленичат
За да ти се најдат
За до тебе да бидат
Кога себе ќе се бараш
Тие што љубат
Тие што знаат како да те љубат
Никогаш од тебе нема да бараат
Да им дадеш се’ и по секоја цена
Дур од тебе само ронка прашина не остане