Прво, па...

Добивај вести на Viber

Влеговме во 2022 со надеж за поубава година, без корона, без нови соеви, без нови мерки. Влеговме исто толку неоговорно како што си бевме неоговорни кога требаше да се стрпиме со полнење на кафеаните и држење дистанца. Не, не велам оти не требаше да се слави, велам дека требаше кафеанџиите да имаат воспоставено ред, иако и нив можам да ги разберам зошто еуфорично дозволија да трешти музика и да се пее во преполнетиот простор во кој и онака (дури и да немаше корона) еден грипосан ќе зарази многумина. Дечки од власта, да бидам кратка и јасна (за да можам да си се вратам на темата)...мерките ви беа и фуј и бљак, да бевте поорганизирани и поефикасни, немаше да го изгладните народов желен за забава, дружба и најважното, барем за миг да се заборави дека струјата и парното ќе ни ја доодерат кожата која и онака ни беше подизлитена на некои места. Да бевте со народот како што велите сите кога има кампањи, ќе знаевте оти живеачкава станува секоја година поскапа, а крајот не се гледа. Потфрливте, фала на внимание....се враќам на темата, доста ви беше.

Секоја година, па и оваа една од најубавите вести ми се колку бебиња се родиле веднаш по полноќ. Не знам зошто, можеби оти новиот глас-плач ми е синоним за верба, за нов живот и надеж дека некако тоа ќе има одек кај сите нас. Секогаш кога не знам што со себе и кога ме јадат моите демони, ќе ја погледнам ќерка ми и си велам “ајде Ано, стегни се и терај напред”. Многупати сум рекла дека ќерка ми ме спасува сама од себе со самото нејзино постоење. Ете, можеби затоа и убави ми се тие вести дека се родиле толку и толку бебиња, дека едното е од ковид центарот и дека наскоро ќе си оди дома, бидејќи се добро со мајката. И седната кај моите пред ТВ (и официјално веќе немаме телевизор дома со Нина, оти нит го користевме стариот, нит имавме потреба да собира прашина) ја слушам веста за првото родено бебе, машко и четврто по ред на мајката. Која радост е полна куќа детска смеа, какво богатство е тоа за секоја жена која сака да има деца и која се решила да раѓа, нели? На таа мајка ич не и’ е важно дали ќе роди девојче или момче, туку како и секој родител си вели да е живо и здраво. Но, нашиве телевизии тоа го претставија дека се родило “прво, па машко” и дека тоа значело плодна година. Ок, тие што родија девојчиња да ги вратат оти нема да им биде плодна годината или?! Не научивме дека некои нешта се надминуваат само доколку не им се придава значење. Она што сакам да кажам е следно...се родило дете во првата минута или две по доаѓањето на новата година, се родила нова надеж. Секое родено дете е благослов за семејството, па и државата, сеедно дали е машко или девојче. Можеше да биде и прво, па женско и повторно ќе важеше истото...годината ќе е плодна и убава. 

Сфатив дека и 2022 ќе е година во која ќе мора многу да се зборува за улогата на жената, за нејзината важност во општеството, за тоа дека мора да се надминуваат предрасудите кои (за жал) се’ уште ги имаме кога се во прашање поделбите на мажи и жени во секој сегмент од нашево битисување. Веќе сум помирена дека тоа ќе е битка која ќе трае долго и која ќе мора да ја продолжат и нашите ќерки, со надеж дека ќе израсне нова генерација која ќе е многу посвесна за ова прашање.

Читам по порталите преземена вест од Хрватска, која се однесуваше на одамна завршената врска меѓу Данијела и Грашо, а која уште е интересна за медиумите од само ним познати причини. Никој не се замара после година дена за раскинот меѓу било кои двајца, освен ако не се јавни личности, па се добар материјал за зголемување на читаноста. Нејсе, веста беше дека оној Грашо ќе се женел со новата девојка, а ”замислете ви се молам, не и’ предложил брак на Данијела по минати 24 години заедно”. Ма страшно! Замислете само да си отворите интернет и да си се најдете на насловни страници како по 24 годишна врска некој не ви предложил брак, а наводно ќе се жени за некоја со која е кратко време. Која перверзија! И не ми кажувајте само дека штом се јавни личности треба да го очекуваат тоа и останати дрнданици, оти не е така. Луѓево имаат глас даден од Бог или Универзумот, не се јавни и славни со голотија или скандали, туку се дел од уметноста наречена музика. 

