Промоција на „Јас сум Цако“ од Александар Матовски-Цако во киното „Фросина“

Добивај вести на Viber

Стихозбирката „Јас сум Цако“ од Александар Матовски-Цако, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана денеска (25 февруари), со почеток во 19 часот, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, Скопје.

Песните на Александар Матовски-Цако се нежни и едноставни. Ги ниже како бисери, за секоја драга личност по една. Запишани се онака како што ги доживува, како лирски слики. Од нив извира чиста емоција од некој што животот го живее со полни гради и чиешто мото е: човек кога е со љубов, ќе постигне повеќе. Токму таа, љубовта, е централна тема во поезијата на Цако. Кон дедо му, семејството, неговиот идол Тоше, жените, природата, животот воопшто. Тие се парчиња од мозаикот што ја сочинуваат синтагмата „Јас сум Цако“. Неговата поезија, како и сѐ она што го прави тој, се вистинска инспирација за лицата со попреченост.

Александар Матовски-Цако е роден на 3.2.1991 година. Иако роден со Даунов синдром, тој е вклучен во редовниот воспитно-образовен систем. Основното образование го завршил во училиштето „Димо Хаџи Димов“, а средното во текстилното училиште „Кочо Рацин“. Во 2019 година дипломираше на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на групата предучилишно образование. Тој е член и на здруженијата Инклузивни решенија КРИК и „Трисомија 21“. Автор е на радиоемисијата „Јас сум Цако“, која веќе пет години еднаш месечно се емитува на интернет-радиото „Радио МОФ“.

Повеќе од десет години тренирал карате во карате-клубот во Ѓорче Петров и е носител на кафеав појас. Во моментов е дел од танцовиот клуб „Денсерс јунајтед“, формација Даун синдром, со кој има освоено повеќе државни, европски и светски титули и златни медали во пара-категорија.

Цако е голем активист и борец за човекови права и правата на лицата со посебни потреби. Цако се има претставено со сопствена презентација на Светската конференција за лица со Даунов синдром во Обединетите нации. Поезија почнал да пишува на осумнаесетгодишна возраст.

Промоцијата во киното „Фросина“ ќе биде збогатена со проекција на видеото „Чија е оваа песна“, музички настап, танцова точка на студиото „Денсерс јунајтед“, а стихови од книгата ќе чита Ана Голејшка Џикова. По промоцијата ќе следува пригоден коктел во фоајето на „Фросина“.

Книгата „Јас сум Цако“ веќе е достапна е во сите книжарници „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.