Промовирана „Радосница“ од Калиопи Трпчева во „Литература.мк“
Низ шарените страници на радосницата, која е осмислена и нацртана од академската сликарка и графичка дизајнерка Калиопи Трпчева, родителите може да ги внесат сите податоци во првата година на своето дете: од периодот на бременоста, раѓањето, првото капење, прошетка, патување, првите запчиња и чекорчиња, па сѐ до првиот роденден. Го следи растењето на детето, месец по месец, меморирајќи ги најинтересните мигови, промени и новости.
Авторката изјави дека радосницата е работена со многу љубов во перидот кога се родило нејзиното прво дете, синот Марко, кому му го посветува ова дело.
– Идејата за радосницата настана кога станав мајка. Откога се роди мојот син сфатив дека некои мигови, ако не ги забележам со збор-два и добра фотографија, многу брзо се забораваат. Времето поминува, децата растат. А мислам дека и Марко, кога еден ден ќе ја разгледа радосницата, ќе му биде драго да прочита нешто што правел, а што не го памети. Најпрво нацртав бројки, по месеци, за да го фотографирам со нив. Потоа почнав да ги запишувам сите моменти кои треба да ги запомнам за моето дете: тежина, должина, прво запче, прва прошетка... Сето тоа што го запишав заедно со бројките и фотографиите почнав да го лепам во едно блокче за да не ги загубам. Секоја негова дремка ја користев за цртање и боење, што ме релаксираше. Цртав од љубов, со големо внимание, со дрвени боички и фломастери. Така, кога видов колку интересно и креативно излезе, и откако добив позитивни коментари од моите пријатели, решив нацртите да ги реализирам дигитално, да биде достапно за секој креативен родител– рече Трпкова.
Промоторката на изданието, поетесата Ана Голејшка Џикова, во освртот кон изданието рече:
– Оваа концептуално дело на нашата уметница Калиопи Трпчева е изникнато од природната потреба на мајката, т.е. на родителите, да ги зачуваат сите моменти од раѓањето на детето, до неговото официјално станување едногодишно дете... Мене, како мајка, која е истовремено и автор и пишувач, ваквите креативни процеси ми се многу добро познати, и навистина се многу важни во периодот кога сме тазе родители и секој миг со детето ни е драгоцен. Со „Радосница“, секој родител може да направи еден приватен свет од слики и спомени, притоа и интерактивно да се забавува. Лично ме израдува и ми се допадна што илустрациите се оставени во црно-бела боја и во иднина самите деца, но и родителите можат да ги бојат и да им дадат личен печат. Радосницата функционира на две нивоа, споменарско и едукативно, што е супер шанса да израдувате некои новопечени родители и да им го разубавите периодот што доаѓа за секој месец да го пополнуваат ова парче уметност со животот на нивното дете – рече Голејшка Џикова.
Оваа радосница се разликува од останатите по тоа што, покрај тоа што има простор за допишување и додавање фотографии, може да се обои, по желба на родителите. Таа е веќе достапна за продажба во сите книжарници на „Литература.мк“.
Новото издание за креативни родители, „Радосница“ од Калиопи Трпчева, беше промовирано вчеравечер (31 октомври) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Радосницата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е наменета за сите родители кои сакаат на интересен начин да ги бележат поважните моменти на своето новороденче.