ИНТЕРВЈУ АНА ЈОВКОВСКА: Не е важно колку луѓе те знаат, туку по што ќе те паметат
Се ќе направам своето дете да го воспитам во добар и чесен човек и да не дозволам контаминираната средина да го стори тоа наместо мене во обратен, лош правец. Децата се жртви на родителите кои немаат доволно време за љубов и игра со нив, вели познатата новинарка и авторка која на 12 април во клуб-ресторанот МКЦ ќе ја промовира нејзината втора книга „Ехо на слободата“
Новото дело на Ана Јовковска е природно надоврзување на претходното „Пулсот и времето“ објавено пред точно три години. „Ехо на слободата“ е збирка на дијалози, интервјуа со значајни имиња претежно од сферата на културата. Книгата која е издание на „ТРИ“ и е поддржана од Министерството за култура ќе биде претставена на 12 април во клуб-ресторанот МКЦ во 20 часот. Промоцијата е замислена како мултимедијален настан.
Женски Магазин * Има една стара поучна приказна во која таткото му објаснува на синот дека ехото всушност е живот. Дека животот секогаш ти го враќа тоа што го даваш. Дали „Ехо на слободата“ е Вашата бунтовност за слободен живот, толку потребен во овој суров свет?
Ана - Да. Животот ти го дава тоа за што ќе се вложиш. Ехото е бумеранг на она во што силно веруваш. Сонувањето не може никој да ти го цензурира. Тоа е единствената работа што е само твоја. Јас сонувам за слободен свет. Затоа и се одлучив за таков наслов на мојата втора книга, затоа што е сублимат на индивидуални проблесоци на слободна, творечка мисла. Книгата е всушност збир на најискрените и најсилните ставови и емоции на моите соговорници, што ќе останат како референци на едно минатото и патокази за една поубава иднина, во која наместо за ехо на слободата би сакала да зборуваме за чиста СЛОБОДА!
Женски Магазин* Книгата е збирка на дијалози, разговори со значајни имиња во сферата во којашто делуваат. Дали за време на интервјуата соговорниците знаеја дека нивните размисли, идеи и искуства ќе бидат преточени во книга или отпосле ги дефиниравте амбициите за проектот кој е природно надоврзување на „Пулсот и времето“?
Ана - Некои знаеја, а некои не. Но, тоа е помалку важно штом си ја добил довербата од соговорникот кој ти ги отворил срцето и умот и ти ги сервирал како на тацна. Интервјуто е токму тоа, директно, но суптилно проникнување во внатрешните лифтови на соговорникот. Можеш да го качиш по неговите духовни вертикали, а може и да го заглавиш во лифтот. Важно е да не си клаустофобичен кога човек ќе ти се приближи толку блиску. Но, вербалното или психолошко насилство врз соговорникот никогаш не било мој ракопис. Просторот за поглед во себе ми беше примарен.
Јовковска: Сонувањето не може никој да ти го цензурира
Женски Магазин* По што најмногу ја паметите средбата со француската актерка Изабел Ипер? Некаде прочитав дека иако е меѓу најангажираните и најнаградуваните актерки е мошне затворена личност како и повеќето хероини што ги толкува во филмовите.
Ана - Ќе бидам искрена, и јас ја доживеав како херметична, но длабока личност. Нејзината дистанца и селективноста кому ќе даде интервју веројатно се должи на преголемиот број на барања и покани за интервјуа кои стигнуваат на нејзина адреса. Некои тоа го читаат како арогантност, јас ја „прочитав“ како претпазлива. Добро ја паметам фамата што се направи околу оваа ѕвезда на европскиот филм, најмногу заради нејзините менаџери, асистенти и разни помошници кои беа многу строги околу целиот процес. Сум имала прилики да правам интервјуа и со други ѕвезди од нејзин ранг како Катрин Денев, Жулиет Бинош, Викторија Абрил, Дерил Хана и други, но овојпат атмосферата беше малку „постаклена“. Не ме уплаши нивната строгост, напротив ме мотивираше да им покажам дека иако сме малечка земја што не ја знаат на карта, сепак во неа живеат луѓе кои автентично ги живеат европските вредности. Кога на почетокот од разговорот ја прашав што е слобода за неа, прекрасната Изабел Ипер ми одговори дека слободата е желба. Во истиот миг си помислив дека имам голема желба да го направам ова интервју со извиканата француска актерка и тоа ми даде крила и слобода да се снајдам најдобро што можам во конкретната ситуација.
