Промоција на книгата „Самоубиство во самоодбрaна“ и изложба „Егоцентричен вакуум“

Добивај вести на Viber

Денес, 04.06.2021, со почеток од 20:00 часот, во Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, ќе се одржи промоцијата на новата книга на Марјан Анѓеловски со наслов „Самоубиство во самоодбрана“, заедно со третото отворање на изложбата „Егоцентричен Вакуум“ на Ристе Мицевски.

Станува збор за мултимедијален културен настан, кој преку хумор, сатира, уметност и театарски перформанс, ќе ни приреди малку поинаква вечер.

„Самоубиство во самоодбрана“ е драма за човекот, човештвото, љубовта и менталното здравје. Апсурдна приказна која преку сатира и црн хумор го разголува до гола кожа обичниот човек и сие негови слабости. Основната линија на дејствието се одвива на железничката станица каде што Веселин го чека возот под кој сака да се фрли. Тука, навидум случајно, се сретнува со самопрогласениот поет Горјан, и транс-жената Ева. Оваа линија е испреплетена со сеќавања од неговото минато од кои ја дознаваме причината за неговото доаѓање до оваа крајна станица. Картите се отвораат, маските паѓаат, вистината излегува на виделина...

„Напишана мајсторски, навидум лесно и лежерно, но всушност, драмата „Самоубиство во самоодбрана“ е повеќеслојна и под површината крие силни пораки и критики, и кон општеството и кон поединецот, како негова основна единка. Токму ваквата критика предадена преку хуморот, иронијата и пародијата, му е потребна на човекот кој е оптоварен со секојдневните проблеми што ги носи современото живеење.“

Снежана Стојчевска, писателка

Книгата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, како проект од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност за 2021 година.

Промотор на книгата ќе биде рецензентот Снежана Стојчевска, а со свој читачки и театарски перформанс настанот ќе го збогатат актерите: Петра Ивановска, Јасмин Рамани и Огнен Велевски.

Љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат и во третото отворање на изложбата „Егоцентричен Вакуум“ на уметникот Ристе Мицевски.

„И повторно, добивам сила за уште еден чекор, па може и два, а потоа пак -назад, три па и четири. Егоцентрични кругови кружат околу обвивката на мозокот, силни вибрации го демнеат – волти кои не можам да ги поднесам, пискотници кои го забрзуваатм пулсот и чукањето на срцето. Врева која ги надразнува гласниите жици, но сепак е сува тишина и празна кутија полна со пајажини. Се наближува и следниот егоцентричен круг, но пак е е празно и премногу гласно, не подносливи крици, а сепак тивко. Задишан од брзината на животот, отруен од гнев и осипан со безброј немири, ги гледам сегментите на живеење од прозорецот, низ кој се шират егоцентрични кружни бранови, се треси земјава, бетонски цигли паѓаат од небото, огнени саги го горат лицево – кожава потекува, а душава пишти... “

Верица Милорадова, писателка

Настанот ќе биде организиран согласно сите протоколи за заштита од Ковид-19.

ПР објава