Зошто никаде не видов наслов дека после 24 години Данијела не го земала Петар за маж?! Зошто треба да биде жената таа која ќе се спомнува во контекст “греота, му ги даде најубавите години од животот, а тој не ја зеде за жена”! Демек, некој да ве “земе” е награда и треба да сте почестени? Можеби вистината е сосем поинаква, можеби жената не сакала да се откаже од својата слобода (ова е изразот кој се користи кога мажите се женат, па го употребив баш во таков контекст иако не го сакам и не се сложувам дека слободата=самотија/нестапување во брак). Можеби тој ја просел повеќе пати, но таа рекла дека не сака брак и семејство, дека не сака да има деца и дека сака животот да си тера како претходно. Зошто е потребата да се извитоперат работите и жената да е таа која е “зезната”, неземена, отфрлена, заменета со нова/помлада/позгодна итн. Одговорот е многу едноставен, затоа што мажот по дифолт е во поповолна ситуација кога станува збор за раскинување врска/брак. И кога велам поповолна ситуација, не мислам дека е тоа навистина така, туку дека е тоа општо прифатена ултимативна вистина, амин!

И во првата ситуација со раѓањето на новото бебе во 2022 (да се сите живи и здрави и со к’смет низ животот да тераат) и во овој случај со Данијела и Грашо зад веста стојат медиумите, дали се тоа телевизии, портали, радио....сосем сеедно. Муабетот ми е дека како се пренесува веста, така луѓето ја перцепираат вистината. Вие, драги мои медиумски работници ја имате можеби и најважната улога за пренесување на вистината до слушателите или читателите, затоа внимавајте како го правите тоа. Вие имате директна улога во едуцирањето, затоа искористете го тоа онака како што треба и како што доликува. Се роди здраво и право дете на почетокот на 2022 година, дар и благослов. Петар Грашо ќе се жени (точка). Луѓето читаат, гледаат и слушаат она што ќе им се сервира, затоа сервираното нека е со добар вкус и да биде убаво за око и уво. Борбата продолжува, онаа за еманципација на жената, против шовинизмот, против предрасудите.

Ви сакам успешна година, ви сакам поголема свесност за сите проблеми околу нас со кои се соочуваме и да се избориме заедно за да имаме поубава иднина...оти тоа ќе им го оставиме на нашите деца. Да сте ми живи и здрави во новата година, ќе се дружиме и следниве 50 и кусур понеделници.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска 

Порано машко дете ко ќе се родело

Тапани до зори биеле и куќите од гости крцкале

Та наречници се ределе

Која поубави думи да кажи

Оти јунак на светов дошол

Тој

Што името татково ќе го продолжи

И куќата празна не ќе ја остави

На старост за мајка си и татка си ќе се грижи

И пак домот со дечиња ќе го наполни

Порано

Ама не толку одамна

Женско дете ко ќе се родело в куќи

Како болест да ги навјасала сите

И молк

Мува да помини, зуењето да и’ се слушни

Оти женското дете од домот ќе летни

И нечие туѓо презиме ќе носи

И ниту мајка, ниту татко ќе гледа

Та веселби не се праеле

Дури и некојпат комшиите се прекрстувале

За да не ги снајди клетвата ко кај оној од карши

Кој три пати по ред чупиња изгледал

А кај мене пак во фамилија

Ете само женски се раѓаат

Јас

Една на мајка и татко

И ќерка и син

А и од мене чупенце излезе

Та да ми е да си поживеам подолго

И да видам дал и ќерка ми

Со ќерка благословена ќе е

Оти ете

Кај мене женското од Господ е дар

И знам некојпат на шега татко ми да го чепнам

Дали наместо Ана, Андреј сакаше да бидам

За да можи и тој во гради да се тупни гордо

И со синот наоколу да се фали

А татко ми пак

Само малку ќе се поднасмее, сосем малку

(Оти троа отпоќе сериозен е

Или мајка ми шо би рекла “табиетлија си е чоекот”

Та ко ми е лута вели оти семката прилепска ми е)

И само ќе ме праша

Во што сум од маж поинаква

Освен шо на чупе личам

И некојпат инает ко жена во ПМС терам

И ко ќе помислам поубо

И навистина некоја разлика нема

Освен во умот на луѓето

Ама па тој да го смениш не можиш

И не џабе се рекло дете ко ќе се роди

Само живо и здраво да е

Да биди к’сметлија во животот

И многу мака да не види

Да му е патот широк и рамен

Со по некое камче ваму-таму

За малку да се препнува

Колку да не заборави оти не е се’ мед и млеко

Та машко или женско било

Чесно и арно да биди

Образот сиот живот бел да му свети

И устата да не си ја погани

Оти секоја лоша мисла умот го труе

И секое лошо дело со лошо се враќа

И за машко

И за женско

Оти дете е дете

И чоек е чоек