Протоереј Иван Гошевски за постите и за дилемата – дали се пере и чисти за празник и зошто добрите луѓе повеќе страдаат

Добивај вести на Viber

Додека разговарате со Протоереј Иван Гошевски, Старешина при Храмот „Свети Архангел Михаил“, чувствувате мир и спокојство. По молитвата, со неговиот пристап сосема спонтано ќе ви ја приближи и Библијата. Ќе ја напуштите црквата духовно збогатени и со телесно олеснување.

Протоереј Иван Гошевски дава одговори повзрани со велигденските пости и нивната телесна и духовна страна.

ЖМ: За сите православни верници пред извесно време започнаа неколкунеделните големи Велигденски пости, кои завршуваат со празникот Велигден. Кои се правилата на верниците кои постат?

- Овој пост уште наречен и велики пост е посветен за подготовка и во чест и спомен на Воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Велигденскиот пост се пости строго без масло од понеделник до петок, освен сабота  и недела, кога е дозволено маслоа за  Благовец и Цветници е благословено да се јаде и риба. Исто така треба да се напомене дека велики четврток согласно типикот се пости на масло и чаша црвено вино во чест и спомен на тајната вечераа велики петок и велика сабота кога нашиот спасител Господ Исус Христос бил распнат и предаден да биде убиенцелосно воздржување од  храна и пијалаци. Треба да  напоменеме и дека првите три дена од постот согласно типикот на православната црква монасите и поревносните христијани во светот држат тримир. Тоа е тридневен пост во целосно воздржување од јадење и пиење.

ЖМ: Важно на ум е да се има и духовната страна на постот. Која е таа?

- Постои телесен и духовен пост. Телесниот пост е кога се воздржуваме од одредена  храна и пијалаци а духовен  постот е кога душата се воздржува од лоши помисли , зборови и дела. Полезен ни е телесниот пост, зошто ни служи за умртвување на страстите  но душевниот пост толку ни е потребен, што телесниот пост без него е безвреден. Многумина постат со телото, но не постат со душата многумина постат со храна и пиење, но не постат од лоши помисли, зборови и дела, и каква им е ползата од тоа? Вистинскиот пост е воздржување од секое зло но без молитвата и останатите добродетели е само една обична физичка дисциплина, диета, па дури и суета и прелест.  Што значи дека кога постиме треба редовно да ги посетуваме богослужбите да се исповедаме и да вршиме добри дела односно милостина на оние на кои им е нај потребно.

ЖМ: Некои луѓе постат првата или последната недела и се причестуваат. Која е разликата меѓу нив и оне кои издржуваат седум недели?

- Во православната црква постојат верници по традиција и верници по суштина. Оние верници кои ја постат првата и последната недела и се причестуваат на своја рака без благослов на духовник, ги нарекуваме верници по традиција. А оние верници кои постот го започнуваат со благослов на духовен отецго постат според благословот кој им е даден и се исповедуваат кај својот духовник, црквата ги нарекува верници по суштина. Добро е да се знае дека секој член на православната црква треба да има свој духовен отец кој ке го води на патот до спасението. Никој нетреба сам да си додава или одзема од  постот, тоа е исто како некој кој боледува од некое срцево заболување и лекарот му препишал соодветна терапија за таа болест, тој самиот на своја рака да зема терапија за бубрезите или за некој друг орган во телото, а не за срцето. Така е и за постот, православната црква пропишала правила а духовниот отец е тој што разрешува според силите на духовното чедо.

ЖМ: Дали е грешна личноста која не пости?

- Да секако дека не постењето  е грев. Црквата пропишала правила за постот, независно дали се тоа еднодневни или повеќедневни пости, но секако дека се прави  и исклучок за одредени лица во зависност од старосната граница, здравствена состојба или колку лицето е навлезено во духовниот живот. Многумина веднаш се откажуваат од постот велејќи дека е тешко и дека не можат да издржат поради некаква причина, а со тоа се воведуваат самите во грев. Оние што постат за прв пат во животот, духовниот отец благословува полесна форма на постот, сѐ со цел полесно да се навикне и душата и телото на постот. Малите бебиња најпрво цицаат млеко од мајката, потоа јадат кашички, а кога ќе израснат запчињата, јадат тврда храна, исто така е и со оние кои прв пат постат во животот, духовникот полека со поуки ги воведува во духовниот живот.

