„Рацете ни се врзани затоа, не можеме да дојдеме во Јужна Африка. Маја лежи таму во некоја мртовечница и немаме поим што всушност се случува“

Добивај вести на Viber

Полицијата потврди дека Маја Јанеска во петокот била пронајдена со прострелна рана во главата

Јанеска во моментот на нејзината смрт била во врска со Кајл Филипс, ко-директор на компанијата за цигари „Карнилинкс“ на Адријано Мацоти.

Полицијата не ја третира смртта на Јанеска како сомнителна, но семејството и пријателите изјавија за „News24“ дека не можат да веруваат дека таа би си го одзела животот.

Познатата шминкерка и бизнисменка Маја Јанеска – чие момче, тајкун (за цигари), Кајл Филипс, му помогнал на лидерот на ЕФФ Џулиус Малема да ја плати даночната сметка – починала од прострелна рана во главата, потврди полицијата.

Полицијата за „News24“ изјави дека отворила увид во врска со смртта на Јанеска, што значи, во оваа фаза, дека тоа не се третира како сомнително од органите на прогонот. Полицијата добила повик за лице кое наводно се самоубило во „Bassonia Estate“. По пристигнувањето на дадената адреса, полицијата пронашла жена во спалната соба со прострелна рана во главата. До неа имало огнено оружје. Брзата помош констатирала смрт“, изјави портпаролот на полицијата, потполковник Мавела Масондо.


„News24“ од извори дознава дека Филипс на блиските до инцидентот им кажал дека во моментот на смртта на Јанеска бил во куќата и се упатил кон собата каде што била пронајдена.

Поранешната сопруга на Филипс, Трејси, ја оспори оваа приказна за настаните, но не можеше да даде никакви детали за тоа зошто. Таа рече дека Филипс е „уништен и шокиран од оваа трагедија“.

Таа рече дека тој „ќе соработува со истрагата“.

Шокантаната смрт на популарната македонската инфлуенсерка на Инстаграм, чии 1,2 милиони следбеници вклучуваа и познати личности, го остави во тага нејзиното семејство во земјава, како и нејзините пријатели во Јужна Африка.


Роднина, кој побара да остане анонимен, изјави за „News24“ дека семејството е во „апсолутен шок“ од катастрофалните вести.

„Нашите телефони не престанаа да ѕвонат; сето ова е ново за нас. Ние сме во Европа, а рацете ни се врзани затоа што не можеме да дојдеме во Јужна Африка поради проблеми со визите. Маја лежи таму во некоја мртовечница и немаме поим што всушност се случува“, додаде роднината.

Според нејзиниот роднина, семејството на Јанеска дознало за нејзината смрт преку еден од поранешните соработници на Филипс, кој им се јавил да им каже дека нејзиното тело е пронајдено, а дека самоубиството е сомнителна причина за нејзината смрт.

„Таа понекогаш се плашеше за својот живот. Нејзиното момче имаше мажи кои работеа за него, а таа се плашеше и од нив. Срцето ни е скршено и сериозно не знаеме што да правиме".

Роднината додаде дека, кога Филипс ги контактирал за смртта на Јанеска, изгледал „вознемирен“.

За блиската пријателка на Јанеска, Ива Ристиќ, веста за нејзината прерана смрт беше „срцепарателна“ и невозможна за обработка.

„Разговарав со неа во четвртокот, и таа не сакаше да се самоубие. Таа не беше таква личност“, рече таа.

Таа додаде:

„Таа штотуку се врати од дипломатско патување во Македонија. Беше толку убава жена, полна со живот, многу талентирана и амбициозна. Таа беше добро запознаена со министрите во земјава и шефовите. Таа го сакаше животот и не разбирам зошто некој би и наштетил на каков било начин.“


Објавите на Јанеска на социјалните мрежи и медиумските ангажмани ја прикажуваат како расположена и амбициозна жена, која беше решена да успее.

Во обраќањето до студентите на универзитетот, само девет дена пред нејзината смрт, Јанеска раскажа како на 19-годишна возраст се преселила во Танзанија, каде што добила понуда да работи во хотел. Таму научила Свахили и започнала кариера како шминкер и стилист.

Таа ја повика својата млада публика да не се откажува од своите соништа.

„Можете да имате добри и лоши моменти во животот, но вие сте тој кој може и треба да прави промени. Желбата е едно, самодовербата е друго. Верувајте во себе, бидејќи само така ќе успеете", рекла таа.

На нејзината последна објава на Инстаграм, од 22-ри ноември, Јанеска е фотографирана со министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи. Таа објави дека ангажманот има за цел воспоставување дипломатски односи меѓу „мојата земја“ Република Македонија и „мојот втор дом“ Република Јужна Африка.


Објавите на Јанеска на социјалните мрежи и профилот на „LinkedIn“ покажуваат длабока промена од нејзиниот ран живот како шминкерка и блогерка за убавина кон аспиративен бизнисмен.

Таа откри дека „продолжува да расте“ меѓу другото во енергетска, рударска и тутунска индустрија.

Нејзината врска со Филипс – кој е ко-директор на компанијата за цигари на Адријано Мацоти, „Карнилинкс“ – беше опишана од оние кои ја познаваа двојката како „on and off“.

Парот сепак беше сликан заедно на свадбата во јули на ќерката на Мацоти на Ибица, на која присуствуваа и Малема и неговата сопруга.

Во 2015-та година, „Сандеј Тајмс“ објави судски документи, поврзани со даночниот спор помеѓу Малема и Службата за приходи на СА, кои откриле дека лидерот на ЕФФ им кажал на даночните власти дека Филипс му позајмил 1 милион Р. за да помогне во подмирувањето на неговата даночна сметка.


Извор: www.news24.com