„Работам во автомобилска индустрија во Шведска и се занимавам со комерцијално манекенство“: Марија Николова од Скопје освои 6-то место на изборот за убавина „Miss Europe Continental“

Добивај вести на Viber

Марија Николова (29) од Скопје, со моментална адреса на живеење во Гетеборг, Шведска е млада девојка која со комерцијално манекенство, каде што не се потребни стандардни димензии започнала активно да се занимава пред 3 години. Кога тоа почнаа да го дозволуваат социјалните платформи, па така Марија преку Инстаграм контактирала интернационални модни компании за реклама на нивните парчиња, во замена за бесплатни производи од самите колекции.

Магистерските студии ја однеле во Шведска, планот бил потоа да се пресели во некоја потопла земја, но сè уште тоа е само план. Веќе три години работи во автомобилска индустрија како контролор на систем за внатрешен и надворешен дел на возилата.

Вели никогаш не се занимавала со манекенство, барем не со оние идеални димензии 90/60/90, но од мала сакала да позира пред фотоапарат.

- Отсекогаш сум била заинтересирана за фотографирање, во смисла јас да сум „моделот“, како и за фотографирање на други луѓе. Ги гледам опкружувањата како потенцијална слика и така ја изразувам мојата креативност, па дури и во времето на Hi5, кога сè уште не постоеја социјалните мрежи Фејсбук или Инстаграм. Со комерцијално манекенство, каде што нема потреба од стандардни димензии за модел, почнав во последните 3 години преку Инстаграм, со тоа што сама контактирав интернационални модни компании за реклама на нивните парчиња, во замена за бесплатни производи од самите колекции. Веројатно, трудот се исплати, со тоа што почнав и да добивам понуди од различни брендови, посебно во последната година ипол. Би сакала да напомнам, дека ова ми е само хоби, коешто навистина ме исполнува.

Марија веќе 5 години живее во Шведска, планот бил да студира и да замине на некое потопло место, но планот сè уште се процесира.

-Се преселив пред 5 години во Шведска, со цел да учам на магистерски студии со програма фокусирана кон „Глобална логистика“ во Гетеборг, но немав во план да останам. Душава ми е премногу егзотична, за да не живеам во потопли предели. Целта за студиите се изреализира во јуни 2023 година, но реализацијата на планот за живеење на потопло место е подолга од планираното, се надевам ќе се исполни во наредните неколку години. Тоа се должи на посветеноста кон кариерата и бизнис можностите за недвижности – мојот најголем сон и долгорочен план за да се пензионирам порано.

ЖМ: Беше дел од изборот за убавина „Miss Europe Continental“, таму го освои 6-то место. Ќе ни раскажеш ли повеќе детали отколку ова. Кога се пријави, какви беа подготовките, колку девојки учествуваа, какво искуство ти донесе овој избор за убавина?

- На изборот учествуваа 40 девојки кои претставуваа различни земји од Европа. За жал, некои од нив прекршија некои клаузули од договорот за „лошо однесување“, а некои сами се повлекоа. Останатите 36 девојки, меѓу кои и јас, претставувајќи ја гордо својата земја, беа сами избрани и најдени преку Инстаграм од страна на регрутерите на MEC (Miss Europe Continental). Изборот вклучуваше 3 финалиња, каде што беа избрани првите 20 девојки, потоа првите 10, и блиску до крајот, првите 5 девојки. Победничката, односно Мис Европа, со којашто МЕС ќе соработува цела наредна година заедно со врвни брендови, требаше да ги има следните 4 особини: Самодоверба и движење на телото, убавина, тело и наводно „business mindset“. Процесот пред настанот, вклучуваше интервју со цел да ни објаснат за целиот настан, правилата и распоредот, како и да се осигурат дека сме тие коишто сме на социјалните мрежи, во однос на нашиот изглед. Искуството беше исклучително фантастично. Запознав не само прекрасни девојки, туку и навистина големи карактери со премили души. Имавме свој фризер, make up артист, како и свој личен дизајнер за гала фустан за финалето. 

