Промовирана книгата „Зошто јас?“ од Мартин Јованоски

Добивај вести на Viber

Во присуство на бројни гости, вчеравечер (11 февруари) во просториите на „МладиХАБ“ во Скопје беше промовирана книгата „Зошто јас?“ од авторот Мартин Јованоски. Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Оваа автобиографска книга ја истакнува важноста на менталното здравје и менталната хигиена, а истовремено дава одговор на најважното и најчесто поставувано прашање: „Зошто јас?“.


– „Зошто јас?“ е прашање што секој од нас си го поставил во одреден момент од животот. Во потрагата по одговорите се насетуваат два избора: тешките искуства за некого ќе бидат нешто што само ќе го преживее, а за некој друг – нешто што ќе го врати во живот. Да се напише оваа книга е да се допре душата на секој од нас, но и личен терапевтски процес. Ставањето на хартија на нашите искуства и доживувања е навистина лековито искуство. Моментот во кој тие ќе заиграат пред нашите очи и ќе ја прочитаме својата приказна е момент во кој сме си ја дозволиле ранливоста, сме го скротиле егото и сме ѝ дале светлина на внатрешната реалност. Тој момент е истовремено и моќен, бидејќи само од позиција на препознавање на својата вистина и љубов за себе можеме да го исцелиме она што боли. За сите кои ја запознале анксиозноста, ова четиво ќе биде вистински скапоцено, бидејќи ќе станат свесни дека не се осамени во тоа искуство. Таа доаѓа во повеќе форми и може да зборува на различни јазици, но секогаш претставува покана за една поинаква средба со себеси – истакна промоторката на книгата, магистер-психолог, семеен советник Ивана Станковска во својот осврт кон делото.


 „Зошто јас?“ е прво авторско дело на Јованоски, пишувано исклучиво од сопственото искуство во борбата со анксиозноста, паничните напади и депресијата, а мотивирано единствено од желбата да го поштеди читателот од сопствениот пекол.

– Книгата „Зошто јас?“ ја замислив како финале на мојата долготрајна борба. Искрено четиво без шминка и цензура, без никакво оптоварување како ќе звучат најголемите стравови испишани на хартија. Подадена рака до останатите како мене, потсетник дека ништо не е готово, колку и да се чини тешка и нерешлива ситуацијата во моментот. Очајот, бесот и болката со кои бев исполнет вечерта кога решив да ја создадам „Зошто јас?“, ми послужија како гориво за да ја истурам фрустрацијата и беспомошноста и да го напишам делот број еден. Научените лекции, проширените видици и мирот кој го почувствував во себе, во меѓувреме ги испишав во вториот дел. Ги споив двата дела и излезе нешто едноставно и чисто, нешто различно од сѐ што досега ни е понудено поврзано со анксиозноста и распламтените нерационални стравови. Главната порака на книгата е едноставна: анксиозноста е многу реална и опасна, постои и се шири со огромна брзина. Затоа ја напишав и ја дадов книгата со мојот живот на сите, буквално на сите. Таа е исповед, потврда дека е нормално да се почувствува немоќ и мака во ова лудо време. Знаете, и јас едно време верував во она што ми беше презентирано по социјалните мрежи, во тие идеални животи полни среќа, љубов, мир и едноставност. Откако погледнав со други очи, се уверив дека 90 % од тие приказни се лажни и нереални. Меѓутоа, штетата што ја прават е огромна. Затоа, баш затоа, решив да кажам наглас дека јас сум анксиозен! Дека се борев низ животот и не ми цутеа рози. Сум почувствувал немир, сум се борел со сопствените мисли и сум губел. Многупати сум губел и сето тоа е во ред, сѐ е нормално – рече Јованоски.


Мартин Јованоски е роден 1989 година во Скопје. Во 2013 година дипломирал на Економскиот факултет, а во 2017 магистрирал на тема „Улогата на електронското работење во банките: анализа на капацитети и реални предизвици“. По стекнувањето лиценца за овластен сметководител, се вклучува во понатамошното унапредување на постојниот семеен бизнис од областа на финансиско-сметководствениот консалтинг.


„Зошто јас?“ (Мојата борба со анксиозноста, стравовите и со паничните напади) веќе е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.