Интервјуа // Интервјуа
Quill Art-филигран од хартија
Рачната изработка е доста ценета и нуди широки пространства на креативност. Вештите раце на луѓето кои се бават со рачна изработка од кој било тип, создаваат ремек дело врамено во оригиналност.
Quill Art е еден вид филигран од хартија, што бара доста внимание, трпение додека креативноста и имагинацијата се задолжителни. Финалниот производ секогаш ќе ве остави без зборови и ќе ве воодушеви од човековата имагинација и креативност.
Денес зборуваме со Елена и Александра од Quill Art Alef, кои ги поделија своите искуства и први чекори во врска со оваа техника.
Женски Магазин За почеток, раскажете ни повеќе за Quill Art?
Елена - Quill Art е техника, која кај нас, а и во светот е помалку позната. Всушност станува збор за филигран од хартија, со која се изработуваат фигури, букви, форми и слично.
Женски Магазин Од каде дојде идејата за изработка на лични имиња со оваа техника?
Александра - Искрено работата со оваа техника ни дојде од подарок кој всушност го добив за син ми, ни се допадна и решивме и ние да пробаме да изработиме. Всушност излезе подобро од очекуваното и првичната поддршка дојде од најблиските пред сѐ, а тоа ни даде мотив да продолжиме да се занимаваме и понатаму со овој вид на техника и уметност. Останатото е приказна за себе, задоволни клиенти и идеи и нарачки кои продолжија да се нижат.
Женски Магазин Колку време е потребно за изработка на едно вакво дело?
Елена- За изработка на ова дело потребно е пред сѐ многу креативност, трпение и желба за да работиш со овој вид на техника. Во зависност од тоа за каква нарачка станува збор, зависи и временски колку ќе одземе.
Женски Магазин Освен шарена хартија, што друго е потребно за да се изработи Quill Аrt дело?
Александра- За да се изработи Quill Art дело, најважна е уметноста и креативноста како главни два фактора што ќе ве водат низ целиот процес на изработка, а потоа потребен Ви е и специјален алат и лепило.
Женски Магазин Од каде ја добивате главната инспирација?
Александра- Главната инспирација доаѓа од сите агли. Природата, универзумот, секојдневните трендови и случки и слично.
Женски Магазин Што најчесто бараат клиентите кога порачуваат една ваква изработка?
Елена- Најчесто сите ни бараат нивното Quill Art дело да е најубаво •. Секако дека некои од нив имаат јасни идеи и желби, но најчесто оставаат и во потполност ни веруваат на нашата инспирација и креативност.
Женски Магазин Она што ни остави голем впечаток, е тоа што при изработката на едно име, останатиот празен простор во рамката е секогаш пополнет со друг мотив. Дали ова најчесто е желба на клиентот, или имаат целосна доверба во вас?
Александра- Првично е наша идеја, а и имагинација во потполност.
Женски Магазин Помеѓу изработката на лични имиња и фигури, што највеќе се бара всушност?
Елена- Се бараат најразлични содржини. Покрај имиња и фигури ни нарачуваат и лични текстови, логоа за фирми, љубовни мотиви, амајлии, животни и слично.
Женски Магазин Каде и како можат да се образуваат заинтересираните за оваа техника?
Елена- Заинтересираните можат да се образуваат на интернет за оваа техника. Многубројните туторијали нудат доста образовен материјал на оваа тема.
Женски Магазин Каде би можеле заинтересираните да ве најдат?
Александра- Сите заинтересирани можат да не посетат и контактираат на нашата ФБ страна Quill Art Alef
За Женски Магазин, Нина Беадер
Fb strana : https://www.facebo ok.com/BeaderHristina/
Web Strana : https://ninabeader.wixsite.c om/styleinmotion