Ана со легендарниот актер и пејач со холивудска кариера, Раде Шербеџија
Женски Магазин* Иако пораснавте пред камерите, низ годините докажавте дека отсекогаш повеќе Ве фасцинирало тоа што ќе го сработите, отколку фактот дека јавната професија со себе носи и некаков тип на популарност. Сметате ли дека правилно ги искористивте оние, ајде да ги наречеме, тинејџерски ѕвездени моменти?
Ана - За среќа имам родители кои неуморно ме насочуваа кон правиот пат. Кога почнав да работам во телевизија имав само 12 години. Тие години знаат да бидат проблематични за „износувањето“ на товарот на популарноста. Од денешна перспектива на шега им велам на моите дека ќе ги пријавам за експлоатација на детски труд. Денес, кога читам статистики колку деца се жртви на овој сериозен проблем, од плантажите со какао на кои дење ноќе работат, правејќи ги чоколадите што ние ги јадеме, до облеките што ги носиме… сфаќам дека сум привилегирана што имав прекрасно детство, иако од мала бев „фрлена“ пред окото на јавноста. Но, затоа пак имав можност да учам занает за денес да можам да го работам тоа што сакам и достоинствено да заработувам за својот труд. Мое мото е дека не е важно колку луѓе те знаат (препознаваат), туку по што ќе те паметат луѓето.
На велосипед со холандскиот амбасадор Вилем Ваутер Пломп
Женски Магазин* Околу што најчесто ви се судираат мислењата со Вашиот партнер?
Ана - Токму околу слободата (се смее). Тој смета дека со ништо не треба да му ја ограничуваме слободата на нашето мало дете, дури и кога скока по гарнитурата и паѓа, кога ги вади книгите од библиотеката, или кога си игра длабоко во калта во паркот. А, јас сметам дека сепак се потребни некакви минимални граници кои ќе го научат дека светот на играта се разликува од светот на практичното секојдневие. Се разликуваме и околу концептот за стравот. За него стравот е кочница, за мене е одговорност. За среќа, мојот брачен другар е најдобриот другар на нашето 17 месечно дете и нашите светогледи, и покрај разликите, убаво се балансираат и надополнуваат.
Женски Магазин* Вашиот син има 17 месеци. Во таа фаза мајките се хронично уморни, но не и Вие. Животот не застанува, но како успевате да постигнете сè?
Ана - Ах, не е точно дека не сум хронично уморна, само вешто го маскирам тоа (се смее). Всушност си станав здодевна самата на себе да се жалам дека сум хронично уморна, а невозможно е да не сте бидејќи дежурањето ноќе со бебе, станувањето во 5 или 6 часот наутро, недостатокот на сон, како и грижењето и трчањето по него ви ја троши енергијата, ама неверојатно е како само една негова насмевка ве полни за 100 проценти. Децата имаат десет пати повеќе енергија од нас возрасните. Сите мајки поминуваат низ ваква фаза, не сум ни исклучок, ниту херој, разликата е што јас се заинатив да докажам, пред себе и пред другите, дека животот не застанува кога ќе ти се роди дете, па ете баш сега мораше да пишувам и објавам книга, нели? А кога велам сега мислам на последнава година колку што траеше целиот процес, од нејзиното зачнување на хартија до финалните договори со моите издавачи „ТРИ“, во којшто период Алекс беше мало бебе. Данокот си е земен-тоа е мојот хроничен замор, ама затоа сатисфакцијата е огромна. Просто не се опишува чувството на оставањето творештво од околу 300 страни зад себе. Моја мисија беше да ја сработам книгата и да и го вдахнам духот на слободата, па отсега натаму таа ќе продолжи да живее на свои крилја…
Женски Магазин* Во една прилика изјавивте дека по раѓањето на Алекс најважното нешто што сте го научиле е дека човек може да биде добар цело време. Во општество во кое навредата, лицемерието и дискриминацијата стануваат морални вредности, во средина во која „добрите губат“, што значи да се биде добар?
Ана - Значи да се биде Дон Кихот (се смее). Се ќе направам своето дете да го воспитам во добар и чесен човек и да не дозволам контаминираната средина да го стори тоа наместо мене во обратен, лош правец. Децата се жртви на родителите кои немаат доволно време за љубов и игра со нив.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов
Фотографии: Жарко Чулиќ, Томислав Георгиев