Сите девојки имаа свој момент на црвениот тепих, следени од камерманите и фотографите. Имавме професионални тренери и кореографи коишто не упатуваа во целото движење за настанот. Неколку од девојките беа професионални модели, и тоа може да се види на самото шоу, а други објаснија дека се подготвувале пред настанот со професионален catwalk тренер, нешто што јас не го направив. Нешто што според мене беше аматерско од нивна страна, беше фактот што дизајнерите ги влечеа имињата од длабока чинија и беше чиста среќа дали и како ќе ти се погоди гала фустанот. Некои од предложените фустани не беа воопшто за таков настан. Мене ми се посреќи на тој план.

ЖМ: Дали во Шведска се занимаваш со манекенство или имаш друга професија?

-Магистерските студии за глобална логистика се завршени и јас сум пресреќна за тоа. Во последните 3 години работам во автомобилската индустрија на Volvo Cars како контролор на системот за внатрешниот и надворешниот дел на возилата. Од финансиски аспект е одлично, но се гледам себеси работејќи со поголеми предизвици, како секојдневно наоѓање на различни решенија за глобален транспорт, којшто навистина стана логистичка загатка, после пандемијата, како и поради фактот дека транспортот мора да стане еколошки поефикасен до 2050 година, според насоките на Европска Унија.

Се занимавам и со комерцијално манекенство кога ќе добијам прилика што ќе ми се допадне, нешто што ме одликува мене и секако во рамките на можностите. Последниот ангажман беше за шведски бренд за спортска опрема и имавме навистина прекрасна соработка, а сум соработувала и со брендови од Дубаи, САД и Австралија. Сега за сега е само хоби, со тоа што сакам да го посветам останатиот дел од времето на мојата кариера во логистиката.

ЖМ: Колку често доаѓаш во Македонија?

-Доаѓам најмалку 5 пати во годината, некогаш останувам за викенд, а некогаш по неколку недели во зависност од моите обврски.

ЖМ: Што најмногу ти недостасува од Македонија?

-Најмногу од сè ми недостасува фамилијата, најблиските пријатели, климата, храната секако, посебно зеленчукот. Имам чувство дека народот во Македонија не е свесен колку е благословен што има одлична клима и можност да се одгледуваат домашни производи, додека во Шведска, повеќето сè се увезува и навистина може да се почувствува огромна разлика по вкусот. Ми фали начинот на живот во смисла на спонтаноста на дружбите, ми треба да се развеселам во кафеана или некое кафуле

ЖМ: Дали си имала досега ангажмани за некоја модна куќа во Македонија?

-Добивав понуди од модни агенции додека живеев во Македонија, но како што кажав никогаш не се гледав себеси како манекенка, затоа што ги немав соодветните димензии. Таа перспектива се промени заедно со развојот на комерцијалниот свет. Генерално, мојот фокус отсекогаш бил кон градење на кариерата во логистика, иако манекенството ми било голема страст и хоби.

ЖМ: Какви се Швеѓаните како луѓе. Балканскиот менталитет е познат, но е сосема различен од луѓето кои потекнуваат од скандинавските земји?

-На почетокот бев тотално збунета и вчудоневидена од луѓето во Шведска, но живеејќи тука, сè повеќе и повеќе ги разбирам. Мојот прв впечаток беше дека се конзервативни, но во исто време искрено фини. Како сè повеќе и повеќе ги запознавам, гледам дека се неверојатно весели и скромни. Тие се задоволни со помали нешта како прошетки, скара покрај езеро и гледање на огнометот за Нова година, како најчест начин за прослава. Во природа се фамилијарни, љубопитни луѓе со отворени умови (open minded), кои љубовта ја искажуваат почесто со дела, отколку со зборови. Секако, сите се различни, но поголемиот дел го немаат физичкиот допир како знак за покажување на љубов во споредба со нас, како Балканци. Неверојатно е колку се смирени и трпеливи, овде никој не вика. Швеѓаните, меѓу другото, одржуваат голем личен простор „personal space“ и се чувствуваат непријатно кога луѓето стојат премногу блиску – или уште полошо, доколку ги допираат. Сите тука сме премногу сензитивни на врева и објектите се изградени со добра изолација и далеку од патишта каде што има многу сообраќај.

Некои смешни факти за луѓето што живеат во Шведска:

*Обожаваат „фика“ моменти, – тоа е нашето „ајде на кафе” и се познати по пиење големи количини на кафе.

*Децата во градинка, спијат надвор во колички кога е време за одмор. Не сите градинки го прават ова, но е сосема нормално. Швеѓаните веруваат дека е здраво да спијат на чист воздух надвор, па понекогаш ги оставаат децата во нивните колички, во надворешната страна од ресторанот или надвор од него.