ЖМ: Кога е празник, домаќинката не смее да чисти и да пере дома. Од каде потекнува ова размислување и колку е вистинито? 

- Никогаш не треба да даваме значение на разните суеверија кои го притискаат нашиот народ.  Да, точно е дека во минатото  домаќинките не переле на големите празници и неделите, но не переле поради сосема друга причина, а тоа е: во минатото реките биле машини за перење, а рацете на домаќинката била центрифугата,  луѓето биле многу побожни и редовно ги посетувале празничните и неделните богослужби со што поголемиот дел од денот го поминувале во храмовите Божји. Немајќи време по богослужбата да се соберат алиштата да се однесат на реката и да се исперат, тоа домаќинката го одложувала за друг ден, кога ќе може да си ја зафати работата од самиот почеток на денот. Токму заради тоа останало кај нашиот народ верување дека не се пере на празник или во недела, а со самото тоа преминало и во суеверие. Денешниот современ свет го олеснува секојдневието на човекот и буквално со притискање на едно копче алиштата се перат самите. Истото важи и за чистењето по домот, доколку не го минеме денот на Литургија и во храмот Божји, тогаш не постои никаква пречка за средување на нашиот дом или завршување на некоја друга работна обврска.

ЖМ: Луѓето од лични примери или од околината, често констатираат дека добрите многу повеќе страдаат од лошите. Зошто?

- Гревот не се измива без страдање, оние што имаат неволји заради Христа тие ќе добијат и благослов од Господа. Честопати луѓето прашуваат зошто праведниците страдаат, а грешниците не. Во блаженствата дадени од Бога ни се укажува дека сите луѓе што страдаат поради некаква причина на овој свет ќе бидат утешени од Бога, а во книгата на праведниот Јов е даден одговор на едно од најкомплексните прашања на човековото постоење, поврзани со проблемот на доброто и злото во овој свет. Господ допушта да секој човек има искушение, но не повеќе од тоа што можеме да поднесеме и да го издржиме, а со тоа ја јакнеме нашата вера и го вежбаме нашиот дух. Оние луѓе што прават добро на овој свет и се праведни, ќе ја видат наградата од Бога, а оние што се грешници и прават зло во овој свет, ќе ја видат казната и осудата од Бога. Човекот со сите свои слабости не треба да суди никому според неговите дела, тоа е работа на Бога, кој е единствен праведен судија и тој ќе ја даде својата награда на заслужните, а истовремено и својата казна на грешниците.  Добро е кога имаме искушенија и страдања бидејќи, тоа значи дека Бог мисли на нас и не оставил. Доколку ѐе ни е добро во животот, бргу ќе заборавиме на Бога и ќе се почувствуваме семоќни, а со тоа ќе ја загубиме нашата душа. Тешко си на оние кои во животот грешат и имаат сѐ, а своето богатство не го користат за спасение на своите души туку за своја сопствена осуда.

ЖМ: Кој профил на луѓе најмногу доаѓаат кај Вас и што најчесто ги мачи? Како им помагате?

- Храмот Божји е отворен за сите луѓе кои го призиваат Бога. Кај нас доаѓаат буквално сите профили на луѓе. Во православните Храмови се извршуваат Свети литургии, Свети тајни и разно разни Свети молитвословија. Заприметно е во последната деценија во сите Храмови, а особено во нашиот присуство на млади луѓе кои од најмала возраст ги воцркувуваат своите дечиња учејќи ги на вистинските вредности кои ги проповеда Светата православна црква. Најчесто луѓето од нас бараат објаснување како треба да се постапува за одредена работа, но онака како црквата пропишала, а не како е по некоја традиција или обичај, бидејќи во Македонија постојат разно разни традиции и обичаи кои за жал многу од нив се косат со црковните правила. Како духовни пастири на нашето паство му помагаме на тој начин што редовно ги исповедаме нашите духовни чеда, им даваме разно разни духовни поуки кои ќе им користат на патот на нивното спасение и редовно богослужиме во нашиот Храм.

ЖМ: Која е вашата порака до православните верници? 

- На крајот би сакал да упатам покана до сите православни верници редовно да ги посетуваат богослужбите во православните храмови, а особено во овој великопосен период од годината, кога се подготвуваме да го дочекаме Светото Христово Воскресение.

Нека се лесни и Богоугодни претстојните пости.

Соња Алексоска Неделковска