Промовирана стихозбирката „Јас сум Цако“ од Александар Матовски-Цако
Песните од книгата, што е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации, се нежни и едноставни.
- Цако ги ниже песните како бисери, за секоја драга личност по една. Запишани се онака како што ги доживува, како лирски слики. Од нив извира чиста емоција од некој што животот го живее со полни гради и чиешто мото е: човек кога е со љубов, ќе постигне повеќе. Токму таа, љубовта, е централна тема во поезијата на Цако. Кон дедо му, семејството, неговиот идол Тоше, жените, природата, животот воопшто. Тие се парчиња од мозаикот што ја сочинуваат синтагмата „Јас сум Цако“. Неговата поезија, како и сѐ она што го прави тој, се вистинска инспирација за лицата со попреченост – истакнаа од „Арс Ламина“ на промоцијата.
Александар Матовски-Цако почнал да пишува поезија на осумнаесетгодишна возраст, а оваа поетска трилогија е создадена во периодот од 2009 до 2019 година.
Тој вели дека желбата за поезија кај него постоела одамна, но никогаш не била објавена на ваков начин. Ја имало во некои негови интервјуа и слично. Таа се родила паралелно со неговата радиоемисија „Јас сум Цако“ на Радио МОФ, во која ги чита и своите песни.
– Така се вљубив во поезијата. Оваа книга е изработена со љубов. Тоа е и мојата инспирација да пишувам нови и нови песни. Стиховите ги посветувам на сите оние што сакаат љубов... Не е важно каква емоција имаш. Само да е емоција. Така излегуваат моите најубави песни. Како и во емисијата, така и во книгата „Јас сум Цако“ во песните се кријат емоциите и надежта за подобро утре. Моите песни носат пораката за сите љубители на пишаниот збор. Пријатели мои, бидете живи, здрави, креативни и читајте книги – рече Цако.
Промоцијата беше збогатена со проекција на шестминутното видео „Чија е оваа песна“, снимено по сценарио на Александар Матовски-Цако, а посветено на неговата мајка, Снежана Матовска. Таа се обрати пред преполното кино „Фросина“, истакнувајќи ја важноста на семејството во растењето и интеграцијата на лицата со попреченост. Таа им се заблагодари на присутните за поддршката што му ја даваат на Цако.
Следуваше музички настап на гитаристот Неврус Бајрам, придружуван од поетесата Ана Голејшка Џикова, која пееше и читаше поезија од стихозбирката „Јас сум Цако“. Промоцијата заврши со танцова точка на студиото „Денсерс јунајтед“, каде што членува и Цако. Тие изведоа кореографија на песната „I`m only human“, повикувајќи на прифаќање на различностите.
Александар Матовски-Цако (1991), иако е роден со Даунов синдром, вклучен е во редовниот воспитно-образовен систем. Минатата година дипломираше на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на групата предучилишно образование. Тој е член и на здруженијата Инклузивни решенија КРИК и „Трисомија 21“. Автор е на радиоемисијата „Јас сум Цако“, која веќе пет години еднаш месечно се емитува на интернет-радиото Радио МОФ. Повеќе од десет години тренирал карате во карате-клубот во Ѓорче Петров и е носител на кафеав појас. Во моментов е дел од танцовиот клуб „Денсерс јунајтед“, формација Даун синдром, со кој има освоено повеќе државни, европски и светски титули и златни медали во пара-категорија.
Тој е голем активист и борец за човекови права и правата на лицата со посебни потреби. Цако се има претставено со сопствена презентација на Светската конференција за лица со Даунов синдром во Обединетите нации.
Книгата „Јас сум Цако“ веќе е достапна е во сите книжарници „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.
Во емотивна атмосфера, со музички и танцов перформанс, проекција на видео и читање поезија, вчеравечер (25 февруари) во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, беше промовирана стихозбирката „Јас сум Цако“ од Александар Матовски-Цако.