*Поголемиот дел од луѓето избегнуваат да се тушираат во доцните часови, за да не ги разбудат комшиите.

*За средби со поголем број на пријатели, може да се договорат од 1 месец до година дена однапред.

Би сакала да напомнам дека имам веќе 5 годишна врска со Швеѓанец, кој е поголем Балканец од мене, и ниеден од напоменатите факти не важи за него. Неговата фамилија е претопла, често се гушкаат и се гласни како нас додека имаме фамилијарни средби.

ЖМ: Колку убавината која ја поседува една жена е предност за во одредени ситуации?

-Жени кои се самоуверени и љубезни, но сепак на земја, можат да постигнат многу, без разлика дали станува збор за поголема амбиција или ситуации каде што прават мали грешки, како доцнење на состанок или слично. Луѓето простуваат полесно на луѓе кои се полесни на очи. Научно е докажано дека гледајќи во убави лица, може да го зголеми нивото на допамин во нашето тело. Како и да е, без разлика на некои хумористични поволности како: повластен третман во редици, примање бесплатни пијалаци, љубезноста и искрените врски се повредни на долг рок и за градење почит. Бонтонот и доброто однесување, според мене, е новото секси.

ЖМ: Што тебе ти донесе убавината?

-За мене убавината не може да биде само физичка. Сè што сум добила во животот, во смисла на успеси, работа и можности, било благодарение на мојот труд, внатрешна убавина, во однос на мојата енергија и ѕвезда, кои можеби полесно биле искажани преку мојот надворешен изглед. Сметам дека сите луѓе се убави и секој може да најде начин да работи на себе, за да придонесе и за душата и за телото.

ЖМ: Колку ти е важно тоа што го носиш на себе да е брендирана облека или може да биде и удобно модно парче кое нема бренд?

-Секој ужива во поквалитетно парче на облека, но можам да бидам облечена во навистина поевтин избор, а да изгледам убаво и „богато“. Всушност добар стајлинг лежи во тоа да знаеш како да ги искомбинираш парчињата што ги имаш, повеќе од тоа колку тие вредат. Но, сепак сум девојка, и девојките обично сакаат да потрошат повеќе на поквалитетни чанти и чевли. Обожавам добро изработени специфични јакни.

ЖМ: Како ја одржуваш линијата? Дали внимаваш на исхрана и дали редовно вежбаш?

-Се трудам да вежбам редовно, минимум 4 пати во неделата, а начинот на исхрана ми е навистина здрав, не само затоа што има бенефиции за здравјето, туку се чувствувам поенергично и покомотно кога јадам здрава храна. Во последно време почнав и со ладни тушови од 30 секунди или „cold baths“ до 3 минути. Навистина има премногу позитивни страни, како подобра циркулација на крвта и зголемено ниво на допамин. Сите во Шведска страдаме од недостаток на Д витамин, и луѓето се посветени да прават работи кои им помагаат да се чувствуваат подобро. Пред да се преселам, навистина не знаев како е понекогаш да имаш анксиозност, додека тука не можеш да ја немаш од време на време.

ЖМ: Често патуваш (според објавите на Инстаграм) дали сакаш да патуваш и кое ти досега најубавото патување?

-Уфф, ме погодивте во срце. Целиот успех за којшто работам секојдневно е за да можам да бидам финансиски независна и слободна, со цел да имам слобода да патувам каде било во светот кога сакам. Можеби звучи неверојатно за повеќето, но тоа е целосно возможно доколку човек има план и цел и работи кон тоа. Навистина е тешко да издвојам омилено патување, зависи од многу аспекти, сите биле посебни на свој начин. Ако морам, би ги напомнала Калифорнија, Невада – познатиот Лас Вегас со сите несекојдневни атракции, Мајами со плажите на South Beach, Куба со разнобојниот шармантен град Хавана и преубавите тропски плажи во Варадеро, Мексико, Бахамас, Домениканска Република и Занзибар, Африка – каде што посета на дивото сафари е задолжително. Омилено европско место ми е Поситано и Санторини. Следна дестинација планирана за мојот роденден е Хаваи. Како и да е, кај и да сум во светот, секогаш ќе сакам да си дојдам дома, а дома е секако таму каде што се моите најсакани.

Габриела Додевска Глигоровска