Првата дама на Бугарија е во болница и во тешка состојба: Има аневризми по прележаниот ковид-19

фото:BGNES/wikipedia

Првата дама на Бугарија, Десислава Радева, сопруга на бугарскиот претседател, Румен Радев, е примена во софиската болница „Свети Иван Рилски“ во тешка состојба, јавуваат бугарските медиуми. 

Медиумите се повикуваат на изјави од лекари во болницата, кои изјавиле дека нејзината состојба е сериозна, но засега стабилна. Официјални информации нема ниту од болницата, ниту од Кабинетот на Претседателот на Бугарија, Румен Радев.

На првата дама на Бугарија, како што известуваат бугарските медиуми, ѝ биле направени сите испитувања, со цел да се превенира евентуално дополнително влошување на состојбата, но не ја исклучуваат можноста врз неа денеска да биде извршена и посериозна интервенција.

Радева била примена на невролошкиот оддел во болницата „Свети Иван Рилски“ во понеделникот попладне откако се пожалила дека 12 часа има силна и непрекината главоболка. Испитувањата и ангиографијата покажале дека таа има три аневризми во мозокот.

Во текот на вчерашниот ден преку интервенција врз артериите била направена и проверка на состојбата на аневризмите.

Аневризмите, според нив, се последица од прележаниот Ковид-19.

Десислава Радева беше позитивна на корона вирусот во средината на февруари. Тогаш таа и нејзиниот сопруг поминаа 10 дена во изолација и ги одложија сите предвидени активности во тој период.

Не е познато колку тешки биле симптомите и како таа се справила со вирусот, но како што тврдат бугарските медиуми, оттогаш таа воопшто не се има појавено во јавноста.