Промоција на книга на Ана Јовковска

Добивај вести на Viber

Вечерва во 20 часот во МКЦ Клуб-ресторан (Кеј Димитар Влахов 15), ќе биде промовирана втората книга на Ана Јовковска, „ЕХО НА СЛОБОДАТА“. Книгата е издание на Издавачки центар „ТРИ“, поддржана од Министерство за култура на РМ.

Илустрацијата на корицата ја направи уметникот Ване Костуранов. Промотори се проф. Владимир Мартиновски и проф. Ана Мартиноска, а музичкиот дел е на Бранислав Николов од „Фолтин“. 

Ана Јовковска е новинарка, колумнистка, ТВ-водителка, продуцентка, лице за односи со јавноста и промоција, активистка и хуманистка.


Нејзините почетоци како ТВ-лице се од 1994 година и низ повеќе од дваесет години (20) континуирана работа во различни медиуми направила над 1.000 интервјуа, анализирајќи ги социо-културните феномени на денешнината. Авторка е на дебатната емисија Пулс којашто се емитуваше од 2007 година во најгледаните (prime-time) термини на телевизија, за што неколкупати е наградувана за најдобар ТВ-проект во Македонија.

Како дипломирана новинарка и магистрантка по комуникации, учествува во разни истражувања од областа на комуникологијата, културните студии, медиумското образование и креативните индустрии.

Ужива да пишува поезија и да вози велосипед, не само како рекреативно, туку и како еколошко превозно средство. Им помага на луѓето и животните како начин да го оправда своето постоење.
Во интервјуто за Женски Магазин, Ана изјави: Животот ти го дава тоа за што ќе се вложиш. Ехото е бумеранг на она во што силно веруваш. Сонувањето не може никој да ти го цензурира. Тоа е единствената работа што е само твоја. Јас сонувам за слободен свет. Затоа и се одлучив за таков наслов на мојата втора книга, затоа што е сублимат на индивидуални проблесоци на слободна, творечка мисла. Книгата е всушност збир на најискрените и најсилните ставови и емоции на моите соговорници, што ќе останат како референци на едно минатото и патокази за една поубава иднина, во која наместо за ехо на слободата би сакала да зборуваме за чиста СЛОБОДА! 

Целото интервју го имате тука: https://zenskimagazin.mk/intervju-ana-jovkovska-ne-e-vazno-kolku-lugje-te-znaat-tuku-po-shto-kje-te-pametat