Психолог Ивана Станковска: На општествениот и образовниот процес му недостасува воспитна компонента

Добивај вести на Viber

Општествената клима влијае на секоја личност  афектирајќи ја на различни начини, исто како што и секоја индивидуа придонесува во креирањето на општествената  клима. Во средина во која има многу малку витална животна снага, радост и одговорно живеење на индивидуално и на колективно ниво, на сметка на депресивен и анксиозен животен амбиент во кој жонглираме помеѓу апатија и очај од едната страна, и бес и незадоволство од другата, тешко е да очекуваме децата кои сеуште се во процес на развој и немаат доволно развиени одбрамбени механизми, да бидат поштедени- вели психологот Ивана Станковска. Смета дека не се посветува доволно внимание на  воспитно –образовниот процес, и оттука потребно е токму идејата за воспитување низ образовниот процес да се врати во нашиот систем.

“Децата не можат да бидат рамноправни или еднакви со родителите, во таа смисла што хиерархиски, прво се родителите, а потоа доаѓаат децата. Децата го добиваат животот од своите родители, и тоа е драгоцен дар кој едно дете никогаш не може да го врати на своите родители за да се изедначи со нив. Родителите се оние кои даваат, а децата примаат: љубов, внимание, грижа – уште од пелени”- потенцира Станковска.

Воспитание, образование, грижа

За да се испочитува воспитната во образовната компонента потребно е како што вели да се вклучат релевантните институции  заедно со граѓанските сервиси и родителите.  Низ различни механизми, форуми, едукации, работилници,  може да се развива оваа свесност и вештини за воспитување најпрво кај родителите, образовниот кадар и стручните лица; за да можат децата да го ползуваат она што им е најпотребно во  формативните години и процесот на психофизички раст и развој.

“Меѓутоа, тука станува збор за процесот на воспитување. На детето му е потребна структура во која ќе може да расте и да се развива, и да се подготвува за животот. Структурата подразбира поставување граници и правила во семејното функционирање. Додека во минатото важеше идејата дека дисциплината е позначајна од љубовта, и дека „фалено дете лесно се расипува“, денеска тенденцијата е во спротивната насока „многу љубов, малку дисциплина“. Првата тенденција придонесувала деца да развиваат висока адаптираност на средината, успешност но и ниско самопочитување, а втората, децата да постануваат неподготвени да се соочат со животните задачи (едукација, работа, партнерство) бидејќи разбрале дека нештата природно треба да им припадне и сите нивни желби да бидат задоволени, а секое однесување прифатено”- додава психологот Станковска.

Љубовта, дисциплината и вредностите

Љубовта според неа не смее да ја исклучува дисциплината, напротив. Детето секогаш треба да има доживување дека е сакано и вредно за своите родители, тогаш и кога ќе добие задача од родителите да направи нешто што тоа не сака.

“Љубовта за своите деца, не значи дека секоја нивна желба треба да биде остварена, или секое однесување прифатливо. За да можат да растат и да ги развиваат сите свои капацитети за квалитетен живот, независност и остварувања, детето треба секогаш да знае дека е сакано, и притоа, има потреба од граници и правила. Се разбира, за да можат да им понудат стабилна и континуирана структура на своите деца, важна е родителската присутност на квалитетен начин. На тој начин, детето ќе може да развива вештини како емоционална интелигенција, истрајност, исполнителност, (само)почитување, (само)доверба”- потенцира психологот.

Врсничко насилство

Неодамнешните  примери за врсничко насилство во училиштата често се рефлексија на состојбата во домот и семејството.

“Врсничкото насилство вклучува две страни – оној кој врши насилство, и оној кој е жртва. И за двете страни е значајно да биде повикано родителското внимание. Детето кое е жртва, има потреба пред сè од поддршка и заштита, а со детето кое изразило агресија врз своите врсници, е потребно да се работи на неговиот бес, ниската емпатија и почитување на своите другари. Се разбира дека овие ситуации го повикуваат семејниот систем, бидејќи во семејството се креираат значајните обрасци на формирање релации со себеси и со другите луѓe”- вели Станковска.

Додека порано се сметаше дека родителските вештини  природно доаѓаат и се подразбираат, веќе е сосема јасно дека родителството подразбира родителски вештини кои се учат и развиваат. Свесните родители денес  смета дека знаат дека сакаат да вложуваат во своите вештини за квалитетното и мудро родителствување.

“Се разбира, не постојат совршени родители. Но постојат свесни родители кои се посветени на развивање на својата родителска мудрост, и градење на заеднички родителски стилови, во родителскиот пар”- порачува психологот Станковска. 

C.Б.